Smart #2 – Добредојде назад легендо!
После многу долго време, Smart конечно го враќа моделот со кој што започна целата приказна. Запознајте го Smart #2, оживувањето на легендарниот Fortwo кој беше револуција во светот на градските автомобили пред скоро 30 години.
Како што гледате, Smart реши да не си игра многу со рецептот; #2 е дефинитивно од истото семејно дрво како сите претходни итерации на Fortwo, но со многу помодерен дизајн, и нормално, подобрени технологии и подобрен погонски систем.
Генералната форма е идентична како и досега, со нови дизајни за предниот и задниот дел кои вклучуваат целосно LED светла. Исто така интересен момент е што кваките се сега на самите врати, а не во близина на страничните прозорци. Секако, Tridion Safety Cell, челичната структура која формира голем дел од каросеријата, е сѐуште тука. Сега е наречена Tridion Safety Cell Evo, и понатаму ја врши истата улога; овој исклучително мал автомобил – долг само 2.7 метри со радиус на вртење од само 6.95 метри – е побезбеден од што би мислеле.
Под каросеријата се крие нова платформа наречена Electric Compact Architecture т.е ECA, развиена исклучиво за #2. Имаме еден електромотор, нормално, поставен на задната оска, со 82 коњи и 130 Nm вртежен момент, а и задните тркала се малку пошироки од предните, што секогаш било случајот со Fortwo.
Моторот ја добива силата од LFP (литиум-железо-фосфат) батерија со 35.8 kWh, и Smart таргетира досег од 290 км според WLTP. Ете што се случува кога автомобилот е мал и релативно лесен – нема потреба од огромна батерија да се достигне таква бројка. 290 км е навистина одлична бројка, и како човек што ги возел електричните Smart Fortwo што може да се изнајмат по Скопје, ова е огромно подобрување. Може да се полни на класичен 11 kW полнач, но поддржува и DC полнење до 65 kW, што овозможува полнење од 10% до 80% за околу 20 минути. Има и поддршка за двонасочно полнење т.е V2L.
Ентериерот е едноставен, но функционален. Дигитална контролна табла, волан кој е сличен како кај другите Smart модели, и изненадувачки многу технологија за автомобил од оваа класа; адаптивен темпомат и highway assist доаѓаат стандардно!
На фотографииве ентериеров ми е повеќе функционален отколку накитен, но сепак има интересни детали; звучниците изгледаат многу интересно, а има и по некој скриен цртеж тука и таму. Има и други интересни опции, како седишта од еко кожа и Sennheiser озвучување. Уште една работа што се враќа од Fortwo е Split Tailgate, т.е гепекот кој се отвара во два делови за зголемена практичност.
Како поранешен сопственик на Fortwo од првата генерација, овој модел држи посебно место кај мене, така да, ако мене ме прашувате, ова се добри вести. Новиот Smart #2 ќе се склопува во Кина, во една од фабриките на Geely, и полека ќе пристига низ Европа од почетокот на 2027 година. Со вртоглавиот интерес за мали електрични автомобили, мислам дека немаше подобро време да се врати еден од најпознатите мали автомобили.
Слика 1 од 8



