Дефинитивно еден од најнеочекуваните пресврти во автомобилската индустрија оваа година е тоа што европските производители, освен што решија да ги отстапат своите фабрики на кинеските производители, решија да остварат и нов тип на соработка – развивање на модели базирани на кинески платформи. Веќе знаеме, на пример, за SUV моделот на Opel кој ќе биде развиен во соработка со Leapmotor, а сега имаме и уште една таква соработка во најава.

Пред неколку месеци, Ford Europe најавија соработка со кинескиот гигант Geely. Следејќи го трендот започнат од некои од другите европски производители, Ford ќе им дозволи на Geely некои од своите модели да ги склопува во фабриката во Валенсија, т.е Ford Valencia Body and Assembly во областа Алмусафес, која моментално е задолжена за Kuga, а порано таму се склопуваа легендарни модели како Fiesta и S-Max.

Освен што договорот со Geely опфаќа два Geely модели склопени во фабриката, сега се додава SUV модел со Ford знак кој ќе биде базиран на GEA платформата, истата платформа на моделот кој ние го викаме Starray EM-i и целосно електричниот EX5.
Ford веднаш разјаснија дека ова нема само да е badge engineering, туку Ford моделот ќе има свој софтвер и речиси сите елементи ќе бидат уникатни. Фабриката ќе започне со производството на Geely моделите, како и Bronco модел наменет за европскиот пазар во 2028 година, а според прогнозите, ќе го видиме и новиот Ford SUV, за кој се претпоставува дека ќе биде де факто замена за Kuga, до крајот на деценијава.

Синиот Овал исто афирмира дека новиот модел ќе има рели инспирација. Ова неколку пати се спомна, и кога Ford најавија нови модели за Европа, и да ви кажам искрено, не можам да одредам што тоа точно значи, ама не ми стои дека значи нешто лошо – напротив.
Ова е нешто сосем ново и неочекувано за Ford, и може да предизвика… интересни реакции кај луѓето, со оглед на тоа дека Ford името сепак има голема тежина во европскиот пазар. Од друга страна, Ford се придружува на списокот на европски производители кои согледаа една од најголемите предности на кинеската автоиндустрија – брзината на развивање нови модели, како и напредната технологија која исто така се развива за релативно кратко време.

Бидејќи на Ford му треба еден вид раздрмување, т.е нова офанзива на модели за европскиот пазар, ова има потенцијал да биде многу интересно. Плус, како што дозна Korrmotive кога го тестираше Geely Starray EM-i, темелот врз кој ќе градат е одличен.