Новото Audi Q7 пристигна во Македонија
Во салонот на Audi при Porsche Македонија беше претставена најновата трета генерација на Audi Q7. Три различни изведби беа изложени, две од нив со спортски S-Line пакет и еден во покласична варијанта со посветол ентериер.
Audi Q7 беше првиот SUV модел на брендот од Инголштад, и се придружи на понудата во 2007 година. Да, иако овој модел постои веќе скоро 20 години, ова е само третата генерација, а само втората генерација беше со нас цели 10 години. Значи, би очекувале дека промените би биле доста големи, и би биле апсолутно во право.
Иако Q7 има сосем нов изглед, сепак Audi решиле сѐ да остане познато. Не би го помешале со некој друг модел, но сепак има забележливи промени. Од напред имаме нови превртени светла, каде што дневните се наоѓаат над самите фарови, и достапна е и HD Matrix технологија со ласерски долги светла, што звучи како да ќе биде многу корисно во црни темници. Самите дневни светла имаат неколку различни опции за потпис т.е распоред на светење, додека задните светла користат OLED технологија.
Самиот Q7 е многу импозантен, и освежениов дизајн изгледа одлично, без да се труди премногу да се истакнува. Морам да кажам тука дека зелената боја ми беше хит, само имам чувство дека повеќето кои ќе ги видиме по скопските улици ќе бидат сиви или црни, како другиве два модели што беа изложени.
Q7 дебитира со добро позната погонска комбинација; под хауба имаме нова генерација на познатиот 3.0 TDI турбодизел, секако се работи за V6, но сега додава лајт хибрид технологија. Има варијанта со 245 коњи или пак 299 коњи, а вторава има дури 630 Nm вртежен момент. Тоа оди до сите четири тркала преку траен Quattro и 8-степен автоматски менувач, а во понудата има и воздушна суспензија за повеќе флексибилност на различни терени како и, нормално, повеќе комфор.
Кога сме кај комфор, Q7 се нуди со пет или седум седишта, и сите ќе бидат електрично подесиви. За мене highlights дефинитивно беа автоматското отворање на вратите, како и трепкачите кои освен што се вклучуваат на самите светла, исто се проектираат и на земја! Нема шанси да промашите доколку е вклучен трепкачот, многу паметно безбедносно решение.
Внатрешноста е, секако, многу луксузна и полна со технологија, меѓу кои и најновата генерација на Audi MMI инфозабавен софтвер, а особено ми се допадна алкантарата која покриваше многу, дури и повеќе од што би очекувале површини низ ентериерот. Тоа е карактеристично за S-Line, многу јак детаљ.
Меѓу разноразните дополнителни опции го имаме електрохроматскиот сончев покрив, како и Bang & Olufsen 3D озвучувањето со 23 звучници. Како потсетување, најскапите surround sound системи денес се 7.1, т.е седум звучници и еден subwoofer. Е сега замислете три такви системи во еден автомобил, кој иако е многу голем, сепак е малку помал од стан. Значи, нема шега.
Новото Audi Q7 е веќе достапно за нарачка. Моделите кои ги гледате на фотографиите се движеа во регионот од 160.000 до 170.000 евра, што е очекувано за SUV од оваа класа. Првите впечатоци се фантастични, се гледа дека Audi сериозно ја сфаќа работата и сака Q7 да остане добар избор во овој сегмент. Искрено се надевам дека ќе дојде и на тест со тек на време, па ќе видиме што има друго интересно.
Слика 1 од 13



