Иако се присутни на европксиот пазар прилично кратко време, Geely веќе се покажа со сериозни иновации и со сериозни возила. Бензински мотор со речиси 50% термална ефикасност, најголем центар за истражување и развој во светот(!!!), и секако, добра понуда на модели.
Сега доаѓа на ред првиот плаг-ин хибрид на брендот за Европа, иако не е баш во права смисла плаг-ин хибрид. Како се покажа еден од долгоочекуваните понови модели на Geely? Ајде да видиме.

На тест кај Korrmotive пристигна Geely Starray EM-i, во бела боја и Max нивото на опрема – во превод, со фул опрема. Starray EM-i пристигна кај нас пред неколку месеци, и со на Geely роденденскиот попуст, да кажеме дека моделов е веќе успешен кај нас не би било доволно. А зошто? Има ли валидна причина за тоа?

Да започнеме прво со дизајнот. Starray EM-i е доста поразличен од другите модели на Geely моментално, со исклучок на електричниот EX5 со кој дели ДНК. Додека другите модели на Geely се истакнуваат со остри и прилично драматични дизајни, Starray EM-i го врти метрономот на другата страна.

Исклучително мазни линии, релативно мало растојание од тло (и покрај тоа што е SUV), и минималистички дизајн кој навистина добро изгледа во живо. Предната маска е прилично едноставна, со фарови наопаку и препознатлив светлосен потпис. Страничниот дел ги истакнува невообичаените пропорции на Starray EM-i; самиот кров и стаклените површини се прилично високи, и тоа придонесува, меѓу другото, до многу подобра прегледност и повеќе простор за главата.

На задниот дел имаме целосен light bar кој навистина одлично изгледа, и многу лесно може да помислите од далеку дека гледате во нешто друго. Овој модел дојде и со 18-инчни тркала, но на Max пакетот ќе бидат достапни и 19-инчни.
Навистина ми е интересен дизајнов. Ми се допаѓа што не е драматичен и не е толку наметлив, но сепак се гледа дека станува збор за нешто поинтересно и несекојдневно.
А кога сме кај поинтересно и несекојдневно…

Технички кажано, Starray EM-i е плаг-ин хибрид, и самите Geely го нарекуваат Super Hybrid, но кога ќе ги погледнете деталите, приказната станува малку поразлична. Под хауба има 1.5 атмосферски бензинец со 99 коњи, да, но тој никогаш не ги движи тркалата. На предната оска е исто поставен електромотор од 217 коњи, кој добива струја од батериска кутија со литиум-железо-фосфат хемија и капацитет од 18.4 kWh. Значи, и покрај тоа што е официјално Super Hybrid, Starray EM-i е еден вид комбинација од плаг-ин хибрид и електрично возило со продолжен опсег (EREV).

Литиум-железо-фосфат, односно LFP хемијата е најстабилна, и иако нема најголема концентрација на моќност во секоја ќелија, главниот бенефит е тоа што е најдобро од сите хемии поднесува редовно полнење до 100%, што е и една од причините зошто оваа хемија редовно ја среќаваме во најновите мали електрични автомобили. Овој пат, Geely ме снабдија и со картичка за полнење, така да, ќе кажеме нешто и околу тоа.

Да започнеме со градското возење најпрво. Starray EM-i се покажа одлично тука, и јас повторно се потсетив дека забрзување со електричен автомобил е заразно поради инстантниот одговор од гаста.
Понекогаш ќе го слушате бензинскиот мотор како се вклучува за да полни батерија, но ако има доволно во батеријата, возите на струја речиси цело време. Најголемото изненадување општо за Starray EM-i е колку е мека суспензијата.

Сум слушнал и претходно дека возила за кинескиот пазар се така штелувани, но обично европските изведби малку ги стегаат. Тука тоа не беше случајот; буквално лебди, и само најситните дупки се чувствуваат. Исто многу ми се допадна опцијата за мазно застанување, каде што, пример, застанувањето до семафор е многу поелегантно.
Управувањето е многу лесно, и ми се допадна малку невообичаената форма на воланот – некако формата имаше многу смисла за маневрирање и паркирање. Кога сме кај тоа, иако Starray EM-i е прилично голем, паркирањето и маневрирањето воопшто не беше тешко. Има сензори, секако, и 360-степенска камера. На Geely камера системите за паркирање се секогаш одлични и со многу висока резолуција, и тоа беше случајот и тука.

Понатаму, батеријата има една друга финта; кога ќе стигне до 20%, тоа е тоа. Таа е ефективно празна на 20%, за да зачува кога е најпотребно, и да може Starray EM-i да се однесува нешто како лајт хибрид – се гаси моторот при кочење итн. Доколку го вклучите режимот за присилно полнење на батеријата со генераторот, ќе гледате како ви се додаваат километри опсег на струја додека сте во движење. Да, ова ја крева малку просечната потрошувачка, ама ќе дојдеме и до неа.
Океј, ајде сега да преминеме на тоа што верувам дека е главното прашање и прашањето на сите скептици; како беше полнењето? Да видиме еден тест од реалниот свет кој го правев.

Со Starray EM-i бевме до City Mall, се паркиравме на еден од полначите на ЕВН од 11 kW. Го оставивме да се полни, поминавме околу 3 часа во City Mall, времетраење кое што мислам дека е сосем реално, во зависност од тоа што сѐ треба да правите. Дали е филм, дали е шопинг итн. Батеријата беше на 20% кога стигнавме, а кога веќе бевме подготвени да си одиме, батеријата се имаше наполнето до 81%. Истово може да важи и за прошетка во Градски парк, на пример. Да бидеме реални, никој од нас не се заддржува во Градски парк само еден час, а кога е убаво времето, ништо чудно батеријата да се наполни до 100% после едно излегување, било е денски или навечер.

Инаку, вкупниот опсег со полна батерија и полн резервоар, според Geely, е 943 километри! Од Geely цитираат просечна потрошувачка од 2.4 литри гориво, и тоа е апсолутно достижно. Мене ми беше околу 3 литри во цирка 250те километри кои ги поминав со Starray EM-i, и тоа е бидејќи почесто го вклучував присилното полнење на батеријата, и само два пати полнев на класичен полнач. Во секој случај, 2.4 литри е сосема достижно, а во зависност од тоа како возите, некои релации ќе можете да ги поминете без капка гориво.
Може да се полни и на DC полнач до 30 kW. Единствен момент што не ми се допаѓаше кај полнењето е тоа што мора да влезете во инфозабавниот систем за да го прекинете, т.е за да можете кабелот да го извадите. За следново не е виновен Starray EM-i, ама со оглед на поставеноста на нашиве полначи, посакав приклучокот да биде напред, ама ништо страшно, кабелот е доволно долг.

Го решивме тоа. Ајде да преминеме сега на возењето на отворено. Starray EM-i е, во секоја смисла, крузер, и тоа јасно се гледа на автопат. Системите за асистенција, конкретно интелигентниот темпомат, многу врши работа на отворен пат, и немаше речиси никакви звуци освен многу минимални од ветерот (со оглед на пропорциите), и минимално од гумите. 18-инчните фелни на овој модел беа обвиени во Giti гуми, и претходно со оваа марка немав баш најдобро искуство, но овие беа многу подобри. Вреди да се спомне и дека ако останатите модели на Geely се некаков показател, веројатно е дека 19-инчните фелни ќе дојдат со Goodyear гуми.

Што се однесува до динамички способности, Starray EM-i е сосема океј, ама многу е јасно дека не е подесен за фаќање кривини. Сѐ додека си ги ускладите очекувањата, добро е, има и океј фидбек од воланот, ама пак ќе кажам, ова возило е подесено за удобност и крузање. Мислам дека тоа му е апсолутно најсилната страна што се однесува за искуството зад волан. Сума сумарум, искуството зад воланот на Starray EM-i навистина беше одлично и многу удобно, погодно за релаксација на долг пат.

Не е дека на досегашните модели на Geely беше лош ентериерот, ама ова е сосема друга приказна. Прво, не се чувствува премиум како за еден кинез, како што многу би кажале, туку се чувствува објективно премиум, по готово во карамела бојава што ја имаше тестеров. Речиси каде и да допрете се меки материјали, на многу места тоа е кожа, и има добри количини на вистински метал, како на пример звучниците на Flyme Sound озвучувањето, кое доаѓа стандардно со Max опремата и е одлично.

Има мал екран позади воланот за најважните информации, кој е јасен и читлив, и покажува сѐ што треба, само посакав да има уште по некоја конфигурација за дисплејот од десна страна. Грото од работите кои ќе ги правите во Starray EM-i, ќе ги правите преку 15.4-инчниот инфозабавен екран поставен во средината.

Системот работи на најновиот Flyme Auto софтвер, и со сигурност можам да кажам дека ова е огромно подобрување од претходната генерација. Многу подобри анимации и многу пореспонзивен, графиката е навистина пријатна, и Apple CarPlay работи одлично, а сега конечно има и вистински Android Auto. Има и други интересни финти, како на пример Rest Mode, кој ги подесува седиштата за одмор, и Camping Mode, каде што климата останува вклучена и кога сте паркирани, да речеме ако треба да преспиете во возилото.

Друг интересен момент е што нема старт копче. Фактички, Starray EM-i е вклучен од моментот кога ќе го отклучите, до моментот кога ќе го заклучите. Ако е вклучено далечинското заклучување и отклучување, т.е се отклучува кога ќе се доближите и се заклучува кога ќе се оддалечите, воопшто не треба да го вадите клучот од џеб за било што. Само отварате врата, седнувате, ставате во D, и тоа е сѐ. Сепак, ми се допаѓа дека Geely решиле клучот да биде класичен далечински клуч, наместо апликација на мобилен или картичка за влез како за хотелска соба.

Една навистина добредојдена работа во ентериеров се физичките контроли за климата. Не се сите, но најважните ги има во средина, и се вистински копчиња кои се лесно подесиви. Овој ентериер не го добиваат сите верзии на Starray EM-i, така да, браво за Geely за точната одредба што им е важно на европските купувачи.

Би истакнал како забелешка дека има премногу контроли во инфозабавниот систем и тоа бара гледање во екранот, но за најголемиот дел од нив мислам дека има многу повеќе смисла да ги подесите додека сте во место. Само би додал копче за подесување на регенеративното кочење, и евентуално за греењето и ладењето на седиштата. Во секој случај, Geely прилично сериозно го сфатил фидбекот за физичките контроли.

Кога сме кај седиштата, тие се исклучително удобни, а возачкото на овој модел имаше и звучници во наслонот на глава. Max опремата вклучува и греење и вентилација. Имаше и панорамски сончев покрив, каде што видов уште еден пример за применет фидбек – има копче за да го отворите, за разлика од некои од другите модели, каде што требаше преку екранот. Истово важи и за надворешните ретровизори – и тие си имаат посебни копчиња.
Има многу подесување во возачката позиција и возачкото седиште има меморија, и реално, ќе бидеме тука до утре ако ви набројувам што сѐ друго има од опрема, така да, да не ви трошам време. Единствено нешто што мене лично ми фалеше беше адаптивни светла напред, но освен тоа, ако ви текнува нешто од опрема, најверојатно го има во Starray EM-i. Има и доста места за одлагање на предмети, меѓу кои и огромната централна конзола, каде што комотно може да собере помал ранец за училиште или пак ташна.

На задната клупа исто има многу, многу простор. Поради пропорциите и поставеноста на задната клупа, помалку имав чувство како да сум седнал во моноволумен, по готово во однос на простор за глава. Багажникот нуди 528 литри капацитет, а со спуштање на подесивиот под на багажникот, како и задната клупа, добивате дури 2.065 литри.

Нема многу да одолговлекувам. Geely Starray EM-i не е одличен само како за кинез, туку е едноставно одличен. Точка. Според мене, ова е најголемиот доказ што сме го добиле до сега дека кинезите треба сериозно да ги сфатиме. Едно исклучително пријатно изненадување.
Почетната цена (акциска) на Starray EM-i изнесува 31.990 евра.
Акциската цена на тестираниот модел (Max) изнесува 33.990 евра.
За повеќе информации, посетете ја официјалната веб страна на Geely Македонија.
Цените се точни од времето на објавување.
