За жал, малите автомобили сѐ поретко ги среќаваме. Со сите барања и регулативи, сѐ помалку има економска смисла да се заддржат во понудата. Сепак, и покрај тоа што многу брендови се тргаат од оваа категорија, барем од моделите со бензински мотори, имаме уште неколку кои опстојуваат и покрај сѐ.
Субјектот на денешниот тест е пример токму за тоа. Да видиме?

На тест кај Korrmotive пристигна Hyundai i20, со Premium пакетот на опрема и Aurora Grey боја на каросерија. Ја викаат Grey, ама јас повеќе би рекол дека потсеќа на тегет. Во секој случај, симпатично, ама некоја од посветлите бои го личи повеќе.
Третата генерација на i20 е со нас веќе од 2020 година, а пред пар години имаше минимален фејслифт; поагресивна предница, знакот на Hyundai се пресели над маската итн. Иако повеќето се префрлаат на електрични автомобили за овој сегмент, а и самиот Hyundai сега има електричен конкурент во B-сегментот — Ioniq 3 — сепак i20 не е спремен да си оди туку така. Тоа е занимливо само по себе, но никако не е лошо.

Да почнеме од дизајнот. Како што кажав, предната маска на фејслифтот го премести знакот на Hyundai над маската, а самата маска има многу триаголнести елементи, и предните светла најдобро би се опишале како налутени. Подолу на бранккот имаме нешто што потсеќа на сплитер во сребрена боја. Можеби е мал, ама i20 дефинитивно гордо настапува со предниов дел.

Од страна имаме остри карактерни линии, а овој модел дојде стандардно со 16-инчни алуминиумски фелни. Не се мој стил, повеќе ми се допаѓаат 17-инчните, но му прилегаат дефинитивно. Исто многу ми се допаѓа моментот со тркало на секој агол, максимално искористување на платформата. Ќе дојдеме и до тоа.
Позади имаме карактеристични стоп светла кои се во стил на light bar, но поголемиот дел е рефлективен, не свети. И задниот браник е малку поагресивен со елементи кои потсеќаат на дифузер.
Сѐ на сѐ, многу симпатичен дизајн, и иако малку повеќе се навалува кон конвенционално, сепак е впечатлив. Пак ќе кажам, си бара посветла боја за да дојде сето тоа до израз, ама дизајнерите добро си ја завршиле работата.
А што го движи i20?

Под хауба имаме 1.0 турбо со три цилиндри, 100 коњи и 172 Nm вртежен момент, и тоа оди до предните тркала преку, во случајов, 7-степен DCT автоматик. Секако, достапен е и мануелец со 6 брзини.
Тука е добар момент да се спомне дека во пресрет на построгите регулативи за емисии, овој мотор ќе се симнува на 90 коњи, но сите други перформанси остануваат речиси непроменети. Ништо големо, ама вреди да се спомне.
Да започнеме со градската вожња, нешто што историски било силна страна на оваа класа. Замислете, тоа е случајот со i20. Иако сум слушнал аргументи дека на ваков автомобил нема потреба од автоматик, кога не треба да мислите на куплунг и менувач во градски услови, а особено во гужви, веднаш има повеќе смисла.

Како и други модели на Hyundai со овој менувач, треба малку навикнување, и одговорот од гаста е минимално одложен понекогаш, но инаку супер се снаоѓа. Моторот е тивок, амортизацијата и комфорот општо ме изненадија пријатно за оваа класа, прегледноста беше сосема океј — а тука се и камерата и задните сензори да помогнат — и, бидејќи ова е мал автомобил, секаде го собира. Би сакал седиштата да имаа само малку повеќе латерална поддршка, но и тие самите се многу удобни.

Што се однесува до потрошувачката, очекувајте околу 5.5 до 6 литри во град, а на отворено знаеше да се симне под 5 литри. Бидејќи е автоматик, кога ќе стабилизирате на 50 км/ч во град, менувачот се префрла скоро секогаш во петта брзина за максимална ефикасност. Можете тоа да го пробате и со мануелен, но нема баш далеку да стигнете.

За да го вклучите ограничувачот на брзина на i20, заддржете го заокруженото копче на воланот неколку секунди, и ќе добиете конфирмација на инструмент таблата. Со + и - копчињата можете да ја подесите брзината, и може да соработува и со системот за препознавање на сообраќајни знаци.
Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.

На автопат i20 одлично се покажа. Иако нема нешто многу звучна изолација, сепак одличен перформанс од мал автомобил. Имате повеќе од доволно сила за забрзување и претекнување, и безбедносните системи ќе држат сѐ под контрола, без тоа да биде многу напорно или интрусивно.
Иако максималната забава зад волан му е препуштена на i20 N, регуларниов i20 добро се носи и во кривини. Низок автомобил значи ниско тежиште, а тоа значи нема навалување во свиоци, и бидејќи е мал и релативно лесен, ви дава прилично многу самодоверба.

Знам, ова беше кратко. Како што би се рекло на англиски, no notes; немаше некоја средина која успеа да го збуни или да му истакне некоја слаба страна. Мал автомобил, но многу способен во сите средини, дури и на тие кои не може да се каже дека му се домашна територија.

Ентериерот на i20 беше мала промена и освежување од тоа на кое што навикнавме денес. Нема големи екрани на сите површини, само оние најважните, а другото е физичко копче, и сѐ е логички распоредено и лесно за разбирање. Единствено нешто што му недостасува, барем според мене, е малку посветли пластики на контролната табла, да го оживеат малку повеќе.

Во средината на контролната табла го имаме инфозабавниот систем, кој веќе го имаме испробано многу пати и се има докажано како одличен систем. Логички распоред, лесен за користење и лесен за разбирање, и има добра количина на функции, како и прилично мазни анимации. CarPlay не е безжичен, носете си USB-A кабел со вас, но кога ќе се поврзете, одлично си работи. Под екранот има неколку копчиња за брз пристап, но всушност се touch и немаат некој посебен фидбек. Би сакал да имаа или некаква вибрација/хаптички фидбек, или пак да беа класични копчиња.

Малку подолу, i20 ја исправа грешката со физички контроли за сите функции на клима уредот. Не се поделени за дел од нив да се копчиња а дел да се во екранот, туку сѐ што ви треба е тука на едно место. Кај овој модел имаше автоматски клима уред, а достапно е и греење на седишта.
Екранот за инструментите е малку помал од оној за инфозабавниот систем, и на овој модел е целосно дигитален, со три различни опции за изгледот, и многу различни прикази во централниот дел, од ADAS системите па сѐ до дигиталната брзина. Доколку сакате, изгледот на инструментите се менува со режимот на возење, но бели инструменти ми се слаба точка. Мислам дека и многу од вас ќе се сложат, добро изгледа.

Седиштата се удобни, иако би сакал малку повеќе латерална поддршка, а има и многу подесување во возачката позиција, вклучувајќи и подесување на воланот за длабочина, нешто што беше реткост во овој сегмент пред неколку години. Овој модел имаше сѐ што треба од опрема, вклучувајќи и задни сензори за паркирање и камера, како и доста голема лепеза на безбедносни системи, меѓу кои и асистенција за долги светла! Нешто што не го очекував да го видам на модел од оваа класа, многу пријатно изненадување.
Огромна пофалба за задната клупа. i20 е мал автомобил, а јас не сум нешто мал, особено од латерална гледна точка, но имав сосем доволно простор на задната клупа и комотно би можел да поминам релативно долг пат со i20 без никаков проблем… сѐ додека теглите и шишињата не се сместени до мене, нормално.
Багажникот нуди 352 литри простор, а со спуштање на задната клупа добивате 1.165 литри, и двете се одлични бројки за оваа класа.

Можеби веќе знаете, особено ако сте редовен читател, но јас сум прв човек што ќе каже дека ако има смисла некои автомобили да се електрични, тоа се малите автомобили. Тоа е и понатаму така, но после изминатото време со Hyundai i20, сепак ме потсети дека во автомобилската индустрија и понатаму има место за мали автомобили со добра опрема, харизматични турбо бензинци, и одлично искористување на внатрешниот простор. Сега уште фали да се согласат со сево ова тие што ги носат одлуките…
Во меѓувреме, мене ми останува да кажам само да живеат малите автомобили!
Почетната цена за Hyundai i20 изнесува 17.400 евра.
Цената за тестираниот модел (Premium 1.0 T-GDI 7DCT + Aurora Grey металик боја) изнесува 21.300 евра.
Цените се акциски и се точни од времето на објавување. За повеќе инфо посетете ја официјалната веб страна на Hyundai Македонија.