Во изминатите неколку објави на сајтов некако многу често зборувам за новата офанзива на ултра мали, ултра симпатични електрични автомобили. Конечно пристигна кај нас еден од главните воини на тој фронт, па ајде да го видиме одблиску!

Четвртата генерација на Renault Twingo се нуди исклучиво како електричен автомобил, и по сите параметри влегува во E-Car т.е M1E сегментот; помалку од 4.2 метри, и се склопува во Европска Унија, т.е во случајов во Ново Место, Словенија.

Јасно е дека дизајнов е модерна интерпретација на првата генерација на Twingo, која беше во производство 14 години, од 1992 до 2006, и во тоа време доживеа култен статус – до ден денес интернетот зборува и се радува за првата генерација.

Twingo E-Tech Electric доаѓа со 27.5 kWh батерија со LFP (литиум-железо-фосфат) хемија, како и електромотор со 82 коњи поставен на предната оска. Вкупниот опсег на струја е до 263 километри, 0-100 се случува за околу 12 секунди, додека максималната брзина му е 130 км/ч. Како за електричен автомобил, и тежината му е силна страна – само 1.2 тони.

Дизајнов е навистина многу впечатлив, по готово во жолтава боја, иако мене личен фаворит ми е темно зелената од прес фотографиите. Колку што е шармантно Twingo однадвор, толку е шармантно, а може дури и малку повеќе, од внатре. Во ентериерот особено ми се допадна делот од контролната табла во каросериска боја, како и добрата количина на физички контроли и општо едноставноста и old school чувството. А да, морам да ја издвојам графиката на километражата која ги покажува изминатите километри со помош на планетата Земја. Браво!

Од времето на објавување, финалните цени за Twingo E-Tech Electric сѐуште не се дефинириани. Според информации од импортерот, се очекува почетната цена да биде околу 22.000 евра. Со оглед на тоа дека кај нас уште нема субвенции, тоа е интересна цена, а ако навистина добиеме субвенции до крајот на годинава како што требаше на крајот од многу други години, Twingo E-Tech може да стане уште поинтересна опција. Првите впечатоци се одлични, и едвај чекам да седнам зад волан!
Од мене толку, погледнете ги сите фотки под текстов:







