Пристигна Suzuki e-Vitara!
Suzuki Vitara. Ова име мислам дека веќе има статус на легенда во светот на автомобилите. На времето беше еден друг тип на теренец; компактен, полн со шарм, ама сепак и многу способен. Со тек на годините се смени што е Vitara, а сега се придружува сосем нов член на фамилијата која оди во сосем нова насока.
Ајде да видиме.
Ова е Suzuki e-Vitara
e-Vitara, како што налага името, е целосно електричен кросовер, и првиот целосно електричен модел на Suzuki за европскиот пазар. Имав шанса да го запознаам одблиску, и можам да кажам дека ова е доста импресивно.
Конкретниов модел е со сите нишани, GLX со големата батерија и погон на сите четири тркала, како и оваа впечатлива металик зелена боја наречена Land Breeze Green Pearl.
Достапни се две батерии, 49 kWh и 61 kWh. Со преден погон и малата батерија, вкупниот износ е 144 коњи, а со поголемата 174 коњи. Ако сакате AWD, тоа оди исклучиво со големата батерија, а вкупниот износ е 183 коњи. Максималниот досег на струја е 426 километри, овозможено од варијантата со преден погон и големата батерија.
Дизајнов е навистина симпатичен. Малку е поразличен од другите модели на Suzuki, и дефинитивно се издвојува во однос на другите. Би рекол дека изгледа и попремиум, нешто што ентериерот го поддржува, но веднаш ми беше јасно дека Suzuki истражуваат нови насоки и формираат нов идентитет со овој модел, што навистина е за поздравување.
А ентериерот? Само ќе кажам дека ваков ентериер на Suzuki не сум видел до сега. Дигитална табла, голем инфозабавен екран, меки површини во кафена боја, електрика на предните седишта, навистина е премиум, и возачката позиција ми се допадна навистина. Исто така, огромни бонус поени за тоа што ги заддржиле физичките контроли за климата.
Suzuki e-Vitara е веќе достапна кај нас. За повеќе инфо, посетете ја официјалната веб страна на Suzuki Македонија (се отвора во нов таб), или пак продажниот салон.
Слика 1 од 10
- Почетна цена
- € 29.990



