Dacia Spring долго време беше најефтиниот електричен автомобил во цела Европа. Досегот на струја не беше нешто многу голем, но сепак беше доказ дека Dacia ја сфаќа сериозно работата со малите електрични автомобили. Сега доаѓа втората генерација, и промените се веднаш забележливи. Ајде да видиме.

Добро изгледа, нели? Речиси сѐ од корен е променето, од дизајнот, до технологијата, па и платформата. Претходната генерација беше, да кажам, ситна, и всушност беше адаптирана од Renault Kwid, модел развиен за индискиот и јужноамеричкиот пазар.
Вторава генерација е изградена на новата RG-EV архитектура, која ја дели со Renault Twingo E-Tech. Dacia го сместува Spring во А-сегментот, што ме изненади позитивно. Тој сегмент заслужи малку подобро, и мило ми е дека полека, но сигурно се враќа.

Ќе биде достапен една опција за погонскиот систем – електромотор на предната оска со 82 коњи, кој ќе ја добива силата од батерија со 27.5 kWh капацитет и LFP хемија. Досегот на струја ќе биде околу 250 км според WLTP, 0-100 ќе биде околу 12 секунди, додека максималната брзина ќе биде 130 км/ч. Значи, возење на автопат нема да е проблем, но сепак најсилната страна на Spring ќе биде возењето во градски услови. Dacia тврди дека едно полнење неделно ќе биде сосем доволно за сите оние чиј пат до работа или предавање на факултет е во градот.

А кога сме кај полнење, вградениот полнач на Spring е стандардно 6.6 kW, што значи полнење на домашна струја ќе трае околу 9 часа. Ако имате услови да поставите wallbox од 7 kW, ќе биде за нешто помалку од 3 часа. Новиот Spring ќе поддржува и DC полнење до 50 kW, што ќе овозможи полнење од 15% до 80% за само 30 минути.

Ентериерот е исто доста голема промена од претходниот Spring. Некои од елементите кои Spring ги наследува од братучедот од Франција се веднаш забележливи, како селекторот за брзина кој е сега до воланот, инфозабавниот екран, копчињата за клима уредот, и копчето за четири трепкачи, кое не личи на бонбона во овој ентериер.

Стандардно доаѓа екран во боја позади воланот, како и држач за смартфон кој се поврзува со аудио системот. Повисоките нивоа на опрема доаѓаат со поголем екран за инфозабавните соддржини, како и безжично поврзување со смартфон. Dacia ветуваат и опција наречена My Safety, што дава да ги конфигурирате безбедносните системи на стартување за како вас ви одговараат, како и генерално удобно и пријатно искуство зад воланот.
И за крај, вреди да се спомне дека додека досегашниот Spring се произведува во Кина, новиот Spring ќе се склопува во Ново Место, Словенија. Со тоа, Spring исто се квалификува за E-Car сегментот.
Ова изгледа одлично. Очекував малку повеќе инспирација од Hipster концептот од минатата година, но сепак, дизајнов е доста шармантен, без да се труди премногу. Едвај чекам да седнам зад волан. Да живее A-сегментот!
Уште неколку фотки:
