Верувам многу од вас знаете како тргнаа работите. Автомобилски бренд создава непотребно голем ЕВ - ги согледува бенефитите на мали ЕВ - back to the drawing board - време е за мал електричен модел!
Најновиот производител кој согледа дека сега е моментот да се влезе во играта на мали електрични возила, особено на европскиот пазар за кој се и најатрактивни, е Hyundai. Минатата година го видовме Concept Three кој беше најава за првиот мал електромобил на Hyundai, и сега, неполна година подоцна, време е за серискиот модел. Да видиме…

Добро изгледа, нели? Секако, прво ја гледаме најспортската N-Line изведба во мат црвена боја, но ќе има и други варијанти, нормално. Воедно, Ioniq 3 е европското деби на новиот дизајнерски стил на Hyundai наречен Art of Steel, т.е Челична Уметност, во послободен превод.

Колегите од странските медиуми истакнаа дека малку потсеќа на Veloster, и мислам дека сите ќе се сложиме дека тоа не е лоша работа. Ioniq 3 ја нема единечната задна врата на Veloster, да, ама генералниот дизајн го има вајбот на Veloster. Затоа и самите Hyundai не го викаат хечбек, туку аеро хечбек.

Ioniq 3 е поставен на истата E-GMP платформа како своите поголеми браќа и сестри од Hyundai, Kia и Genesis, само што архитектурата работи на напон од 400 волти наместо 800. Меѓу другото, тоа значи пониска цена, но и малку побавно полнење. Сепак, не е дека полнењето е нешто слабо.

Достапни се две батерии, 42.2 kWh или 61 kWh, и двете снабдуваат предно поставен електромотор со 135 или 147 коњи. DC брзо полнење може да наполни од 10% до 80% за околу половина час, а AC полнењето на обична струја поддржува до 22 kW, односно двојно посилно од тоа што го испорачуваат полначите на ЕВН низ државава.

Опсегот на струја мораме да го издвоиме; стандардната батерија ветува до 344 километри според WLTP, додека поголемата го качува тоа на речиси 500 км. За мал електричен автомобил кој ја цели сумата која ја цели (малку подолу ќе збориме за тоа), тоа е одлична бројка. Поради електричната платформа, иако Ioniq 3 е некои 20cm пократок од, да речеме, Hyundai i30, пак нуди багажен простор до 441 литри, што е подобро дури и од Kona, која е исто околу 20cm подолга.

Ентериерот исто носи еден важен новитет; ова ќе биде првиот модел на Hyundai кој ќе работи на новиот Pleos Connect инфозабавен систем, изграден на база на Android Automotive. Брендот ја претстави софтверската платформа Pleos минатата година, која го вклучуваше овој систем, како и платформа за развивање апликации исклучиво за овој систем.

Секако, има по некое физичко копче за климата под екранот, а друг интересен момент е што дисплејот за инструментите е поставен повисоко на таблата, додека воланот е малку сплескан. Ова не го очекував, ама се чини прилично интересно. Секако, има цела лепеза на безбедносни системи и технологија, а ќе има и двонасочно полнење (V2L).

Hyundai тврди дека имаат цел Ioniq 3 да започнува од околу 30.000 евра. Тоа е сосема океј цена за оваа класа на ЕВ, релативно блиску со конкуренцијата. Нема уште инфо кога би пристигнал кај нас, ама со оглед на тоа дека ќе се склопува во Турција, би требало цената да остане релативно привлечна и за нашиов пазар.
Краток ќе бидам; Ioniq 3 изгледа одлично, и едвај чекам да седнам зад волан!
НОВОНовиот Audi Q4 e-tron добива очекувани, но забележливи подобрувања

Geely Starray EM-i ја имаше својата официјална премиера.

Среќен роденден Geely Македонија!