C-SUV сегментот нема да запре во скоро време. Од сите страни или никнува нова конкуренција, или пак некои од постоечките модели добиваат некакво сериозно освежување. Во овој автомобилски сегмент е многу лесно човек да се преоптовари со информации и избор, ама не мора да е така. Што викате да видиме еден член на C-SUV сегментот кој е со нас веќе подолго време? Нешто познато, и нешто што вака на хартија звучи како да е паметен избор?
Да видиме…

На тест кај Korrmotive пристигна Ford Kuga Hybrid, со богато ST Line X ниво на опрема и оваа многу интересна Bursting Green металик зелена боја. Третава генерација на Kuga се појави во 2019 година, а во 2023 година се појави и фејслифтот, кој донесе значителни промени.
Ова беше првата генерација на Kuga достапна со хибридни погони, и тоа самополнечки и плаг-ин хибрид, но тестеров го има самополнечкиот хибрид.
Како што е редот, да почнеме со дизајнот. Предницата доби големо освежување со фејслифтот, прво со редизајнираните фарови, но и синиот овал на Ford се пресели внатре во предната маска, а претходно беше поблиску до хаубата.

Можеби веќе забележавте, но една од главните карактеристики на ST Line и ST Line X пакетите е што нема никаква црна украсна пластика по каросеријата; сѐ е обоено во каросериската боја. Со оваа опрема Kuga повеќе личи на висок, појачан хечбек наместо на SUV, и според мене тоа е супер. Ретко кој во овој сегмент има храброст да направи ваков потег со дизајнот, и со пропорциите на Kuga мислам дека многу одговара.

Доколку би сакале да има украсни црни делови, ги има во Titanium пакетот, а Active пакетот додава дополнителни црни детали, што одговара со неговото позиционирање; Active е поавантуристички и outdoors, додека ST Line е поспортски. На тоа додава и минимално пониската супсензија на ST Line.

ST Line X исто доаѓа стандардно со сиви 18-инчни алуминиумски фелни. Не сум фан на двобојни фелни, како што знаете, и мислам дека овие многу го личат. Позади имаме за нијанса поголем спојлер од вообичаено, дифузер во каросериска боја, како и два полирани издуви, кои се исто дел од ST Line опремата. Во однос на нехибридните изведби, Kuga Hybrid не се разликува многу; единствено Hybrid знакот на петтата врата издава дека се работи за таа верзија.

Сѐ на сѐ, Kuga и понатаму се држи добро во однос на дизајнот. Пак ќе кажам, многу ми се допаѓа тоа што сѐ е во каросериската боја, што прави ефект на голем хечбек наместо на SUV. Само според мене лично, зеленава боја подобро изгледа на Active пакетот, а црвената е посоодветна за ST Line, ама тука веќе зборуваме за лични преференци.
А што ја движи Kuga Hybrid?

Како што кажав погоре, ова е Kuga Hybrid, што значи самополнечки хибрид. Под хауба има 2.5 атмосферски бензинец со четири цилиндри, спарен со мал електромотор и мала батерија. Вкупниот износ е 183 коњи, и тоа оди до предните тркала (а може и до сите четири) преку CVT автоматик.
Плаг-ин хибридната изведба го користи истиот мотор, но ги зголемува електромоторот и батеријата за вкупен износ од 240 коњи, и тој исто така е достапен или со преден погон или со погон на сите. За оние кои не се по хибридите, 1.5 EcoBoost бензинецот со три цилиндри си останува во понудата, исклуиво со погон на предните тркала и 8-степен автоматик.

Стига до стотка за околу 8 секунди, а максималната брзина му е нешто помалку од 200 км/ч. А како всушност се однесува во пракса? Искрено, бев пријатно изненаден.
Хибридни погони секогаш добро се покажуваат во градски услови, и тоа беше случајот и со Kuga. Префрлањето од бензинецот на електромоторот беше без никаква драма, само малку се слуша моторот кога ќе се вклучи. Во град, Kuga е тивка, смирена и многу способна.

Иако е поголема кола, паркирање и маневрирање беше прилично лесно, и пријатно бев изненаден од радиусот на вртење. Единствено нешто што го забележав беше auto hold системот, кој е малку чувствителен, и со минимално допирање на гаста може да се изгаси и да тргнете малку. Сепак, се работи за навикнување.
Кочниците исто пријатно изненадија; прогресивни и сигурни, со доволно сила за не-дај-Боже ситуации. Управувањето е малку потешко од што би очекувале на пониски брзини, но тоа е со цел да има малку повеќе фидбек низ воланот кога фаќате кривини. Кривините отсекогаш биле една од појаките страни на Kuga, како што знаеме сите.

Ќе дојдеме и до тоа. Амортизацијата беше солидна, некои од поситните нерамнини на патот се чувствуваат на пониски брзини, но комфорот си беше на високо ниво, а на тоа придонесуваат и седиштата во ST Line X, кои се официјално одобрени од AGR, Германската кампања за здрав грб. Оваа Kuga имаше и дополнителен пакет со повеќе безбедносни системи, и тие си работеа одлично.
Е сега, пред да преминеме до автопат и динамички способности, една мала дигресија која ќе ја гледате во сите Korrmotive тестови од тука па натаму.

Вклучувањето на ограничувачот на брзина во Kuga е многу едноставен; само го заддржувате копчето LIM на левиот крак на воланот. Не треба ништо друго да правите понатаму, бидејќи ограничувачот е врзан со системот за препознавање сообраќајни знаци, и автоматски се адаптира.
Секако, со прекинувачот до LIM може да подесите сами, и само бидете спремни дека ако се смени ограничувањето додека сте во движење, Kuga сама ќе ве успори до таа брзина. Многу добар систем со добра интеграција.
Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.

Океј, одиме понатаму. Како е Kuga на автопат? Одлично. Со исклучок на минимални звуци од ветерот, сѐ си беше на место. Има сосем доволно сила за забрзување и претекнување, и општо целото искуство си беше удобно и како што треба. Особено бев изненаден од тоа што немаше никакви звуци од CVT менувачот; до пред некое време, како што верувам многу од вас знаете, CVT менувачи инсистираа на високи вртежи на автопатски брзини, но калибрацијата во Kuga Hybrid е навистина одлична.

Тука е добар момент да се спомне потрошувачката. На хибриди ова им е секогаш силна страна, и замислете, тоа е случајот и со Kuga. Во распон од 4 дена и околу 200 километри извозени во повеќе услови, успеав да извадам 5.5 литри на 100 км во просек. Тоа е навистина одлична бројка, особено бидејќи ниту станува збор за мал автомобил, ниту за лесен автомобил. На кратки релации се можни уште подобри резултати. Една ситуација; околу 6 километри извозени во град доцна навечер кога немаше гужва, и за таа релација потрошувачката беше 4.2 литри.

Што се однесува до динамичките способности, Kuga е сепак SUV, и не пробува да го скрие тоа (моментот со украсните елементи во каросериска боја не ги сметаме тука). Сепак, во кривини се однесува многу подобро што би очекувале. Тука доаѓа до израз потешкото серво, навистина се чувствува фидбекот.
Навалувањето во кривини е минимално, и генерално настапот на Kuga во кривини е многу самоуверен и прилично интересен. За максималните динамички способности мислам дека е потребен чистиот бензинец, но и вака во хибридна изведба со CVT менувач и зголемена тежина, Kuga навистина се покажа добро.
Сѐ на сѐ, Kuga навистина добро се покажа во сите видови услови. Навистина пријатно искуство зад волан, и можам со сигурност да кажам дека ѝ лежи хибридниот погон.

Добра комбинација на фини детали и добра изработка. Фејслифтот на Kuga ги пензионираше физичките контроли за климата, сега речиси сѐ е преместено во инфозабавниот систем, кој има 13.2-инчен екран и работи на познатиот SYNC4 софтвер на Ford. ST Line X, освен што додава многу технологија, додава и полукожни седишта со црвени шевови, а црвени шевови имаме и на воланот.

Ми се допадна тоа што нема некоја драма со ентериерот. Лесен за навикнување, добро стокмен, и сосем доволно опрема и технологија, а дури и повеќе во случајот на тестеров. Вградена навигација, широка лепеза на безбедносни системи, Winter Pack кој додава греење на предните седишта и на воланот, како и греење на шофершајбната, безжичен полнач за мобилен, електрично подесување на предните седишта (возачкото има и меморија), двозонска автоматска клима итн итн.

Инфозабавниот систем е лесен за користење и релативно брз, има доста опции, Apple CarPlay си работеше одлично без кабел, само би сакал анимациите да беа за нијанса помазни. Освен тоа, немам лош збор да кажам. Го простувам и недостатокот на контроли за климата, бидејќи повеќето се секогаш достапни на долниот дел од екранот, без разлика во кој дел од менито сте, и секогаш брзо реагираа кога ги користев.

Инструментите се исто дигитални, а во Kuga има т.н Classic режим со покласични инструменти налик на аналогни. Има и еден помодерен режим, но мене овој повеќе ми се допаѓаше. На средината на екранот можете да подесите што е прикажано со контролите на десниот крак на воланот, и имате повеќе опции како EV Coach, кој ви покажува што се случува со хибридниот погон, и секако добрпознатите патни компјутери со просечна потрошувачка итн.

Има многу подесување во возачката позиција, и генерално квалитетот на изработка е солиден. Лично јас би додал панорамски сончев кров, бидејќи ST Line има црн тапацир на таванот, и малку беше темно. Освен тоа, ентериерот на Kuga е едно пријатно место. Не продава приказни, повеќе се фокусира на функционалноста, но тоа не е воопшто лошо. Има сосем доволно места за одлагање на предмети, а особено ме изненади колку многу простор имаше на задната клупа.
Буквално се осетив како мал човек, а висок сум 1.80м и имам прилично големи латерални димензии. Багажникот нуди 421 литри капацитет со седиштата наместени за максимум простор за нозе; можете да ги наслоните или пак да ги местите напред-назад, и да добиете повеќе од 500 литри ако се целосно напред. Ако ги преклопите, имате 1.534 литри капацитет.

Искрено да ви кажам, ова беше моето прво искуство со Kuga од оваа генерација, иако е на пазарот веќе подолго време. Понекогаш, клучните работи се побитни. Одличен хибриден погон кој добро се покажа во сите услови, познат, но добар дизајн, многу практичност, и солидна технологија.
Останува да одоговориме на прашањето. Дали е Kuga паметен избор? Апсолутно.
Промотивната почетна цена на Ford Kuga е 27.900 евра.
Промотивна цена на тестираниот модел е 46.500 евра.
За повеќе инфо посетете ја официјалната веб страна на Ford Македонија. Цените се точни од времето на објавување.