Од времето на објавување, единствениот електричен автомобил во понудата на Geely е кросоверот Е5. Иако неоддамна се појави овој модел кај нас, во Кина, Geely веќе подготви еден темелен фејслифт, и нема промени само во дизајнот.
Ајде да видиме.

Промените веднаш се забележуваат од напред – предницата е малку поагресивна, со поагресивни отвори за ладење, а имаме и нов дизајн на фелни кои делуваат малку поголеми. Сепак, од вакви компјутерски рендери до реалноста има разлика, ама дизајнот е интересен. Задниот дел има минимални промени кај браникот, но го користи истиот light bar како до сега. Бидејќи прикажаниов модел е за кинескиот пазар, на кровот ги имаме и LIDAR сензорите, кои претпоставувам дека нема да бидат достапни во Европа.

Сепак, фејслифтов не го дотерува само дизајнот, имаме и значителни промени под каросеријата. Тековниот Е5 користи еден електромотор поставен на предната оска со 218 коњи, но фејслифтов го преместува електромоторот на задната оска и го појачува – сега има 333 коњи т.е 245 kW.

Понатаму, ќе има две батерии во понуда, и тоа 61.5 kWh и 70 kWh. Максималниот досег ќе биде 451 км, односно 521 км, само не е наведено според кои мерења се постигнати овие бројки. Тоа што електромоторот се сели на задната оска значи дека под тоа што би било хауба се ослободува дополнителен багажен простор со капацитет од 160 литри, а хаубата ќе биде со електрично отворање.

Во внатрешноста сѐ е познато; си стои 15.4-инчниот екран за инфозабавните соддржини, кој успеав да го испробам во Starray EM-i и многу пријатно ме изненади, како и малиот екран позади воланот за најважните информации. Верувам дека го забележавте новиот волан; малку неконвенционалната форма со два краци е заменета со покласична варијанта со три краци и рамен долен дел. Со оглед на тоа дека европскиот Starray EM-i доаѓа со малку поразлична централна конзола со повеќе физички контроли, се надевам дека тоа ќе биде случајот и со новиот Е5.
Засега нема информации за кога би пристигнал освежениот E5 во Европа, но морам да признаам дека фејслифтов изгледа добро. Штом пристигне, Korrmotive секако ќе биде на терен.