Тестови

Kia Seltos

Марко Соколовски8 мин.Фотографии: KorrmotiveДо податоцитеДо фоткиДо оценката

Кросовер моделите се сѐуште многу популарни, и повеќето производители сметаат дека, како што викаме народски, нема зијан да се воведе уште еден во понудата. Токму тоа беше размислувањето на Kia со субјектот на денешниов тест. Како се покажа најновиот член на SUV семејството на Kia?

Да видиме…

Korrmotive го тестира Kia Seltos

На тест кај Korrmotive пристигна новиот Kia Seltos, со максималното X-Line ниво на опрема, турбо бензинец со автоматски менувач, и класична бела боја. Ова е всушност втората генерација на Seltos, но ова е првиот пат што моделот се нудел во Европа. Претходно, Seltos беше резервиран за другите светски пазари, меѓу кои Северна Америка, Кина, и некои други пазари во развој, како Индија и некои земји од Југоисточна Азија. 

Во Европа, XCeed и Stonic ја вршеа работата на Seltos, но Kia сепак реши да ни го понуди и на нас европјаните со вторава генерација бидејќи, како што кажав погоре, нема зијан од уште еден кросовер модел. Секако, Seltos е сместен меѓу XCeed и мегапопуларниот Sportage во понудата.

Да започнеме со дизајнот, можеби еден од најинтересните делови од Seltos. Иако нема сомнеж дека ова е Kia, Seltos е повеќе инспириран од електричните модели на брендот отколку тие со класични бензински мотори. Исто многу потсеќа на огромниот Telluride, кој е сместен над Sorento во неколку светски пазари. Напред имаме вертикални дневни светла, додека самите фарови се интегрирани во предната маска. На X-Line имаме многу сјајно црни акценти, и тоа оди одлично со белата боја. Обично не сум некој голем фан на бели коли, иако две од мојата флота се бели, ама со црниве акценти ептен го личи. 

Од страна се гледа правоаголната форма, еден од другите заштитни знаци на Seltos; другите кросовери на Kia претпочитаат помеки линии, додека Seltos е малку повеќе old school. X-Line доаѓа со 19-инчни фелни, исто во црна боја, и тие ептен го личат. Позади имаме вертикални стоп светла кои се накосени на долниот дел, како и голема сјајно црна површина на браникот. Сѐ на сѐ, многу интересен дизајн. 

Димензии

Должина
4.43 м
Ширина
1.83 м
Висина
1.62 м
Маса на празно возило
1664 кг

Како што сум кажал многу пати, истакнување со дизајнот е многу важна работа во овој сегмент, и дизајнерите на Kia си ја завршиле задачата. Ми се допаѓа што е значително различен од своите браќа и сестри; нуди малку поразлична естетика, и тоа му оди во прилог. 

А што го движи Seltos?

Технички податоци

Мотор
1.6 турбо бензинец со четири цилиндри и GDI
Потрошувачкаизмерена на тестотГрад
8.5 л/100 км

Според производителот

Моќност
180 КС
Вртежен момент
265 Nm
Менувач
7-степен DCT автоматик
Погон
На сите четири тркала
0–100 км/ч
9 с
Максимална брзина
205 км/ч
Багажник
483 л

Класичен турбо бензинец

Под хаубата на тестерот имаме 1.6 турбо бензинец со директно вбризгување, 180 коњи и 265 Nm вртежен момент, и тоа оди до сите четири тркала преку 7-степен DCT автоматик. Од времето на објавување, ова е единствениот мотор достапен кај Seltos, но можете да го искомбинирате и со преден погон, како и со мануелен менувач на одредени пакети на опрема. Наскоро ќе има и Seltos Hybrid.

Да започнеме, како и вообичаено, со градска вожња. Seltos одлично се покажа во оваа средина. Една работа што многу му оди во прилог се димензиите; бидејќи е доста помал, со типични димензии за B-SUV, го собира на повеќе места, и поради формата веднаш можете да одредите кај му се страните и аглите. 

Лесен е за паркирање и маневрирање, а тука се и паркинг сензорите и 360 камерите да помогнат. Управувањето е лесно, моторот е тивок, и нема нешто што бара некое посебно навикнување. Ми се допадна многу и што сите контроли се одма на дофат, но за тоа малку подоцна. Единствено нешто што би го издвоил е што педалата за гас бара малку навикнување; не е голем фан на нагло додавање, треба малку понежно при тргање, и знаеше минимално да се буни во тежок сообраќај, но освен тоа, немам некои забелешки за возењето во град. 

Што се однесува до потрошувачката, градска е околу 8.5 литри на 100 км, што е океј, со оглед на тоа дека немаме никаква електрификација и погон на сите четири тркала. На отворено очекувајте околу 6 литри, а во зависност од патот, некогаш може и помалку.

Safe City

За да го вклучите ограничувачот на брзина во Seltos, го заддржувате копчето во горниот лев агол на фотографијата, со приказ со автомобил и брзинометар 2-3 секунди, и потоа со прекинувачот под копчето го подесувате ограничувачот. 

Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.

Автопат и динамички способности

Seltos исто се покажа одлично на автопат. И покрај квадратестата форма, ме изненади речиси целосниот недостаток на звуци од ветер, а и звуците од патот беа сведени на минимум кога стигнав до поквалитетниот асфалт на скопската обиколница. Во случајов, звуците и вибрациите на автопат не беа најинтересниот дел. Тоа би бил системот за асистенција.

Секако, овој Seltos дојде со адаптивен темпомат и систем кој ги следи свиоците во патот и делумно го врши управувањето во ваше име, но имаше и една нова финта која прилично сум сигурен дека за прв пат ја испробав во Korrmotive тест; автоматско престројување! Кога сите икони на екранот ќе светнат зелено, и секако, кога ќе биде безбедно да се стори тоа, само го вклучувате трепкачот, и Seltos автоматски го превзема воланот и ве престројува во лентата до вас, па потоа исправа.

Прв пат имав прилика да пробам вакво нешто, и иако во принцип не сум многу по ваквите работи кога возам, морам да признаам дека ова работи одлично и може да биде многу корисно. Само би сакал да ве потсетам дека адаптивните темпомати и системите за асистенција на автопат НЕ се замена за возачот; системот ве следи дали гледате низ шофершајбна и дали го држите воланот барем малку, и доколку забележи дека не следите пат или не го држите воланот, автоматски се исклучува и ви дава да превземете контрола. Ова е системи за асистенција, не за возилото само да вози, како што некогаш кажуваме народски. Бидете умни!

Seltos супер се покажа и во кривините. Да, повеќе е наместен за комфор и за опуштено возење, но сепак ги фаќаше кривините солидно без многу навалување, и фидбекот од воланот беше изненадувачки добар. Сѐ на сѐ, искуството зад воланот на Seltos беше исклучително пријатно!

Ентериер како што треба

Seltos воведува нова генерација на познатиот ентериер на Kia, и веднаш морам да кажам дека има некои одлични решенија тука. Прво морам да го истакнам можеби и најдобриот дел; пијано црните пластики се сведени на апсолутен минимум, скоро и да ги нема. Освен минимално на менувачот, и нормално сјајните површини на екранот, нема простор за сјајни пластики во овој ентериер.

И покрај тоа што постои аргументот дека со пијано црни пластики ентериерот добива малку попремиум чувство, во ниеден момент не помислив дека ентериеров би изгледал подобро или полуксузно ако имаше повеќе сјајни материјали. 

Екраните на контролната табла го користат последниот софтвер на Kia, со јасна графика и одличен дизајн на интерфејс. Инструментите се јасни и имаат добри опции за конфигурација, само посакав да можеше да се гледа мапата. Инфозабавниот систем е лесен за користење, има добра графика и брзи анимации, а и Apple CarPlay работеше одлично без кабел. Само посакав пристапот до некоја од опциите, како амбиенталното осветлување, да беше малку побрзо и поедноставно.

Под екранот имаме физички контроли за климата. Само четири прекинувачи, температура, јачина и зона, тоа е тоа. На левиот агол од инфозабавниот екран се дополнителните контроли, и има добар графички приказ меѓу двата екрани за што точно се случува со клима уредот. Исклучително паметно решение. Зошто да страдаат физичките контроли, кога може да се веднаш на дофат и повеќето команди да ги бркаат само четири прекинувачи? 

Не се секирајте, има и физички контроли за седиштата и за воланот, само тие се на вратата. Сме го виделе ова решение и друг пат, и тоа е исто многу паметно. Кога сме кај тоа, X-Line доаѓа стандардно со кожни седишта со греење и вентилација, како и греење на воланот. Исто имаме и панорамски сончев покрив. Исто големи пофалби за Harman/Kardon озвучувањето!

Бидејќи селекторот за менувачот е поставен кај воланот, централната конзола е целосно ослободена, и има многу простор за чување предмети, како и два држачи за чаши. Има и три USB-C приклучоци, од кои еден е за поврзување смартфон, а другите два се само за полнење. Има и многу подесување во возачката позиција, и нема да имате проблем да се наместите таман како што ви одговара. Интересен момент ми беше што воланот има уште две копчиња на долниот крак, ме потсети на Mitsubishi GTO, а мислам дека многу од нас ќе се сложиме дека тоа воопшто не е лоша работа.

На задната клупа има одличен простор како за релативно мал SUV, и секако имаме USB-C приклучоци и држачи за чаши во централната конзола вградена во средното седиште. Кога сме кај тоа, мислам дека дојде ред конечно и за ова нешто да спомнам; не е така страшно и да треба да го фатите средното седиште, има сосем доволно простор за сите. Багажникот има, а со спуштање на задната клупа има.

Дали Seltos го оправдува доаѓањето во Европа?

Вистина е дека имаме една сатурација со SUV модели во Европа, и освен што Seltos се придружува во еден многу конкурентен и загреан сегмент, се придружува на веќе широката понуда на SUV модели на Kia. После поминатото време со Seltos, една работа беше прилично јасна; апсолутно го заслужува своето место во понудата на Kia, и општо во светот на B-SUV моделите.

За повеќе инфо, посетете ја официјалната веб страна на Kia Македонија (се отвора во нов таб).


Оцена на Korrmotive

Оцена 9 од 10

Kia Seltos дефинитивно го заслужува своето место во понудата.

Почетна цена
€ 26.900
Цена на тестираниот модел
€ 40.500
Тестиран модел:
X-Line AWD
Ти се допадна?

Повеќе тестови

Сите тестови