Тестови

Renault Clio

Марко Соколовски10 мин.Фотографии: KorrmotiveДо податоцитеДо фоткиДо оценката

Често се случува на тестовите да има потреба од некаков вовед за моделот. Во овој тест мислам дека нема потреба. Да преминеме директно на главното.

Korrmotive го тестира Renault Clio

На тест кај Korrmotive пристигна новото Renault Clio, со Techno пакет на опрема, чист бензинец и мануелен менувач, како и оваа Schieste металик сива боја. Ова е шестата генерација на Clio, еден од најпознатите модели во B(Б)-сегментот, кој е со нас веќе од 1990 година. 

Самиот факт што сѐуште е со нас и имаме нова генерација е интересен – сѐ повеќе гледаме производители како се повлекуваат од овој сегмент или целосно, или пак ги заменуваат досегашните модели со целосно електрични варијанти. Сепак, Renault согледале дека изборот е многу важен, и покрај тоа што нуди трио од фантастични ретро електрични автомобили кои се отприлика оваа големина, Clio е сѐуште тука за тие кои бараат покласичен хечбек со бензински или хибриден погон.

Освен тоа, името Clio има тежина. Некој од вас можеби го полагал возачкиот испит со Clio, на некој можеби му бил прв автомобил, или пак можеби ги поминал детските години во задното седиште на Clio. Моделот има доста големо значење за европскиот пазар, а можеме истото да го кажеме и за Балканот, барем во поновата историја.

Ајде да започнеме од дизајнот. Веднаш се гледа дека ретро елементите се резервирани за електричните модели, бидејќи Clio оди на сосем другата страна од спектарот; агресивни, модерни, впечатливи линии. Предницата ми е особено интересна; предните светла се речиси целосно отворени, нема никаков light bar или нешто слично, а предната маска е малку помала, но многу горда; освен Renault знакчето во средина, целиот pattern е мали дијаманти. Долу на браникот ги имаме големите дневни светла, кои не би ги помешале со нешто друго.

Општо, како за мал автомобил, има доста авторитет и агресивност. Тоа продолжува и во профил, каде што го забележуваме наклонетиот покрив, и кваките од задните врати кои и понатаму остануват скриени кај прозорите. Позади, повторно, забележуваме недостаток на light bar; светлосните елементи се индивидуални, по два од секоја страна, и пак ќе кажам, со светлосните потписи дефинитивно нема да го помешате со нешто друго. 

Димензии

Должина
4.11 м
Ширина
1.76 м
Висина
1.45 м
Маса на празно возило
1155 кг

Сѐ на сѐ, иако бев малку скептичен за дизајнот на Clio кога излегоа првите фотографии, во живо друг е филмот. Многу добро изгледа, и за тоа имав речиси универзално согласување од сите кои го видоа и се возеа во него додека го имав на тест. Само јас лично не би ја одбрал сивава боја, црвената или зелената (која не се доплаќа!) се многу поинтересни.

А што го движи Clio?

Технички податоци

Мотор
1.2 турбо бензинец со три цилиндри
Потрошувачкаизмерена на тестотКомбинирано
6.5 л/100 км
Во град
6.5 л/100 км
На отворен пат
5 л/100 км

Според производителот

Моќност
115 КС
Вртежен момент
190 Nm
Менувач
6-степен мануелен
Погон
Преден
0–100 км/ч
10.3 с
Максимална брзина
180 км/ч
Багажник
391 л

Покласично од ова, тешко

Под хаубата на тестерот имаме 1.2 турбо бензинец со три цилиндри, 115 коњи и 190 Nm вртежен момент, и тоа оди до предните тркала преку 6-степен мануелен менувач. Достапен е и автоматски со двојна спојка, и нормално, има и хибрид варијанта на Clio, но мислам дека тоа треба да го оставиме за посебен тест, здравје, понатаму. Оддамна не сме тестирале нешто со мануелен менувач, така да, ова беше едно интересно разбивање на монотонијата. 

Да започнеме, како и вообичаено, со градско возење. На наше и ваше големо изненадување, на Clio му е апсолутно домашна територија градот. Компактни димензии, солидна прегледност и напред и позади, и многу лесен за маневрирање, за што помогнаа и сензорите и камерата за рикверц на овој модел. Оддамна не сме тестирале автомобил со мануелен менувач, па да спомнеме и нешто околу тоа – куплунгот е исклучително лесен, и иако ми требаше малку време да се навикнам колку брзо моторот развива вртежи, т.е самите степени на пренос се релативно кратки, штом се навикнете, нема да имате никаков проблем. Како човек чиј daily driver е со мануелен менувач и тежок куплунг, првично имаше огромен контраст и ми требаше малку време да се навикнам, но потоа си е супер.

Единствено би сакал амортизацијата да беше за нијанса помека, ќе почувствувате некои од поголемите дупки, но не е неудобно; напротив, амортизацијата е изненадувачки добра 98% од времето.

Секако, мислам дека на ваков тип на автомобил многу лежи и автоматски менувач, но некој од вас верувам дека претпочита малку поинволвирано искуство и менување на брзини самите, и тоа е сосема океј. Доколку сте во таа категорија, овој менувач ќе ви се допадне. Што се однесува до потрошувачката, како што пишува погоре, 6.5 литри на 100 км во град е сосема достижно, а дури и помалце, а на отворено можете да очекувате околу 5. Тоа што менувачот е со шест степени дефинитивно има придонес тука, но како што исто знаеме, мали бензинци со три цилиндри се секогаш вешти во оваа работа.

Safe City

За да го вклучите ограничувачот за брзина во Clio, најпрво притиснете го копчето MODE на левиот крак на воланот, а потоа со прекинувачот на левиот крак можете да ја подесите брзината. Едноставно и лесно. 

Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.

Автопат и динамички способности

Clio се покажа одлично и во овие средини. Иако е мал автомобил и многу му лежи градското возење, пријатно изненади и на отворен пат. Нема никаков проблем со развивање брзина, и не се чувствува во ниеден момент како да се мачи или како да му фали сила, дури и во шеста брзина. 115 коњи сепак не е моќност што ќе постави рекорди, но во оваа апликација се сосем доволно. 

Исто така многу пријатно изненади звучната изолација; многу малку звуци од патот, што може да се препише, меѓу другото, на Continental EcoContact гумите, а и со самото тоа што Clio приоритизира аеродинамика и поспортски изглед значи дека звуците од ветерот се минимални. Тука треба да истакнеме дека и покрај тоа што овој модел дојде со мануелен менувач, сепак има адаптивен темпомат!

Иако нема некое посебно спортско подесување, Clio многу добро се снајде и во свиоците. Звуците од мотори со три цилиндри се секогаш интересни, и општо на кривините настапува самоуверено, без многу навалување и со солиден фидбек од воланот, кој инаку нуди повеќе опции за тежина на серво асистенцијата.

Сѐ на сѐ, иако ова е мал автомобил, навистина се снајде во сите услови во кои го тестиравме. Одлично!

Ентериер полн со генијални решенија

Renault веќе долго време работат на добри решенија во ентериерот, и Clio е одличен пример за тоа. Не е заборавено на стилот, но јасно е дека функционалноста не била избркана најдолу на списокот на приоритети. Ако гледаме само од точка на дизајн, ентериерот на Clio е дефинитивно statement.

Што имаме, всушност? 10" екран за инструментите и 10.1“ екран за инфозабавните соддржини, многу физички копчиња, и многу интересни материјали и дезени. Екранот за инфозабавниот систем работи на Android Automotive софтвер платформата, и да напоменам дека тоа не е исто што е Android Auto – Automotive варијантата е софтверска платформа за инфозабавни системи кои веќе се користи на повеќе места во авто индустријата.

Тоа значи, меѓу другото, дека Google Maps се единствената опција за навигација, има вграден Google Assistant, како и Play Store каде што може да симнувате дополнителни апликации. Ако користите Android телефон, мислам дека веднаш ќе се снајдете тука. Ако сте на iPhone, Apple CarPlay си работи одлично без кабел, но сакам да кажам дека нема да ви треба многу навикнување за да го користите системов – структурата и интерфејсот се многу сродни на смартфон. Сѐ е јасно прикажано, на дофат, и лесно за сфаќање.

Под екранот имаме – еден аплауз, ве молам – физички контроли за климата! Сите се тука, само A/C е на долниот дел од инфозабавниот екран (во секое време, не треба да го барате). Ако сте ги заокружиле греените седишта и греењето на волан во дополнителната опрема, и тие ќе се појават во долниот дел од екранот. Под тоа имаме USB-C приклучоци, и секако, рачката за менувачот, а позади неа еден интересен контраст – електронска рачна и auto hold! Досега не сум видел auto hold на автомобил со мануелен менувач, така да, што е до мене, ова е за бонус поени.

Екранот за инструментите е исто така солиден, со јасна графика и со интересни дизајнерски решенија. Фонтот кој се користи за дигиталниот приказ на брзината е многу интересен, но и многу читлив. Единствено нешто што не ми се допадна тука е тоа што само еден од достапните режими на приказ може да покажува мерач на вртежи. Ова обично не би го коментирал, но ова Clio имаше мануелен менувач, и многу долго време е поминато откако бевме принудени да менуваме брзини по слух. Мислам дека треба мерачот на вртежи да биде достапен како default опција и да стои на сите прикази. Исто така, би го тргнал држачот за чаша позади менувачот, бидејќи ако пијалокот е во повисоко шише, или термос на пример, ќе ви смета.

Кога сме кај приказите на инструмент таблата, можете да ја гледате мапата за навигација директно тука, што е секогаш за бонус поени, а на десната страна имате неколку различни стандардни опции; просечна потрошувачка, која песна е пуштена итн.

На воланот исто го имаме Multi Sense копчето кое вообичаено го менува режимот на возење, но бидејќи ова Clio дојде со мануелен менувач, и како што често кажувам, возачот во овој случај би бил де факто режим на возење, во зависност од тоа како е расположен со педалата за гас, сепак Multi Sense има функција тука; освен што ги менува боите на екраните и амбиенталното осветлување, минимално го отежнува или олеснува сервото, и минимално пореспонзивен станува моторот во Sport режимот.

Ама чекајте, уште не сме готови. Сега доаѓаме до најпаметното решение, без конкуренција, во ентериерот на Clio; My Safety Perso. Го контролирате преку копчето(!!!) лево од воланот. Откако ќе подесите кои безбедносни системи не би сакале да се вклучени за време на возење, кога ќе влезете, само го стискате два пати, и тоа е тоа. Нема влегување во менија во инфозабавниот систем за да ги гасите индивидуално, ништо од тоа, само едно копче стискате два пати, и тие безбедносни системи се изгасени. Крај на муабетот.

Просторот во кабината е генерално океј, и ми се допадна колку подесување има во возачката позиција, и секогаш давам бонус поени кога мал автомобил нуди подесување на волан по длабочина. Квалитетот на изработка е солиден, иако нема нешто многу меки материјали, сепак има чувство на цврстина, а седиштата на овој модел беа одлични и со изненадувачки многу поддршка. Има и сосем доволно места за одлагање на предмети. Задната клупа нуди добар простор како за B(Б)-сегмент хечбек со бензински мотор, додека багажникот нуди одлични 391 литри капацитет со седиштата горе, една од подобрите бројки во класава. Со спуштање на задната клупа добивате 1.176 литри.

Дали сѐуште има место за Renault Clio денес?

Да, апсолутно. Не дека имаше некакви сомнежи, ама со новото Clio, Renault повторно докажаа дека никогаш не ги заборавиле суштинските вредности на еден мал автомобил. Добро искуство зад волан, одлични практични решенија, и сега со една огромна дополнителна доза на стил. Автомобилската клима се менува, сѐ повеќе се оди на електрични погони за оваа класа на возила, нешто што самите Renault го знаат и веќе го практикуваат. За да се остане релевантен во сегментов со бензинец под хауба, мора да се направат внимателни потези, нешто што Renault, според мене, апсолутно го имаат направено.

За повеќе информации, посетете ја официјалната веб страна на Renault Македонија. Цените се акциски и се точни од времето на објавување.


Оцена на Korrmotive

Оцена 9 од 10

И покрај променливоста во индустријата, Renault Clio го заслужува своето место во овој сегмент.

Почетна цена
€ 19.862
Цена на тестираниот модел
€ 22.022
Тестиран модел:
Techno TCe 115
Ти се допадна?

Сподели
Сите написи заRenault

Повеќе тестови

Сите тестови