Знам дека на многу од вас им е смачено од модерните трендови во автомобилската индустрија. Екрани, безбедносни системи кои се мешаат во возењето, автоматско ова и она, и така натаму и така натаму. Само што се појави една компанија од САД со решение за целава работа, и ако мене ме прашувате, ова може да е најважното автомобилско деби не само годинава, туку и деценијава.

Slate („слејт“) се вика и компанијата, буквалниот превод според официјалниот речник е шкрилец. Сепак, во овој контекст не е соодветно, пошто најверојатно доаѓа од англискиот израз blank slate, што во послободен превод значи празно платно кое треба да се пополни. Посоодветен опис за овој мал пикап нема.

Што е работава? Секој Slate Truck доаѓа точно како на овие фотографии, пикап со необоена каросерија и две седишта во кабината. Внатре нема екрани или амбиентално осветлување, само клима и темпомат копчиња на воланот. Другото сѐ останува на купувачот. Кога викам сѐ друго, мислам буквално сѐ друго.

Заедно со овој модел, Slate исто така лансира еден екосистем на додатоци и аксесоари за да го направите вашиот Slate Truck точно по ваша мерка. Тоа вклучува друга форма на светла напред и позади, држач за мобилен за инфозабавни соддржини, држач за таблет за оние кои им треба нешто поголемо, разни опции за фелни, разни опции за бои и стикери, значки кои одат на контролната табла, друг дизајн на предна маска итн.

А да, за оние кои им треба SUV за петмина луѓе, има и т.н SUV кит кој го покрива багажниот простор и додава уште три седишта.
Без разлика што ќе одберете за да го направите Slate Truck лично ваш, достапна е само една погонска конфигурација: еден електромотор на задната оска со 204 коњи (односно 150 kW), а од Slate тврдат дека може да помине 386 километри на едно полнење. А да, да не заборавам, прозорите се отвараат со рачки. Од кога немате видено такви?

Другата многу атрактивна карактеристика на Slate Truck е неговата цена. Со тековните субвенции кои ги дава владата во САД, започнува од околу $20,000, односно околу 17.600 евра според тековниот курс.
Како што кажав погоре, ова е, според мене, најважниот деби во автомобилската индустрија не само годинава, туку и деценијава. Тајмингот е совршен: често слушаме жалење од сите возрасни групи дека модерните автомобили се полни со технологија и премногу комплицирани, и многу луѓе зборуваат дека би сакале нешто поедноставно и по barebones за секојдневна употреба.

Slate Truck е совршен одговор на тие барања, и мислам дека ќе биде една освежителна промена во индустрија која се труди на секој можен начин да убаци повеќе и повеќе технологија во новите возила.
Можеби претпоставивте, но засега Slate Truck ќе се нуди само во Северна Америка. Иако не сме ние некој голем пазар за пикап возила (и покрај достапноста на многу способни модели како Volkswagen Amarok), со самото тоа што е детокс од новите изузетно дигитализирани и комплицирани коли, ова ќе биде добра финта да го раздрма пазарот.

Друга варјианта е ако некој европски производител се нафати да произведе вакво возило, а мислам дека тоа ќе биде или Dacia или Citroën.
Мојата порака до Slate гласи: треба да дојде Slate Truck во Европа!