Прво една мала рекапитулација. Stellantis, под (нескладното) раководство на ексдиректорот Карлос Таварес, се залета кон целосно електрична иднина, унифицирање на сите платформи и технологии, и делумно запоставување на некои од светските пазари, најмногу америчкиот. Секако, ова последново не беше планирано.
Работите се сменија многу. Речиси целата индустрија попушти и призна дека мултиенергетскиот пристап е попаметна идеја, а Stellantis со новото раководство има сосема нов фокус. На инвеститорскиот ден, Stellantis ја најави својата нова стратегија наречена FaSTLAne 2030, која што вклучува фокусирање на сите брендови малку порамномерно, развој на нови платформи и нови технологии, и вкупно 60 модели до 2030 година – тука се вклучени и освежувања, нови генерации на постоечки модели, како и сосем нови модели. Инвестицијава вреди 60 милијарди евра, и вака на прв поглед, има многу занимливости. Ајде, едно по едно.

Знаеме сите дека има еден куп брендови под чадорот на Stellantis. Со цел полесно да се менаџира со нив, тие се сега поделени на две групи; главни и регионални. Главните се Jeep, Ram, Peugeot и Fiat. Останатите се регионални, што во случајов значи дека инвестициите ќе бидат помали, но ќе имаат повеќе слобода во оние пазари каде што покажуваат најдобри бројки. DS, Lancia и Abarth стануваат специјализирани брендови менаџирани од Citroen (за DS) и Fiat (за другите два). Значи, можеме да ги згаснеме гласините дека Stellantis или ќе затвори или ќе продаде некој од, да кажеме, помалку важните брендови. Мислам, со самиов потег гледаме дека нема помалку или повеќе важен бренд, ама се разбираме.

Е сега, тука се спомнува Северна Америка, но мислам дека ни е паметно да се фокусираме на Европа, бидејќи има многу новости за главните брендови на Stellantis на овој пазар. Да започнеме со Fiat, кој освен што најави нешто, имаше и што да покаже.

Од Fiat прво можеме да го очекуваме Grizzly, кој ќе биде достапен и во регуларна и во Fastback купе изведба. Grizzly (раса на мечка) е поставен на Smart Car платформата, но ќе биде малку поголем од Grande Panda и ќе таргетира семејни купувачи. Значи, со други зборови, братучед на Citroen C3 Aircross и Opel Frontera. Најверојатно ќе бидат и истите погонски системи во понудата. Освен тоа, ќе има и верзија на микроавтомобилот Topolino со 4 седишта (зелениот на сликата долу), кој засега е само концепт, но е многу шармантен и многу потсеќа на старата 600 Multipla – значи не онаа која трпи многу исмевање, туку таа базирана на старото 600 кое се нудеше во 60те години од минатиот век.

Секако ќе пристигне и Tris товарниот трицикл, а се планира и нов електричен автомобил кој ќе се склопува во Италија и ќе чини помалку од 15.000 евра, конкурент за предложениот E-Car сегмент. Еден од странските медиуми тврди дека ова ќе биде де факто замената за Pandina, и тоа има смисла. Секако, електричниот и новопретставениот хибриден 500 ќе си продолжат понатаму, и ова не го спомнаа конкретно во оваа презентација, но според претходни најави, веројатно Abarth полека ќе се враќа на мотори на внатрешно согорување.

Следниот ударен новитет доаѓа од Франција, односно од Citroen. Citroen подготвува седум нови модели до 2030 година, и најважниот од нив – мислам дека сите ќе се сложиме – е новиот 2CV! Да, Citroen сепак реши да го оживее херојскиот модел кој мобилизираше голем дел од светот, вклучувајќи ја и поранешна Југославија.
Ќе биде ретро електричен автомобил, но ќе има и по некој дизајнерски елемент од тековните модели и концепт моделите на Citroen. И новиот 2CV ќе таргетира цена од околу 15.000 евра, но за жал, ќе мораме да чекаме до 2028 за да го видиме. Со оглед на тоа дека Македонија ќе биде домаќин на Светскиот собир на 2CV во 2029, одлична идеја би било моделот таму да го има своето деби за нашиот пазар, а можеби и за регионот.

Peugeot и Opel исто се спремаат за доста нови модели, Peugeot ќе има седум, од кои четири ќе покријат нови сегменти, а Opel ќе има четири вкупно, меѓу кои и електричниот SUV кој го развиваат со Leapmotor. Peugeot исто ќе биде првиот во Европа со модели поставени на новата STLA One платформа. Прво тоа ќе бидат два електрични модели од B сегментот (многу веројатно 208 и 2008), па потоа три модели од C сегментот (од кои два нема да бидат SUV!), а ќе има и целосно електричен shooting brake базиран на Dongfeng платформа. Ова последново ќе биде особено интересно.

Ова е всушност следната генерација на досегашните STLA платформи; речиси целосно модуларна, ќе се користи за возила од B до D сегментот (значи широк опсег на димензии), и е подготвена да прифати мотори со внатрешно согорување, хибриди, и целосно електрични погонски системи. Другите брендови на Stellantis ќе имаат модели на STLA One малку после Peugeot, секој од нив со уникатен дизајн и чувство зад воланот.

Од Alfa Romeo можеме да очекуваме уште еден SUV за C сегментот, поставен помеѓу Junior и Tonale. Секако, ги очекуваме и новите генерации на Giulia и Stelvio кои, како што верувам дека слушнавте, сепак ќе се нудат и со мотори на внатрешно согорување. Ќе има и нов специјален модел од Bottega Fuoriserie, истата програма која го овозможи новото 33 Stradale. Веројатно и тука станува збор за некаков вид суперавтомобил.

Maserati подготвува нов Е-сегмент модел, кој според силуетата на презентацијата личи на SUV, значи замена за Levante. Се спрема и уште еден GT модел налик на GranTurismo, но можеби овој ќе биде со две седишта.

За крај, сепак ќе спомнеме по нешто за америчкиот оддел на Stellantis. RAM, еден од главните брендови, го оживеа street truck со новата гама на Rumble Bee модели. Се спремаат неколку новитети, како на пример (конечно) цела гама на модели за Chrysler, електричниот теренец Jeep Recon сепак ќе добие и верзија со бензински мотор (како Charger Sixpack), и Dodge исто спрема појачан спортски автомобил, како и нов кросовер со високи динамички способности.
Stellantis исто објави дека ги засилува соработките со некои од своите стратешки партнери, како CATL, Nvidia, Applied Intuition, Uber итн. Со CATL продолжува соработката за батерии, а со другиве софтверски компании ќе се работи на STLA Brain, т.е централниот компјутерски систем на кој ќе бидат изградени сите автомобилски софтверски решенија на Stellantis.
И секако, не смееме да заборавиме за стратешките партнерства со кинеските производители. За Leapmotor веќе знаете; Stellantis отстапува две фабрики во Шпанија за кинескиот бренд, и ќе се погрижи за нивната дистрибуција ширум Европа, додека Dongfeng ќе ги склопува Voyah луксузните модели во Рен, Франција, и Stellantis ќе ја превземе и нивната дистрибуција. Со новава стратегија, Stellantis очекува приходите да се качат до 190 милиони евра, и целат кон 7% оперативна профитна маржа.