Toyota Yaris Cross
Понекогаш и конвенционалниот треба да ги следи трендовите. Ако ми дозволите да направам паралела; верувам дека многу од вас сте гледале филм – најчесто мјузикл – каде што често има еден лик кој не учествува во песните на главните ликови, но при крајот на филмот и тој се придружува. Развој на ликот, како што велат вештите во проза и пишување.
Што сакам да кажам со ова? Кој е тој лик кој се придружува на песната на останатите? Ајде да дознаеме.
Korrmotive го тестира Toyota Yaris Cross
На тест кај Korrmotive пристигна Toyota Yaris Cross, со Fancy пакет на опрема и оваа интересна металик сива боја, која во англискиот свет ја нарекуваат Storm Gray. Потсеќа на сив облак како што би виделе кога надвор грми, така да, има смисла.
Неоддамна го разгледавме освежениот Toyota Yaris Cross, кој има една важна промена за оваа моделска година; предницата. Секако, тука и таму има и по некоја друга ситница, ама тоа е најзабележливиот дел. Yaris Cross, како модел, всушност се појави со тековнава четврта генерација на Yaris.
Самиот Yaris е со нас уште од крајот на 90те години, и во тоа време беше многу различни работи: имаше моноволуменска варијанта, Yaris Verso, на некои пазари имаше купе варијанта со две врати наречена Echo, и сега, нормално, има и кросовер варијанта.
Yaris отсекогаш бил конвенционален модел, не се трудел да биде нешто што не е, но со кросовер варијантата навлегува во еден од најжешките сегменти во Европа. Се разбираме сега? Yaris е ликот од филмот погоре, а B-SUV сегментот е песната.
Ајде да одмориме малку од компарациите, да го видиме Yaris Cross. Новата предница има маска со шестоаголни форми, што дизајнерски го ускладува Yaris Cross со своите поголеми браќа, Corolla Cross и RAV4. Освен тоа, и по некои нови дизајни на фелни на повисоките пакети, нема некои големи разлики во дизајнот.
Димензии
- Должина
- 4.16 м
- Ширина
- 1.76 м
- Висина
- 1.59 м
- Маса на празно возило
- 1190 кг
Отсекогаш ми бил интересен дизајнот на Yaris Cross. Не го коси еден од главните принципи на Yaris – не глуми нешто што не е, ама сепак дизајнот е занимлив. Новата маска е доста импозантна, и ми се допаѓа долгото меѓуоскино растојание; тркало на секој агол, како што би се рекло, и тоа што е доста висок. Растојанието од тло е поголемо дури и од Corolla Cross, a мислам дека тоа може да се најде повеќе од што би очекувале, бидејќи Yaris Cross е еден од малкуте модели во сегментов кој нуди погон на сите четири тркала.
А кога спомнавме погон…
Технички податоци
- Мотор
- Хибриден 1.5 атмосферски, три цилиндри
- Потрошувачкаизмерена на тестотВо град и на отворено
- 4.5 л/100 км
Според производителот
- Моќност
- 116 КС
- Вртежен момент
- 120 Nm
- Менувач
- CVT автоматски
- Погон
- Преден
- 0–100 км/ч
- 11.2 с
- Максимална брзина
- 170 км/ч
- Багажник
- 397 л
Yaris Cross е достапен исклучиво како хибрид
Само ако слушнам дека сте изненадени.
Шеги на страна, иако чист бензинец беше достапен првите неколку години, Yaris Cross е сега исклучиво хибрид, исто како повеќето други модели на Toyota во Европа. Три варијанти се достапни, а тестеров ја имаше основната. 1.5 атмосферски бензинец со три цилиндри, мал електромотор и мала батерија, и сите заедно испорачуваат 116 коњи до предните тркала.
Над тоа го имаме Hybrid 130 со, нели, 130 коњи, и овој може да се спари со AWD, но и не мора. Моторот останува ист, посилната варијанта има само малку поголема батерија, а AWD верзијата додава уште еден електромотор на задната оска; бензинскиот мотор не ги движи задните тркала.
Ќе се потрудиме да ја испробаме и таа варијанта во иднина ако има можност, но да се фокусираме на основнава варијанта сега за сега. Значи, 116 коњи вкупна сила, 11.2 секунди до стотка и максимална брзина од 170 км/ч. Кај сите варијанти силата стигнува до тркалата преку CVT безстепен автоматик, т.е во случајов e-CVT. e-CVT значи дека нема ремен во трансмисијата, туку работи со планетарни запчаници. Со други зборови кои што би ги разбрале сите; многу подолго ќе трае.
Да започнеме од градската вожња. Ова е, генерално, домашна територија на Yaris Cross, и супер си се покажа тука. Иако користи CVT менувач, 99% од времето работи на ниски вртежи, што значи дека едвај ќе го чуете, а често префрла и на струја, особено на пониски брзини. Седиштата се удобни и имаат океј поддршка, прегледноста е супер, и иако се седи доста високо, не се чувствувате како контролната табла да е многу ниско, што беше една од моите забелешки за Corolla Cross.
Се гледа дека Yaris Cross се планирал уште во старт, и ергономијата јасно говори за тоа. Контролите се лесни и едноставни за користење, и бидејќи е мал, лесен е за паркирање и за маневрирање. Единствено што ми беше чудно е недостатокот на паркинг сензори; како за вториот пакет на опрема би сакал да имаше барем задни.
Камерата помага, секако, но би било фино. Амортизацијата беше малку потврда од што би сакал, но не се чувствуваше неудобно во ниеден момент. Контролите на воланот исто ќе ви треба малку време да ги навикнете, ги има многу, но лесни се за навикнување. Една работа за која немам никакви забелешки е потрошувачката; без разлика каде и како возев, бројката беше 4.5 литри на 100 км. Нема многу често да треба да точите гориво.
Safe City
За да го вклучите ограничувачот на брзина во Yaris Cross, прво со MODE копчето на воланот бирате Speed Limiter, и потоа со RES копчињата можете да го подесите на соодветната брзина.
Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.
Автопат и динамички способности
На автопат Yaris Cross исто се покажа супер. Потрошувачката си остана одлична и понатаму, и дефинитивно се чувствуваше како да е побрз од што би рекле цифрите; нема проблем да развие брзина, стабилно е, а звуците беа минимални. Имаше малку повеќе звуци од ветерот, што не ме изненади; сепак таква му е формата, но ништо страшно.
Во кривините исто се покажа океј, но јасно е дека е повеќе штелуван за комфор отколку за возење по патишта исполнети со свиоци. Имаше малку навалување при фаќање кривини, но фидбекот низ воланот ме изненади, и генерално, ако си ги ускладите очекувањата, Yaris Cross си ја врши работата и во кривините.
Ентериерот едноставно преминува на главното
Што сакам да кажам? Нема некои посебни финти или ергономски решенија на кои треба да се навикнете; ова е класичен ентериер, по буквар. Мал дисплеј за инструментите, екран за инфозабавните соддржини со едноставен софтвер без многу драма, и физички контроли за сѐ она што треба да биде со физички контроли.
Достапен е и поголем екран за инструментите, но сепак има сѐ што треба. Има и неколку различни опции за конфигурација, за да одберете која е најважната информација во било кој момент. Ова е за пофалба, бидејќи екранот е мал, и не се чини како да би имало доволно простор, но сепак имаше.
Инфозабавниот систем повеќе би го сметал за мултимедија систем, а и така му е вистинското име – Toyota Multimedia – и тука се радиото, повиците, и поврзување со смартфон кое може и со кабел, но може и безжично! И тоа си работеше како што треба, секако.
Екранот исто може да ви покажува графа со просечната потрошувачка, како и приказ што точно прави хибридниот погон во било кој момент, што е навистина корисно. Под екранот имаме исклучително едноставни контроли за клима уредот, со две тркалца и неколку копчиња. Повторувам, нема дополнителни контроли за климата во екранот, сѐ си е тука. За крај, исто еден old school елемент што морам да го издвојам е механичката рачка за менувачот.
Единствената забелешка која би ја дал е што воланот има малку голема концентрација на контроли, и треба малку навикнување. Исто така би сакал да имаше барем задни паркинг сензори, како што кажав погоре. Но, освен тоа, немам лош збор да кажам. Овој пакет на опрема доаѓа стандардно и со греење на седиштата, шофершајбната, дури и воланот!
Во овој сегмент ретко се гледа тоа на вториот пакет на опрема, директно над основниот, така да, тоа е за пофалба. Квалитетот на изработка е супер, и иако нема многу меки материјали, сѐ е добро смислено и робустно. Да не заборавиме, сепак, ова е Toyota. Исто ми се допадна возачката позиција; тоа ми беше една од забелешките кај Corolla Cross, но тука контролната табла и воланот беа наместени точно како што треба, земајќи предвид тоа дека Yaris Cross е повисок, и имаше доволно подесување за да биде таман.
На задната клупа има сосем доволно простор како за еден мал кросовер, ама би додал некој USB или 12V приклучок за полнење нешто. Багажникот нуди 397 литри капацитет на верзиите со преден погон, но таа бројка минимално се симнува на 320 литри доколку одберете AWD. Со преклопување на задната клупа добивате 1.097 литри.
Yaris Cross беше едно пријатно изненадување
Генерално, Toyota нуди искуство зад волан без многу nonsense и ризици; комфор, практичност и добри ергономски решенија. Тоа е апсолутно случајот и со Yaris Cross, но со дизајнот, и особено со овој хибриден погон со мотор со три цилиндри, навистина ме освои. Како што кажав, конвенционалниот некогаш треба да се придружи на трендовите, и во овој случај, нема апсолутно никаков проблем да се вклопи или да биде прифатен; веќе ги знае правилата на игра.
Браво!
За повеќе информации посетете ја официјалната веб страна на Toyota Македонија (се отвора во нов таб).
Слика 1 од 11
Оцена на Korrmotive
Оцена 9 од 10Принципите на Toyota одлично се преведуваат во мал B-SUV
- Почетна цена
- € 25.999
- Цена на тестираниот модел
- € 28.489
- Тестиран модел:
- Hybrid 115 Fancy



