Денес имаме две ударни вести од Nissan. Оваа што ќе ја читате сега е поударна и понова, така да, да почнеме од тука. Секој бренд под Renault Group добива свој мал електричен автомобил базиран на истата архитектура како новото Twingo E-Tech. Го видовме Twingo, го видовме Dacia Spring, а сега дојде редот и на Nissan.

Pixo е всушност име од историскиот каталог на Nissan, и претходно го носеше еден мал градски автомобил развиен во соработка со Suzuki. Соработката е клучен дел од стратегијата и кај новиот Pixo, овој пат со Renault. Верувам дека забележавте, но Pixo е братучед на новото Twingo E-Tech, а со тоа и Dacia Spring. Со оваа логика, Spring е втор братучед, а Pixo е прв братучед.

Океј, на страна семејни дрвја, ајде да ги видиме уникатните детали на Pixo. Секако, меѓу главните тематики се пикселите, како и уникатниот дизајн на предница и задница. Општо предницата е малку поисправена, но сепак е friendly и симпатична. Задниот дел добива уникатни светла, како и NISSAN испишано на петтата врата.

Wonder Purple виолетовата боја е уникатна за Pixo, а и дизајнот на фелните е во склад со другите модели на Nissan. Обично не сум фан на двобојни, но дизајнот на Nissan – само краевите на периметарот да се сребрена боја, а остатокот да е црн – ми е занимлив. Сѐ на сѐ, дизајнот е супер, само не знам што се случи со гласината дека Pixo ќе позајмува дизајнерски елементи од модели како Pao и Be-1 на Nissan.

Под каросеријата се крие сличен хардвер како Twingo – 27.5 kWh батерија со LFP хемиски состав, еден електромотор на предната оска со 82 коњи, DC полнење до 50 kW и до 259 км досег според Nissan. Не е изјаснето дека тоа е според WLTP стандардот, но со оглед на тоа дека овој модел е развиен конкретно за европскиот пазар и ќе се склопува во Словенија, веројатно тоа е бројката според WLTP. Има и One Pedal режим на возење, а поради димензиите, радиусот на вртење ќе биде само 9.9 метри.

Во внатрешноста семејните сличности продолжуваат, со тоа што на воланот пишува Pixo со симпатичен пиксел фонт. На повисоките пакети ќе има, како што гледаме, голем екран за инфозабавните соддржини, автоматска клима, и некои други фини работи како греење на седишта, паркинг сензори и слично.
Засега нема информации кога би пристигнал Pixo, само знаеме дека ќе се склопува во Ново Место, Словенија. Со тоа, и плус фактот дека е помал од 4.2 метри, Pixo многу лесно ги исполнува критериумите за E-Car. Исто немаме информации за цените на ниеден европски пазар, но ќе дознаеме и за тоа наскоро.
