MG S9 PHEV пристигна во Македонија
Во салонот на Гранд Ауто во Скопје пристигна знаменосецот на MG, огромниот и луксузниот S9 PHEV. Како што наведува името, се работи за плаг-ин хибриден SUV. Не е некоја комбинација од PHEV и EREV, ова е малку покласичен плаг-ин хибрид.
Прикажаниов модел го носи Ultimate пакетот на опрема, како што е гордо истакнато на предните врати, и првите впечатоци се навистина одлични. S9 исто воведува неколку нови дизајнерски елементи кои досега не сме ги виделе кај другите MG модели. Предната маска поминува една еволуција, со долги накосени дневни светла.
Овој пакет стандардно доаѓа со 20-инчни тркала обвиени во Michelin e-Primacy гуми, а има и доста хромирани детали. Иако тоа не е веќе толку популарно, морам да признаам дека изгледа многу интересно. Во принцип не сум фан ни на двобојни фелни, но во овој случај мислам дека многу го личат.
Ц-столбот е исто речиси целосно хромиран, со еден интересен украсен елемент, додека light barот на задниот дел има малку несекојдневна форма. Импозантен и многу храбар дизајн, дефинитивно има многу авторитет, како што доликува за еден знаменосец.
Под хаубата имаме 1.5 турбо бензинец спарен со батерија од 24.7 kWh, која ветува досег од 100км само на струја. Вкупниот системски износ е 299 коњи, и тоа оди до предните тркала преку DHT автоматски менувач. Според WLTP, кога работи бензинецот, потрошувачката е само 0.8 литри на 100 км!
Со оглед на тоа колку е голем S9, нема да ве изненади дека има три реда седишта, со конфигурација 2+3+2. Дури и со сите седишта горе, има 332 литри багажен простор, што е одлично. Со спуштање на сите седишта мислам дека комотно можете да нудите услуги за селење.
Кабината го става луксузот на прво место, и ми се допаѓа што MG сериозно го имаат сфатено фидбекот за ентериерите. На времето го критикував ентериерот на претходната генерација HS, и нема апсолутно никаква споредба; кожни седишта со греење, вентилација и масажа, матирани дрвени површини, и сите копчиња имаат премиум чувство.
А да, тоа е другиот дел од фидбекот – има многу повеќе физички контроли, меѓу кои и за климата, но и за режимот на возење! Овој модел имаше и Bose озвучување, и пак ќе кажам, ентериерот беше навистина премиум.
Наскоро MG S9 ќе пристигне и на тест, па ќе видиме со што друго има да се пофали. Вака на прв поглед, се чини како да ќе има многу за фалење.
Слика 1 од 17
- Почетна цена
- € 42.900
- Цена на прикажаниот модел
- € 44.900
- Прикажан модел:
- Ultimate



