Големиот седан станува сѐ поголема реткост во денешно време. „Тоа го кажа и претходниот пат!“ – велите од позади екраните. Веројатно да, но тоа е едноставно факт, и затоа е секогаш радосно кога ќе пристигне седан на тест, по готово голем седан. Субјектот на овој тест не е било кој голем седан, туку е голем седан кој стана еден вид институција во Европа, а по готово Источна Европа и, нормално, кај нас на Балканот.
За што станува збор?

На тест кај Korrmotive неоддамна пристигна Skoda Superb, со Sportline ниво на опрема, Ebony Black металик црна каросерија, и една проверена комбинација на погонски систем за која ќе зборуваме малку подоцна.
Skoda Superb за прв пат се појави во 2001 година, и беше еден голем скок во непозната територија за чешкиот бренд; голем, луксузен седан за релативно ниска цена. Иако таа категорија на модели ја имаше многу во тоа време, речиси ниеден од нив не опстана до денес, но Superb е еден редок исклучок.

Четвртава генерација за прв пат беше претставена во 2023, а кај нас пристигна во 2024. Малку поголема од претходната генерација, малку понова архитектура под каросеријата, со многу понова технологија.
Да започнеме со дизајнот. Се гледа дека Skoda ја следеле филозофијата на, и однапред да се извинам за буквалниот превод, „ако не е расипано, не го поправај“. Иако оваа генерација е доведена во ред со остатокот од моделите на Skoda, сепак веднаш е јасно за кој модел се работи. Од напред е препознатливата Skoda маска, како и овие одлични адаптивни LED светла. Самиот браник е општо поагресивен на Sportline моделите, и сите украсни делови се во црна боја наместо хром.

Од страна имаме проширени прагови, мало Sportline знакче на крилото, како и овие двобојни 19-инчни фелни кои доаѓаат стандардно на Sportline, а обвиени се во проверени Pirelli Cinturato гуми. Самиот дизајн е интересен, само ќе беше супер ако имаше и целосно црна или целосно сребрена варијанта. Од страна исто се забележува друга, посуптилна разлика кај Sportline – седи 15мм поблиску до земја во однос на стандардниот Superb, и самата суспензија е малку потврда за подобри динамички способности.

Позади имаме минимален спојлер на петтата врата (да, петта врата е), како и целосно црни значки. Единствено нешто што мене лично ми фалеше се малку погорделиви, видливи издуви, како што имаше претходната генерација Superb со 2.0 TSI. Сепак, генерално, дизајнов е на место. Веднаш се знае за што се работи, не пробува да биде нешто што не е, а пак има многу авторитет, и едноставно, убав е!
А што го движи Superb?

Под хаубата имаме 2.0 TDI турбодизел со четири цилидри, со 193 коњи и 400 Nm вртежен момент, и таа сила оди до сите четири тркала преку 7-степен DSG автоматик со двојна спојка. Знам, изненадени сте. Skoda Superb со 2.0 TDI е сепак еден многу странски, непознат концепт.
Океј, назад на работа. Освен оваа варијанта, има и 2.0 TDI со 150 коњи и преден погон, 2.0 TSI со 265 коњи и погон на сите четири, 1.5 лајт хибрид TSI бензинец со 150 коњи, како и плаг-ин хибрид со повеќе од 100 км досег на струја. Сите варијанти се исклучиво достапни со 7-степен DSG, освен плаг-ин хибридот, кој добива 6-степен DSG. Мануелниот менувач си замина со оваа генерација, и иако на некои ќе им недостасува, мислам дека нема смисла да користи било каква друга трансмисија.

Почнуваме со градската вожња. Очекував да биде добро, и беше многу добро, а и некои работи малку ми ги надминаа очекувањата. Главното меѓу нив е тоа што Superb е изненадувачки лесен за возење во град, и изненадувачки лесен за маневрирање.

Да, голем е, но не е невозможно да ве собере во некое понезгодно место за паркирање (а тука се сензорите и камерата да помогнат, нормално), радиусот на вртење не е којзнае колку голем, и трансмисијата немаше никаков проблем со тргнување и менување степени. Некогаш автоматици со двојна спојка знаат да се бунат во градски услови, по готово во гужва, но тука тоа не беше случајот. Потрошувачката е еден одличен пример за тоа зошто на многумина од нас ни недостасуваат дизел мотори: 5.5 до 6 литри на 100 км градска, а на отворено се симнува и под 5 литри. Со други зборови, кога го земав Superb за тестот, инструмент таблата покажуваше дека максималниот досег е 1.100 км. Доволно, нели?

Прегледноста е исто солидна, и морам да ги пофалам седиштата на Sportline; иако се спортски, многу се удобни и со одлична латерална поддршка. Иако со моите поголеми латерални димензии некогаш имам мака со ваков тип на седишта, во Superb си беа таман. Единствената забелешка беше малку потврдата амортизација на Sportline; самите амортизери се потврди, да, и плус Sportline е 15мм поблиску до тлото, како што спомнав погоре. Некои од поситните дупки се забележуваат на пониски брзини, но ништо страшно.

За да го вклучите ограничувачот на брзина во Superb, прво се држи заокруженото копче на воланот, кое го прикажува менито за безбедносните системи на екранот за инструментите. Оттаму бирате Limiter со тркалцето директно под, и потоа со прекинувачот на левата страна од воланот, под тој за бришачите и трепкачите го подесувате ограничувачот. Повлечете кон вас за да го вклучите, притиснете го во спротивната насока за да изгасите. Нагоре и надолу, секако, ја подесуваат самата максимална брзина.
Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.

Кога патот ќе се отвори, тогаш Superb доаѓа на своето. Многу ефикасно забрзува до автопатски брзини, а поради тоа што е дизел и располага со големи количини вртежен момент (400 Nm), се чувствува брзо и самоуверено. Нема никаков проблем да оддржува 120 км/ч, има повеќе од доволно сила за претекнување и нема речиси никакви звуци, освен минимални звуци од патот, што е претежно затоа што асфалтот на скопската обиколница е за никаде.

Звуци од ветерот речиси и да немаше, и моторот беше многу тивок, што е особено импресивно со оглед на тоа дека е дизел. Што се однесува до динамичките способности, Superb е генерално штелуван за комфор, но сепак настапува самоуверено. Не е забавно, да кажам, ама е повеќе од способен. Седан значи ниско тежиште, а тоа значи подобри перформанси во кривини. Сервото има доста фидбек, и нема нешто многу навалување во кривините.

Сѐ на сѐ, тешко дека ќе му најдете слаба страна на Superb што се однесува до возењето, без разлика на брзината и околностите во кои возите.

Како што налага традиција кај Skoda, ентериерот има многу технологија и многу стокмен дизајн, но сепак не ја запоставува ергономијата. Единствено нешто што ми е мала забелешка, и ова знам дека е поврзано со вкус, повеќе ми се допаѓаше кога воланот го имаше Skoda знакот наместо натписот.

Самиот волан е со три краци и рамен долен дел, стандардно за Sportline. Sportline исто доаѓа со многу алкантара површини, на контролната табла, на вратите, и нормално спортските седишта. Ваквите седишта обично не ми одговараат, како човек со големи латерални димензии, но овие се совршено балансирани. Доаѓаат и со електрично подесување и меморија, како и греење.

Во средината гордо и монолитно седи 13-инчниот екран за инфозабавните соддржини. Го користи најновиот софтвер, и иако посакав да има за нијанса помазни анимации, респонзивен е и си работи одлично, и Apple CarPlay работеше безжично без никаков проблем. За оние кои сакаат да оддржуваат редовна чистота, достапен е еден многу интересен аксесоар; мало шише со течност за чистење кое е обвиено во микрофибер материјал. Тоа е еден од многуте Simply Clever аксесоари, но ќе се вратиме и на нив.

Под екранот го имаме лично мојот омилен дел од ентериерот, и едно од најдобрите ергономски решенија во индустријата; Smart Dials. Smart Dials генерално се користат за климата, но средниот може да го конфигурирате со максимум четири различни функции. Левиот и десниот ја подесуваат температурата, а со нивно притискање вклучувате и гасите греење (и вентилација, доколку има) на седиштата. Средниот може да подесува јачина на климата, но и режим на возење, јачина на звук и уште неколку функции. Многу ми е криво што не гледаме вакви работи повеќе, а навистина треба.

Екранот за инструментите добива Sportline графика со малку поразличен фонт. Може да ви прикажува еден куп информации, само треба малку навикнување за контролите на десниот крак на воланот. Има доста места за одлагање на предмети, а квалитетот на изработка е одличен. Меки материјали речиси секаде кај што допирате, цврсто, и мислам дека веќе сите знаеме дека Skoda се има докажано за издржливост.

Од другите Simply Clever аксесоари морам да издвојам лопатката за мраз сместена кај резервоарот за гориво, малата канта за ѓубре која стои во оставата на возачката врата (може и во другата, секако), и фаворитот кај повеќето, чадорот сместен во возачката врата.
На задната клупа има многу простор, по готово за нозете, но и за главата. Има малку повисок тунел измеѓу седиштата, нешто на кое одвикнавме, но апсолутно има доволно простор за тројца луѓе, дури и за долги патишта. Багажникот има 645 литри капацитет со седиштата горе, а бидејќи Superb е лифтбек, пристапот е полесен од типичен седан. Со спуштање на задната клупа добивате 1.795 литри. Со други зборови, масивно.

Мислам дека сите треба да ги аплаудираме Skoda што инсистира да има модел во овој сегмент. Superb е сепак релативно младо име во автомобилскиот свет, но за брзо стана фаворит во D-сегментот, а со тек на време стана и една од единствените опции.
На кратко, ова е голем седан по речник. Браво!
Почетната цена за Skoda Superb изнесува 38.870 евра.
Цената на тестираниот модел (Sportline 2.0 TDI 4x4) изнесува 50.160 евра.
За повеќе инфо посетете ја официјалната веб страна на Skoda Македонија.
