Пред неколку месеци BMW го претстави новото i3, што всушност беше најава за новата генерација на 3 Series базирана на Neue Klasse. Иако прво дебитираше во електрична изведба, полека, но сигурно пристигнуваат и верзиите со мотори со внатрешно согорување. BMW сподели неколку фотографии од камуфлиран прототип, како и инфо за можеби најинтересната изведба…

Да, веднаш забележавте дека имаме промена во името. Тоа што досега го викавме M340i сега станува M350; i ознаката е резервирана исклучиво за електричните автомобили на BMW.

Како што кажав погоре, BMW сподели неколку фотографии од камуфлиран прототип на M350, од последните неколку летни тестови на моделот во Мирамас. М350 ја има најновата варијанта на познатиот 3.0 турбо бензинец со шест цилиндри во линија, кој сега доаѓа стандардно со M Ignition – една од технологиите која му овозможи да ги преживее Euro 7 регулативите кои стапуваат на сила од ноември 2026 – како и со 48V лајт хибрид технологија.
443 коњи, 580 Nm вртежен момент, 0-100 за 4.1 секунди, и силата стигнува до тркалата преку 8-степен автоматик и xDrive погон на сите тркала. Значи, стандардна приказна, со тоа што имаме подобрување од околу 50 коњи во однос на M340i.

На фоткиве се гледаат семејните сличности со i3, само што M350 е доста понизок, малку поширок, и секако, има четири издуви позади. Ќе доаѓа стандардно со 20-инчни фелни со 245/35 R20 и 275/35 R20 гуми.

Друга работа што BMW ја издвојува за новиот M350 е Drift Moment, кој може да се вклучи преку централниот екран, и тогаш целата сила оди до задните тркала за да се забавувате. Секако, додека тоа е дозволено. Оваа функција ќе биде достапна преку бесплатно ажурирање на софтверот во текот на 2027 година, и не, нема да биде со претплаќање. Знам дека некој од вас се спремаше да направи шега за таа работа, ама нема да биде случајот тука – Drift Moment ќе биде бесплатно за сите клиенти.

Инаку, новата 3 Series ќе биде достапна и со мотори со четири цилиндри, но тоа ќе го видиме пред крајот на годинава. Како што кажуваат од BMW, производството започнува во втората половина од 2026, што значи е веројатно веќе почнато. i3 веќе влезе во сериско производство, така да, очекувајте овој модел да се појави во салоните (вклучувајќи го и тој кај нас) во првата половина од 2027.
