top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

KORRMOTIVE ТЕСТ: Volkswagen Amarok

На многумина од нас ни е познато дека пикап возилата во Северна Америка и Европа се разликуваат значително меѓу себе. Во САД и во Канада, пикап возилата се користат претежно како семејни возила и замени за SUV. Секако, ги има во солидни бројки и оние што се користат за работа, но сепак, пикапот во САД генерално е гледан како замена за автомобил.


Во Европа, тоа речиси никогаш не бил случајот. Генерално кажано, пикап возилата се исклучиво за работа, и ретко е да се види пикап да замени автомобил во нечија гаража.


Во денешно време, пикап возилата се доста различни во споредба со минатото, и можеби ќе се запрашате: дали денешен пикап кој се нуди на европскиот пазар може да прави сѐ што може да направи и еден автомобил? Токму тоа ќе го дознаеме денес.


Korrmotive е зад воланот на новиот Volkswagen Amarok!


Volkswagen Amarok 1
Korrmotive

Да се потсетиме. Volkswagen Amarok за прв пат се појави во 2010, малку откакo Volkswagen се реши да креира робустен пикап и теренски автомобил. Првата генерација виде големи успеси на глобалниот пазар, поради својата поставеност како премиум пикап модел.


Откако заврши производството на првата генерација во 2020 година, иднината на Amarok беше ставена под знак прашалник. Но сепак, во 2022 година, се појави втората генерација на Amarok. Новиот Amarok е пандан на Ford Ranger, и неоддамна пристигна и на македонскиот пазар.


Филозофијата е иста: премиум пикап со богато опремен ентериер, одлична технологија, и одлични способности на секаков вид терен комбинирани во едно. Ајде да видиме дали Amarok ќе го совлада предизвикот!


Volkswagen Amarok 2
Korrmotive

Малку информации околу тестерот. Го носи Style нивото на опременост, кое е едно од пет достапни, заедно со основниот Amarok, Life, теренски-подготвениот Panamericana, и знаменосецот Aventura. Каросеријата ја носи впечатливата Moroccan Blue сина боја, а под поклопецот има 3.0-литарски турбодизел V6 со 241 коњски сили и 600 Nm вртежен момент, кој ги придвижува сите четири тркала преку 10-степен автоматски менувач.


Volkswagen Amarok 3
Korrmotive

Дизајнот на Amarok навистина ми се допаѓа. Ја има класичната форма на пикап возило, но се познава дека се работи за Volkswagen. Оваа боја придонесува до изгледот, како и украсниот хромиран рол бар кај багажниот простор. Сѐ уште не ми легнал дизајнот на тркалата, но за среќа, истиот дизајн е достапен и во целосно црна боја.


Volkswagen Amarok 4
Korrmotive

Да преминеме на агрегатот. Како што спомнав, 3.0-литарски турбодизел V6, 241 коњски сили и 600 Nm вртежен момент. Стотка се случува за нешто помалку од 9 секунди, додека максималната брзина е 190 километри на час.


Volkswagen Amarok 5
Korrmotive

Реалноста е, се чувствува како Amarok да е многу побрз од тоа. Поради огромните количини вртежен момент, Amarok нема никаков проблем со влечење, и автоматскиот менувач одлично реагира на нагазување. Звукот на моторот е одличен, но во исто време е многу тивок и рафиниран на пониски брзини.


Друг бенефит од силината на моторот е капацитетот на влечење приколка: Amarok може да влече приколка со сопирачки со максимална тежина од 3.5 тони, и приколка без сопирачки со максимална тежина од 750 килограми. Повеќето модели можат да носат повеќе од 1 тон товар.


Volkswagen Amarok 6
Korrmotive

Какво е искуството зад воланот на Amarok? Навистина изненадувачко, во позитивна смисла на зборот. И покрај тоа што шасијата и каросеријата се посебни (body-on-frame), како на сите пикап автомобили, и покрај висината, и покрај големите тркала, Amarok се крие позади пикап фасадата и се однесува како класичен автомобил. Со други зборови, одговара на описот gentle giant (нежен џин).


Volkswagen Amarok 7
Korrmotive

Шеги настрана, Amarok е навистина мирен и пристапен во градски услови. Моторот е прилично тивок и рафиниран, автоматскиот менувач ја олеснува работата во градскиот метеж, и управувачот и педалите се лесни и не пружаат никаков предизвик. Огромните надворешни ретровизори значат дека прегледноста позади вас е исто така добра.


Volkswagen Amarok 9
Korrmotive

Сепак, не е сѐ толку едноставно. Едно нешто што Amarok не може да го скрие е својата големина. Со 5.3м во должина и 1.9м во ширина, Amarok навистина не е мал автомобил.


Доколку сте на тесен пат, како што авторот беше барајќи патишта надвор од асфалтот, ќе треба да пристапите кон разминување со возачи од спротивната страна полека и внимателно. Од друга страна, поради големината и импозантноста на Amarok, речиси секогаш другите возачи ќе ви го дадат првенството вам. Уште една забелешка за Amarok е потрошувачката.


Поради тежината и големината на возилото и силината на агрегатот, на некој начин е оправдана. Сепак, за време на викендот кога Amarok ми беше на тест, потрошувачката беше нешто помалку од 15 литри на 100 километри во просек.


Volkswagen Amarok 9
Korrmotive

Како е на отворен пат? Исто така одлично. Кога се приклучувате на отворен пат и ќе го нагазите, Amarok нема проблем да намали неколку степени на автоматскиот менувач и да фати штрафта.


На автопатски брзини се чувствувате сигурно и стабилно, и тука се бројните системи за асистенција да ви помогнат. Единствена забелешка би биле зголемените звуци од ветерот поради големите надворешни ретровизори, но сѐ друго е за пофалба.


Volkswagen Amarok 10
Korrmotive

Конечно е време да зборуваме за теренските способности на Amarok. За разлика од еден куп SUV или слични возила со погон на сите четири тркала денес, Amarok е навистина подготвен да ве однесе далеку надвор од асфалтираниот пат.


Освен неколкуте режими на возење кои вклучуваат песок и кал, Amarok има привремен погон на сите четири тркала со висок и низок режим. Тркалцето во централната конзола ви овозможува да го одберете режимот на 4x4 системот додека сте во движење (освен 4L), а преку инфозабавниот систем можете да го одберете режимот на возење.


Volkswagen Amarok 11
Korrmotive

Во нормални услови на асфалтиран пат, Amarok е во 2H режимот, што значи погон на задните тркала. Овој режим е исто така default кога сте во Eco режимот за возење. Со едно вртење на тркалцето десно влегувате во 4А режимот, што е сличен како погон на сите четири тркала на обичен автомобил, односно AWD.


4H е режимот за теренско возење на повисоки брзини, како рамни чакални патеки и песок. 4L е за стрмни нагорнини и возење со ниска брзина на покомплицирани теренски патеки. Amarok е достапен и со блокирање на диференцијалот на задната оска, како и контрола за симнување по надолнини (Hill Descent Control). Тестерот ги имаше и двете.


Volkswagen Amarok 11
Korrmotive

Што значи сето ова? Amarok може да ве однесе до места каде што друг автомобил не би се осмелил. Однесувањето на шасијата на теренски пат ви овозможува да имате доверба во Amarok и на многу комплицирани патишта, и се чувствува како да е дома, во својата најдобра средина. Возењето по вакви патишта е навистина забавно во Amarok, и нема да имате никаков проблем да стигнете до места што се навидум страшни и невозможни.


Volkswagen Amarok 13
Korrmotive

Да преминеме на внатрешноста. Amarok многу пријатно изненадува и во овој предел. Позади воланот имаме целосно дигитална инструмент табла со еден куп конфигурации и прикази, меѓу кои и прикази за теренско возење, како степенот на вртење на предните тркала.


Во средината имаме огромен, вертикално поставен инфозабавен екран со големина од 12“. Овој екран е стандардна опрема на сите модели освен на основниот Amarok со истоимениот пакет на опременост, каде што изнесува 10“. Безжично Apple CarPlay и Android Auto поврзување се стандардни, а достапен е и вграден навигационен систем.


Volkswagen Amarok 14
Korrmotive

Инфозабавниот систем е прилично лесен за користење и доста брз, меѓутоа кон клима уредот се пристапува исклучиво преку екранот. Би претпочитал физички контроли, но сепак, за инфозабавниот систем немам лош збор. Под екранот има неколку физички контроли, како четирите трепкачи, јачината на системот за озвучување, како и shortcut пристапи до менијата на инфозабавниот систем.


Во централната конзола имаме класична механичка палка за автоматскиот менувач, а веднаш под тоа е тркалцето за погонот за сите четири тркала. Квалитетот на ентериерот е за пофалба, и навистина се чувствувате како да сте во премиум автомобил. Речиси ништо од ентериерот не алудира дека сте во пикап, освен можеби материјалите на горниот дел од контролната табла, а и тие се достапни во мека варијанта.


Volkswagen Amarok 15
Korrmotive

Под инфозабавниот систем има и индукциски полнач за вашиот смартфон, како и 12V приклучок и два USB приклучоци, едниот USB-A и другиот USB-C. Има и сосем доволно места за одлагање на вашите предмети, како панелот над фиоката, и разноразните држачи за чаши, како и во централната конзола, така и во вратите. Amarok исто така нуди еден куп безбедносни системи и системи за асистенција при возењето.


Тестерот имаше развиен адаптивен темпомат, препознавање на сообраќајни знаци, Lane Assist систем за заддржување во сообраќајната лента, Front Assist систем за препознавање на пешаци, велосипеди и возила пред вас, како и задна камера за паркирање со предни и задни паркинг сензори. Достапна е и 360-степенска камера како дополнителна опрема.


Volkswagen Amarok 16
Korrmotive

Имам и огромни пофалби за IQ.LIGHT матрикс LED фаровите со автоматски долги светла и делумно блокирање на долгите светла за да не сметате на други членови на сообраќајот.


На задната клупа има доста многу простор, и задните прозорци се симнуваат целосно, што е навистина реткост во денешно време. Патниците на задната клупа исто така имаат пристап до 12V приклучок, како и 120V/230V приклучок како што би имале дома. Тоа овозможува да приклучите бела техника или нешто слично, што е многу корисно доколку го користите Amarok за кампување.

Volkswagen Amarok 17
Korrmotive

Кој е заклучокот за Amarok? Втората генерација на овој пикап навистина многу пријатно изненади. Освен што е пркос на повеќето трендови во индустријата денес, нема една средина каде што Amarok не владее. Градски услови, автопат, или теренско возење, Amarok никогаш нема да ве разочара. Неколкуте ситни забелешки настрана, доколку сте во потрага по пикап кој може да се маскира во автомобил кога ќе посакате, и ги има сите бенефити од двата вида, Amarok е одговорот!



ОЦЕНА: 9 / 10


Почетна цена: €39.528


Почетна цена за Style нивото на опременост: €46.909*


За повеќе информации околу цените, постете ја официјалната веб страна на Volkswagen Комерцијални Возила Македонија.


ДАЛИ ЗНАЕВТЕ?

--

Amarok го добива своето име од Amaroq, бог од инуитската митологија кој личел на волк и ловел сам, и ги напаѓал сите што се осмелиле да ловат доцна навечер. Името исто така беше одбрано бидејќи може да значи „сака камења“ на романските јазици, што сосема одговара на духот на Amarok.


Volkswagen Amarok 18
Korrmotive

*Актуелни цени од јули/август 2023.


Comments


bottom of page