Е ова мислам дека никој не го очекуваше. После долго двоумење околу тоа дали вреди да се подготви наследник за R8, те ќе биде електричен, те ќе биде хибрид, сега, буквално од ведро небо, Audi се враќа на сцената на суперавтомобил со овој спектакл. Ајде да видиме.

Оние кои ги следат концептите на Audi сега веројатно си викаат дека ова изгледа многу слично како Concept C, и веројатно си мислат дека и ова е концепт автомобил. Да, вистина е дека многу личи на Concept C, но замислете, не е концепт. Ова е сериски модел. Ќе може да се купи! Нешто што изгледа вака! Личи малку на стариот R8, и секако личи на Concept C, но мене исто ме потсеќа на RSQ концептот кој беше направен за филмот I, Robot.
Океј, „може да се купи“ е малку оптимистично од моја страна, со оглед на тоа дека Nuvolari ќе биде произведен во само 499 примероци, и имам чувство дека сите се распродадени. Сепак, да видиме за што станува збор.

Освен што ова не е концепт, не е ни електричен; како што можеби издаде огромниот централен издув позади, Nuvolari користи мотор на внатрешно согорување. Конкретно станува збор за 4.0 V8 со два турбополначи, како и три електромотори, два на предната оска, и еден поставен измеѓу моторот и преносната кутија, а тоа значи варијабилна распределба на вртежниот момент. Целиот систем има вкупно 1.001 коњи, а моторот качува до 10.000 вртежи во минута.
Многу е веројатно дека станува збор за верзија од хибридниот погон од Lamborghini Temerario, а тоа не е лоша работа. Историјата се повторува итн.

Освен тоа, на Nuvolari дебитира новата генерација на quattro погон на сите четири тркала, кој сега може да предвиди во секое време дали ќе изгубите тракција во некоја кривина, и да може да изреагира соодветно. Карбонските влакна ги има во изобилие тука, како и активна аеродинамика, сето тоа изведено од Формула 1 технологија. Да не заборавиме, Audi влегува во Формула 1 идната година, и мислам дека овој модел е еден вид прослава по повод влегувањето на Audi во еден од најпрестижните мотоспортови. Богами, добра прослава.
Ентериерот е прилично едноставен, повеќе фокусиран на возењето отколку на технологијата. Има екран за инфозабавните соддржини но, пак, поминималистички пристап сличен на оној на Concept C, за целиот фокус да биде на возењето.

Како што спомнав погоре, Nuvolari ќе биде произведен во само 499 примероци, а испораките ќе започнат во 2027 година. Веројатно е дека сите се продадени, но којзнае, може ќе има секоја година по една тура од 499, или можеби ќе има некоја полајт изведба од Nuvolari за обичните(!) купувачи.
Искрено, многу добар потег од Audi. Кога ги видов фотките по социјалниве мрежи пред некој ден, воопшто не ни помислив дека овој модел ќе се произведува, мислев дека е само концепт. Секоја чест, и се надевам дека ќе гледаме уште вакви добротии од Audi во иднина, а богами и ме интересира како овој дизајнерски јазик, за кој е јасно дека ќе стане дел од идентитетот на брендот, ќе се преведе во другите модели.
НОВОKorrmotive го тестира новиот Volkswagen T-Roc
НОВОFiat Grizzly е нов, семеен кросовер базиран на Smart Car
НОВОСѐ поголеми се шансите SUV моделите малку да отстапат простор за други каросериски типови