Оддамна не сум објавил нешто вакво. Како што се вели, нема подобро време од сега.
Fiat Grande Panda е достапна кај нас веќе скоро една година, и прво дебитираше со хибриден погон, како и целосно електрична варијанта. Сега, согласно условите во автомобилската индустрија, Fiat додава уште една варијанта.

Конкретно станува збор за 1.2 турбо бензинец со три цилиндри и 100 коњски сили, и тоа оди до предните тркала преку 6-степен мануелен менувач. Доколку ве интересира Grande Panda, и не сакате било каква електрификација, ова е билетот за пристап. Ова е инаку најновиот бензинец на Stellantis кој полека, но сигурно пристига во поголемиот дел од моделите базирани на EMP1 и Smart Car платформите, а верувам дека ќе ја преживее и транзицијата до STLA One платформата која допрва ќе ја видиме.

Инаку, од надвор, нема некои големи разлики помеѓу бензинската и хибридната Grande Panda, освен што Hybrid знакот на петтата врата го нема. Моделот на фотките е од средното POP ниво на опрема, што значи дека челичните фелни доаѓаат со раткапни, и внатре има скромен екран за инфозабавните соддржини, и има уште неколку други додатоци како LED светла напред и позади.

Внатре, освен рачниот менувач, исто така нема некои особени разлики; ентериерот е шармантен и прилично шарен, а ми се допаѓа и графиката на екраните, која е уникатна за Grande Panda.

Друг бенефит на чистиот бензинец е цената; Grande Panda со оваа комбинација моментално започнува од 15.990 евра, што е доста пониско од еквивалентен пакет на опрема со хибридниот погон.

Ми се допаѓа што Stellantis релативно брзо се адаптираат на барањата на глобалните пазари, и искрено да ви кажам, мислам дека со овој мотор Grande Panda ќе биде уште позанимлива за нашиов пазар. Сепак, уште сме навикнати мали автомобили да доаѓаат со мали бензински мотори.
Погледнете ги фотографиите од Grande Panda Petrol подолу, и за повеќе инфо посетете го салонот на Аутомобиле СК, како и официјалната веб страна на Fiat Македонија.
