Се сеќавате на Audi A2? Ултра иновативниот мал автомобил на Инголштад се појави пред скоро 30 години, и имаше само една главна цел; максимална ефикасност. Од алуминиумската каросерија, до аеродинамиката, до аеро раткапните, беше еден од најзанимливите модели во своето време… и никој не го разбра.
Сепак, Audi е спремен да даде уште една шанса. Audi A2 се враќа, овој пат во форма што мислам дека отсекогаш требаше да биде, и ќе беше и своевремено доколку технологијата дозволуваше.

Да, како што можеби очекувавте и како што налагаат трендовите во индустријата, Audi A2 се враќа како целосно електричен автомобил базиран на MEB платформата, т.е братучед на Volkswagen ID.3 Neo и Cupra Born. Веќе подолго време знаеме дека Audi ќе го оживува овој модел, но сега самите Audi споделија неколку фотографии од камуфлиран прототип за време на тестирање, а со тоа и неколку детали околу ефикасноста и погонскиот систем. Како што забележавте од фотките, верувам дека би се сложиле дека дизајнот е што би се случило ако го искомбинирате стариот А2 со новиот Nuvolari суперавтомобил.

MEB платформата е всушност тоа што овозможи повторно да има Audi A2, бидејќи развивањето на стариот модел беше исклучително скапо. Освен што А2 e-tron личи на својот татко, имаат и уште една заедничка карактеристика – аеродинамика. Целиот дизајн е многу остро фокусиран што е можно подобро да се согласи со ветерот и воздухот, и мерките што Audi ги има превземено за тоа се навистина интересни.

Освен вообичаените, како отвор за воздух што останува затворен кога не е потребен, имаме и ултра ситни, дури некој би рекол тривијални моменти; натписот на гумите (производител, димензии итн.) е оптимизиран, и со тоа коефициентот на отпор се намалува за 0.001 Cd. Електромоторот е исто оптимизиран за максимална ефикасност, и дури и полопроводниците се од силикон-карбид, наместо од обичен силикон, што jа зголемува ефикасноста за 10%. Сето тоа значи коефициент на отпор од 0.24 Cd, што не е многу далеку од 0.186 Cd на Volkswagen XL1, најаеродинамичниот автомобил во поновата автомобилска историја.

Океј, да преминеме на другите важни детали и цифри. A2 e-tron ќе користи LFP т.е литиум-железо-фосфат хемија за батериите. Многу брендови се префрлаат на оваа хемија, по готово во помалите и поефтините автомобили, бидејќи е далеку поефтина од NMC хемијата, постабилна е и повеќе трпи полнење до 100%. Ќе има и двонасочно полнење, а најефикасната верзија на A2 e-tron, според Audi и прелиминарни WLTP мерења, ќе троши 12.8 kWh на 100 км, што е одлична бројка.

Бидејќи се германци, Audi исто решија да пресметаат што би значело таа потрошувачка ако беше дизел. 12.8 kWh струја e отприлика еднакво на 1.3 литри дизел на 100 км, што е подобро дури и од најефикасната изведба на стариот A2. Ќе бидат достапни три изведби, барем во однос на моќност, а најсилната ќе има преку 300 коњи. Засега нема други информации околу A2 e-tron, освен што ќе го видиме без камуфлажата оваа есен, и дека првите испораки до клиенти ќе почнат до крајот на годинава. Засега нема инфо кога би стигнал кај нас, но мислам дека ќе биде многу интересно да се види и да се искуси. Плус, не можам да кажам „не“ на уште еден мал ретро електричен автомобил. Што повеќе, тоа подобро.