Новитети

Porsche Mission S – Најава за суперавтомобил над 911

Марко Соколовски4 мин.До фотки
Porsche

Досега се знаеше; ако го сакаш најмоќното и најспортското од понудата на Porsche, се упатуваш кон широката, минимално збунувачка 911 фамилија. Иако тука и таму имало ултра ограничени суперавтомобили сместени над 911, сепак, секогаш недостасувал еден модел на Porsche кој ќе биде сместен над 911, но ќе биде и траен дел од понудата, можеби со моторот поставен во средината.

Е па, и тоа го дочекавме. Porsche го претстави Mission S концептот, кој е preview за суперавтомобил кој ќе стои над 911 во понудата. За разлика од претходните вакви модели – 959, 911 GT1 Strassenversion, Carrera GT и 918 Spyder – ова ќе биде редовен дел од понудата, исто како што е и 911. Концептот беше претставен во Њујорк, на истото место каде што фамозниот 550 Spyder го имаше своето деби пред 73 години.

Porsche

Исто така, не е појачана верзија од 911 со продолжена каросерија и дополнителни додатоци, како што беше 959; моторот е средно поставен, и ова е сосема нова платформа. Предницата е инспирирана од LeMans прототиповите на Porsche, а задниот дел, многумина рекоа, дека личи по малку на 928. Не ја гледам сличноста, но можам да кажам дека дизајнов е опасен. Не сум уште сигурен за фелните, но сигурно на серискиот модел ќе има повеќе различни опции.

Тука е делот кај што би спомнале каков е погонскиот систем, но Porsche намерно не кажуваат што е планот со тоа. Првично се мислеше дека ќе биде некоја појачана верзија од хибридниот систем во 911 GTS со уште еден електромотор на предната оска, но според клипчињата од функционалниот прототип кои излегоа на интернет, веднаш е јасно дека се работи за нешто друго.

Porsche

Пред некое време почнаа да се шират гласини дека Porsche работи на хоризонтален боксер мотор со 8 цилиндри, и многу е веројатно дека сериската верзија на Mission S ќе користи нешто такво. Ваков мотор не се видел во авто индустријата повеќе децении, така да, ако испадне тоа дека е вистина, тоа се многу добри вести.


Porsche

Ентериерот на Mission S контрира на речиси сѐ што е популарно во автомобилите денес. Пет инструменти поставени во препознатливиот Porsche распоред, палка за менувач инспирирана од Carrera GT – иако се гледа PRND кога ќе го видите одблиску, сепак добра финта – и комплетен недостаток на инфозабавен систем; го поставувате телефонот на контролната табла и сѐ си оди преку My Porsche апликација.

Porsche

Директно под тоа имаме, за голема среќа, физички контроли за климата, и… тоа е тоа. Мене ако ме прашувате, двата најјаки детали се тоа што концептот се стартува со клуч, а не со копче, и црвеното копче на долниот крак на воланот. Служи за да се изгаси контролата за стабилизација, но нема никаков симбол; со големи бели букви пишува ON YOUR OWN, или во превод, на твој ризик!

Porsche

Уште немаме точна временска рамка за сериската верзија на Mission S, но верувам дека ќе биде наскоро. Уште еднаш да напоменеме, ова нема да биде модел со лимитирано производство, ќе си биде редовен дел од понудата исто како 911, Panamera или Cayenne.

Porsche истакнуваат дека овој модел е и најава за што можеме да очекуваме од идните модели во однос на дизајн, но и го најавува овој нов суперавтомобил. Има импликации дека ова не е preview за сериски модел во права смисла, но ако земеме предвид колку си личат Mission E и Taycan еден на друг, мислам дека сериското издание нема да се разликува којзнае колку. 

Porsche

Многу ми е драго дека Porsche, како и многу други ексклузивни брендови, согледа што е убавината во ваквите возила и што всушност сака клиентелата која може да си дозволи ваков тип на возило. Обично најголемите иновации започнуваат од скапите автомобили, и иако ова не е директно поврзано, се надевам дека ова враќање кон поедноставните работи и поголемиот фокус на функционалноста полека ќе се симне и до обичните автомобили.

Сигурен сум дека сериската верзија на Mission S ќе може да се испроба и на Porsche Road Tour, но за тоа имаме доста за чекање. Дали ни се чека? Никако. Ама ќе мораме, и ќе дознаеме што е што.



Ти се допадна?

Повеќе новитети

Сите објави