Се вчитува…
Се вчитува…

Peugeot 3008 е еден вид камелеон во светот на автомобилите. Првата генерација беше мешавина од SUV и моноволумен, втората генерација беше покласичен кросовер, а третата генерација се нуди исклучиво како coupe SUV, додека 5008 ја превзема улогата на конвенционалниот кросовер кој воедно нуди и седум седишта.
Korrmotive го тестираше 3008 пред две години, и таа варијанта беше со хибриден погон. За многу од клиентите беше негативна страна тоа што се нуди исклучиво како хибрид, и релативно пристапниот самополнечки хибрид имаше само 145 коњи и 1.2 мотор. Затоа, сега има една нова интересна алтернатива. Да видиме?
На тест кај Korrmotive повторно стигна Peugeot 3008, потполно ист како претходниот пат во однос на естетика. Разликата се наоѓа под хаубата; наместо било каков електрифициран погонски систем, имаме чист бензинец, и тоа 1.6 турбо со четири цилиндри и 180 коњи, спарен со класичен автоматски менувач. Оваа комбинација неоддамна се приклучи во понудата на 3008, заедно со самополнечкиот хибрид, плаг-ин хибридот, и целосно електричната варијанта.
Како што кажав, што се однесува до опрема и естетика, овој 3008 е ист како претходниот кој го тестиравме; Obsession Blue боја на каросерија и GT опрема. Ова досега се нема случено на Korrmotive, така да, мислам дека тука е добро време да расчистиме една работа; ова ќе биде малку пократко тест возење, бидејќи Korrmotive веќе има поминато и време и километри со тековната 3008. Со други зборови, ова ќе биде еден вид мини тест. Кликнете на овие сини букви за да го прочитате тестот за 3008 Hybrid (се отвора во нов таб).
Тука ќе се фокусираме генерално на карактеристиките на конкретниов модел, но секако, ќе спомнеме и по нешто за технологијата, дизајнот и сите тие убави работи.
Во однос на дизајнот, нема некоја разлика во однос на 3008 Hybrid и оваа варијанта со чист бензинец; само фали Hybrid знакот на петтата врата. Другото е исто. Искрено да ви кажам, дизајнов ми беше малку чуден кога ги видов првите фотографии, но со тек на време ми стана многу интересен. Дефинитивно се издвојува од конкуренцијата, и иако одлуката да се нуди 3008 само како купе и понатаму не ми е целосно јасна, дизајнот и пропроциите се добро стокмени, и дефинитивно ќе мами погледи. Единствено нешто за што ми е криво е што 20“ фелни се достапни исклучиво на 3008 Electric; 19“ е максимумот доколку има мотор под хауба.
А кога сме кај тоа…
Како што кажав погоре, се работи за 1.6 турбо бензинец со четири цилиндри и 180 коњи, и тоа оди до предните тркала преку 6-степен автоматик. Менувачот не е со двојна спојка како кај хибридните изведби, тука се работи за класичен автоматик. Овој мотор речиси и да исчезна од европската понуда на Peugeot, но достапен е и во други модели кај нас, како 508 и 408. Според Peugeot, стига до стотка за 8.7 секунди, а максималната брзина му е 215 км/ч.
Што е целата работа тука? На многу од потенцијалните клиенти за 3008 им беше трн во око „Како бе толкава кола со 1.2 мотор и 145 коњи?“ Иако времето што го поминав со 3008 Hybrid потврди дека немало баш потреба за секирација, сепак си добива друга перцепција кога е поголем моторот и има малку поголема сила на хартија, без тоа да биде електрифициран погон. И со тоа оди главното прашање; која е правата комбинација? Дали се забележува разлика?
Да започнеме, како и вообичаено, со градско возење. Освен тоа што нема електромотор да ги движи тркалата, искуството во град беше добро. Прегледноста пријатно ме изненади, контролите се лесни, паркирање и маневрирање е доста лесно, и автоматскиот менувач генерално си ја вршеше работата, но бара малку навикнување; не му се допаѓа неконзистетно или нагло додавање гас во градски услови, но штом стабилизирате на 50 км/ч во град, сѐ си оди како што треба.
Исто така, би сакал во нормални услови суспензијата да беше за нијанса помека. Не дека е нешто тврдо, но понекогаш се чувствуваа дупките на нашите прекрасни (!) патишта. Морам да издвојам дека потврдата суспензија имаше еден неочекуван бенефит, но ќе дојдеме и до тоа. Генерално, искуството во град на 3008 беше многу слично како и претходно, со тоа што имате малку повеќе сила од моторот, а немате електромотор. Потрошувачката е како што би очекувале за SUV со чист бензинец; околу 8.5 литри во град, а на отворено можете да очекувате околу 6 литри, така да, официјалната просечна потрошувачка од 7.9л/100км е апсолутно достижна.
За да го вклучите ограничувачот за брзината во 3008, процесот е многу едноставен; притиснете го копчето LIMIT на левиот крак на воланот. До цртежот од сообраќаен знак во инструмент таблата ќе се појави бројка (најчесто 50) и до неа ќе пишува OK? Го одговарате прашањето со OK копчето на воланот, и ограничувачот е вклучен.
Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.
Нема да ве изненади ова, но поголемата моќност, поголемата зафатнина и еден дополнителен цилиндар во моторот значи малку посилно забрзување на автопат, но другото е генерално исто. Тоа значи одлична звучна изолација, скоро ништо од ветерот или патот (ако асфалтот не е за никаде, нели) и чувство на стабилност и сигурност, а и адаптивниот темпомат си ја вршеше работата одлично.
Најголемото изненадување беше 3008 во кривините. Спомнав погоре дека има еден неочекуван бенефит од потврдата суспензија, бенефитот е изненадувачки добро фаќање кривини. Управувањето е многу директно, стабилно е, и нема речиси никакво навалување. Ми измами насмевка на лице дефинитивно, а и моторот звучи изненадувачки добро на повисоки вртежи.
Значи, со исклучок на, да кажеме, уникатните елементи на 1.6 моторот во однос на хибридот со три цилиндри, искуството зад воланот на 3008 е исто како вообичаено; супер.
Уште се сеќавам колку ме воодушеви ентериерот на 3008 кога го имав првиот контакт со него, и тоа е апсолутно сѐуште случајот. Од квалитетот до изработка па до дизајнот, навистина има некое посебно чувство, и се гледа една храброст да се експериментира со дизајнот која многу ретко ја гледам. Ова е инаку последната изведба на i-Cockpit на Peugeot, и како што е вообичаено случајот, воланот е сплескан и поставен малку пониско, додека инструмент таблата е малку повисоко. Невообичаен распоред, да, но многу брзо ќе се навикнете. Лично никогаш не сум имал проблем со овој распоред, и не ми требаше многу време да најдам соодветна позиција, а има и доста подесување.
Кога сме кај инструментите, екранот за инструментите и инфозабавниот систем е всушност еден цел закривен екран од 21“, каде што делот со инфозабавните соддржини е touch screen. Работи на најновиот софтвер на Peugeot, и да ви кажам, добро работи. Ми се допаѓа дека екстра внимание обратиле на анимациите и на ситните детали, и менијата се генерално логични и лесно е да се снајдете. Apple CarPlay работи безжично, и тоа си беше супер.
Позади екранот имаме голема површина покриена со посветол текстил, каде што е поставено и амбиенталното осветлување. Ефектот изгледа многу јако, особено навечер, само би сакал да имаше малку повеќе избор на бои. Кога сме кај тоа, малку повеќе физички контроли би било супер, или на пример контролите за клима уредот да се појавуваа во екранот каде што се i-Toggles, а не на главниот.
Кога сме кај i-Toggles, тоа е помалиот екран поставен под главниот, и на него може да си наместите shortcuts за функции кои најчесто ги користите. Супер идеја. Исто многу ми се допадна колку многу достапни конфигурации има за инструментите, а можете да си направите и ваша конфигурација со тие информации кои најмногу ви одговараат.
Единствено нешто што ми фалеше тука е вентилација на седиштата, и тоа не бидејќи беше топло кога го имав на тест, но бидејќи има многу логика да има и вентилација -- овие седишта си доаѓаат стандардно со греење, масажа, и адаптивни странични потпори кои можете да ги подесите. Искрено да ви кажам, седиштава исто си доаѓаат стандардно со многу удобност и одлична ергономија. Малку ја издолжувам дефиницијата на стандардно, ама мислам дека се разбравме. Имаше и греење на воланот, нешто што досега не сум видел на Peugeot, и се најде за време на фотосесијата во раните утрински часови :)
Освен тоа, секако, има и еден куп друга опрема и технологија, како и широка лепеза на стандардни безбедносни системи; адаптивен темпомат, разноразни системи за предупредување и спречување итн. Квалитетот на изработка е исто супер, и има многу простори за одлагање предмети, така да, ништо нема да ви го расипува овој навистина прекрасен амбиент.
На задната клупа има изненадувачки многу простор како за еден купе SUV, и имате повеќе од доволно простор за нозете да се симнете малку надолу во седиштето. Секако, има централна конзола со држачи за чаши, приклучоци за полнење, како и греење! Багажникот нуди 550 литри капацитет, и покрај тоа што пристапот до багажникот и складирање високи предмети никогаш не било силна страна на купе SUV, 3008 пријатно изненади тука, а исто многу ми се допадна дека задната клупа е поделена 40/20/40, нешто што прилично ретко го гледаме. Со спуштање на задната клупа добивате 1.663 литри капацитет.
Прво, да расчистиме една работа; Peugeot 3008 е одлична опција во овој сегмент. Способен во секој поглед, но со дополнителна доза на стил и дури неочекувани луксузни додатоци. Тоа дали чистиот бензинец е правата опција за 3008 би го оставил на вас, но можам да кажам дека оваа опција го прави попривлечен за поширок спектар на клиенти, по готово за горенаведените скептици, без да ги запостави силните страни на 3008. И покрај тоа што тука имавме друг погонски систем, тие силни страни си дојдоа до израз без разлика.
Неколку ситни забелешки на страна, моето второ дружење со 3008 помина одлично, исто како и првото.
За повеќе инфо, посетете ја официјалната веб страна на Peugeot Македонија (се отвора во нов таб).
Слика 1 од 14
И со чист бензинец, Peugeot 3008 останува одличен играч во сегментот.