Новитети

Електричните возила наскоро на дневен ред во Владата – ќе има нов правилник

Марко Соколовски3 мин.
Photo by CHUTTERSNAP on Unsplash

Korrmotive е автомобилски медиум, и политичките разговори пробуваме да ги сведуваме на апсолутен минимум. Сепак, доколку нешто го засега светот на автомобилите, по готово на нашиот локален пазар, вреди да се спомне.

BYD

Според информации пренесени од Слободен Печат, Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски потврди дека во средината на ноември, значи за околу две недели од времето на објавување на текстов, ќе се дискутира и разгледува нов правилник за електричните возила, а ќе бидат инволвирани сите компании од секторот, како и Регулаторната комисија за енергетика.

Поради неизвесноста со цените на горивата и зелената транзиција низ која речиси сигурно сите држави ќе треба да поминат порано или подоцна, Владата изгледа реши да стави приоритет на електричните возила и како тоа граѓаните на Македонија да дојдат еден чекор поблиску.

Photo by Zaptec on Unsplash

Во моментов, верувам дека знаете како стојат работите; електричните возила подлежат на речиси сите давачки за увоз на кои подлежат и автомобили со класични бензински мотори, и нема никакви мерки за да се стимулира набавка на ЕВ. Како за споредба со соседните држави, во Србија веќе има субвенции од државата за купување електрични возила, додека во Албанија електричните возила се ослободени од речиси сите видови давачки.

Засега не се знае што ќе вклучува правилникот, дали ќе опфаќа и плаг-ин хибриди или електрични возила со зголемен досег (EREV), и сѐуште не знаеме кои ќе бидат конкретните мерки. Тоа ќе го дознаеме во скоро време, како што кажав, за околу две недели.

Nissan

Дали сум скептичен? Минимално, но генерално мислам дека треба да бидеме оптимистични. Фактот дека ова конечно дојде на ред да се дискутира на ниво на Влада и институции е добра вест само по себе, и искрено се надевам дека ќе го изиграат ова како што треба и дека електричните возила ќе добијат некаков вид субвенции или пак ослободување од давачките, неважно дали делумно или целосно, за луѓето да почнат посериозно да ги размислуваат. 

Photo by Netze BW on Unsplash

Реално кажано, за потребите на многумина луѓе во државава кои ги користат своите возила за низ град, мали модели како BYD Dolphin Surf, Renault Twingo E-Tech, Volkswagen ID.Polo и останати мали, градски електрични возила се одлично решение. Плус, се зголемува понудата и на ултра мали електрични возила кои можат да се возат со АМ категорија, како оние на Urban EV и Стокомак.

Сепак, оваа работа има повеќе димензии. Во случај да се донесе одлука да се ослободат или субвенционираат електричните возила, што автоматски ќе доведе до поголем интерес и многу веројатно зголемена продажба, мора и инфраструктурата да се доведе во ред; повеќе полначи на повеќе места, и посериозно инвестирање во DC полначи, како што се поставени на паркингот на Веро Центар (Џамбо) и на паркингот на маркетот во Тафталиџе. Тука би дал и јас предлог државата да субвенционира wallbox полначи за дома, слично како со инвертер клима уредите или електричните тротинети (секако, за тие што имаат услови). Од тоа што видов, ЕВН почнале да инсталираат DC полначи на повеќе места низ државата, така да, изгледа таа работа е веќе започната.

Во секој случај, има потенцијал да излезе нешто добро од оваа работа. Засега останува само да чекаме добри вести.

Ти се допадна?

Повеќе новитети

Сите објави