GWM Tech Day – Премиера на Haval H7, нова стратегија за брендот
На покана на Толту Моторс, Korrmotive присуствуваше на Great Wall Motors Tech Day во Милано! Некои од најважните луѓе на кинескиот бренд навлегоа детално во новата стратегија за европскиот пазар, а имавме прилика да го видиме одблиску најважниот модел на настанот, новиот Haval H7.
Ајде да почнеме со него, па потоа ќе видиме што друго има интересно.
Haval H7 e најновиот член на фамилијата на Haval, позициониран под големиот H9. Уште на прв поглед се забележува дека H7 е, да кажеме, помал брат на H9, со квадратест, авантуристички SUV дизајн. Иако е доста помал од H9, сепак не е огромен.
Понудата на погонски системи беше еден од главните детали за кои се зборуваше на настанот – Haval H7 ќе нуди четири различни системи, како дел од стратегијата на GWM да нуди по нешто за секој вид клиент. Ќе има чист 2.0 бензинец со автоматски менувач и погон на сите четири тркала, но ќе има и три различни хибридни верзии, на кои беше ставен најголем акцент.
Сите од нив ја користат најновата генерација на хибриден погон на GWM наречена Hi2 и Hi4. Hi2 ќе биде достапен во самополнечка и плаг-ин хибрид варијанта, додека Hi4 нуди погон на сите четири тркала и плаг-ин хибриден погон.
Основата за секој од нив е 1.5 турбо бензинец, кој е направен конкретно за хибридните модели и работи на Милер циклусот за подобра ефикасност, и се спарува со еден или два електромотори, како и DHT посветена хибридна трансмисија која нуди дури 9 или 10 различни режими на возење во зависност од конкретниот модел – може да подесува кој дел од погонскиот систем што прави во даден момент, и кои делови функционираат заедно или посебно во даден момент, во зависност од тоа што ви треба.
За оние кои редовно возат надвор од асфалтот, не се секирајте; и на плаг-ин варијантата на H7 ќе има стандарден блокатор на задниот диференцијал. Не е само за изглед работава, GWM ветуваат вистински теренски способности за H7, а за тоа придонесува и речиси совршената 50:50 дистрибуција на тежината, како и интелигентниот активен систем за векторирање на вртежниот момент до она тркало каде што е најпотребен.
За време на конференцијата ги истакнаа перформансите на Hi4 погонот, и звучат навистина импресивно: 435 коњи, 670 Nm вртежен момент, 33.7 kWh батерија со LFP хемија, стотка за 4.9 секунди, 129 километри досег на струја според WLTP и просечна потрошувачка од само 2.2 литри на 100 км! Исто има и двонасочно полнење, за да може да снабдите со струја електронски или електрични уреди. Секако, има поддршка и за DC полнење, со што батеријата може да се качи од 30% до 80% за само 18 минути.
Ентериерот е, како што би очекувале, полн со технологија. Работи на најновиот инфозабавен софтвер на GWM, Coffee OS, кој доаѓа со нов интерфејс и вградена AI асистенција развиена in-house. На конференцијата потврдија дека моделот е штелуван за потребите на европскиот пазар во речиси секој поглед, од амортизацијата па сѐ до системите за асистенција. Сепак, не е заборавено на ергономијата, има еден куп физички контроли за климата и неколку други функции. Од срце, благодариме!
На прв поглед, ентериерот изгледа квалитетно изработен и како да би бил одлично место за поминување време, и особено ми се допадна тоа што во време кога сите одат со посплескани волани и преместуваат главни информации поблиску до шофершајбната, дисплејот за возачот кај H7 е поставен директно зад воланот, класична конфигурација која е докажана со години. Не е заборавено на практичноста; има голем багажник, и петтата врата е вистинска врата, а на украсниот дел кој личи на држач за резервна гума има уште малку дополнителен простор за складирање помали предмети.
Haval H7 наскоро ќе пристигне и кај нас, и секако, Korrmotive ќе биде на терен и ќе дознаеме што е што. Сепак, H7 не беше единствениот предмет на разговор на GWM Tech Day, така да, да преминеме на новата стратегија на брендот за Европа.
Great Wall Motors ќе го зголемува своето присуство во Европа во текот на 2027. Моментално се водат преговори за брендот да влезе во Швајцарија, како и BeNeLux т.е Белгија, Холандија и Луксембург. Веќе се достапни во Италија, како и многу други европски пазари. Освен тоа, како што се спомна на настанот на Толту Моторс неоддамна, фабриката во соседна Бугарија повторно ќе започнува со работа од 2027, и најпрво таму ќе се произведува електричната ORA 5, која ја видовме на истиот настан.
Од бизнис страната, планот на GWM за 2027, освен зголемувањето на присуството и до 650 нови дилери ширум континентот, е зголемување на свесноста и познавањето на брендот, како и зголемено портфолио на производи; ORA 5 е цела фамилија на модели, а другите членови на таа фамилија ќе пристигаат наскоро во Европа, а се планира минимум уште три нови модели за секој пазар во текот на следната година.
Брендот исто навлезе во ригорозните режими на тестирање низ кои поминуваат сите модели; од најголемите пустински жештини до најстудените предели, а имаат и своја лабораторија за тестирање на безбедноста. Се спомна и новата платформа наречена Guiyuan, која е спремна за сите видови погонски системи од чист бензин до чиста струја, како и флексибилна софтверска платформа, подготвеност за следната генерација на автономно возење, и како што спомнав погоре, сопствена вештачка интелигенција.
Првите впечатоци од GWM Haval H7 беа навистина одлични, дефинитивно ми се фаворит зелената и белата боја, и едвај чекам да седнам зад волан! Освен H7, GWM изнесе и неколку изненадувања на настанот, како Souo S2000 мотоциклот со осум цилиндри(!!!), WEY G9 луксузниот моноволумен, и уште по нешто што нема веднаш да ви го покажам :)
Ни беше задоволство да присуствуваме на GWM Tech Day, искрено благодариме на Толту Моторс за поканата! Погледнете ги фотките, и… останете со Korrmotive! ;)
Слика 1 од 10



