Во 2024 година посакавме добредојде на брендот Cupra, кој стана дел од портфолиото на Porsche Македонија. Иако имаше неколку двоумења околу Cupra да биде целосна замена за SEAT и слични работи, сепак брендот успеа да развие свој идентитет и да се одвои од SEAT, но двата брендови и понатаму постојат паралелно.
Неоддамна Korrmotive го тестираше моменталниот знаменосец на Cupra, барем од тие достапни со бензински мотори. Дали ја заслужува титулата? Да видиме…

Кај Korrmotive на тест пристигна Cupra Terramar, со истоимениот пакет на опрема, фантастична Cosmic Blue металик сина боја на каросерија, 2.0 TSI мотор и 4DRIVE погон на сите четири. Како што спомнав, Terramar е на врвот на понудата на Cupra, барем со внатрешно согорување, а во понудата е сместен над одличниот Formentor.
Под уникатниот екстериер ја наоѓаме MQB Evo платформата, која ја дели со Škoda Kodiaq, Audi Q3 и други слични модели. Сепак, Terramar цврсто се издвојува со визуелниот идентитет, и одма дава до знаење дека спортските карактеристики се приоритетни тука.

Тоа одма се гледа од предниот дел; познатата Cupra маска одлично изгледа на овие димензии, а и светлосниот потпис со три триаголници е уникатен. Опционалните 19-инчни фелни на овој модел ептен го личат, и мислам дека е штета да се земе со помали. Секако, бакарните акценти ги имаме на повеќе места, како знаковите и фелните.

Ако мене ме прашувате, акцентите најдобро изгледаат со сив екстериер, но ме изненади колку добро изгледа и со оваа сина боја. Позади имаме прилично агресивен дифузер, и уште еден уникатен светлосен потпис кој го вклучува Cupra знакот.
Не знам дали е до мене или до нашиов јазик, но некогаш ми е тешко да најдам соодветен збор да го опишам, така да ќе позајмам од англиски, Cupra Terramar е многу distinctive.

Спортските детали многу го личат, и општо има големо присуство и остава одличен впечаток. Исто ми се допадна што не е многу голем, иако можеби така делува од фотографиите. Навистина немам лош збор за дизајнот, само ми беше малку чудно што на ниедно приметливо место не пишува Terramar, освен еден многу ситен натпис на страните на стоп светлата.
А што го движи Terramar?

Тестеров беше опремен со 2.0 TSI бензинец со четири цилиндри со 204 коњи и 320 Nm вртежен момент, и тоа оди до сите четири тркала преку DSG автоматик со 7 степени и 4DRIVE погон на сите четири тркала. Моментално на нашиов пазар изборот е меѓу овој мотор, и малку појачана верзија со 265 коњи.
Ајде да видиме што вика вожњата во град. Terramar одлично си се покажа во град, не би претпоставиле дека се работи за поспортски SUV. Спомнав и погоре, но многу ми се допадна што не е преголем, што значи дека паркирање и маневрирање нема да е проблем, и не беше, и покрај тоа што овој модел немаше 360-степенска камера.

Управувањето беше лесно на пониски брзини, и посебни пофалби упатувам кон седиштата. Cupra отсекогаш ги бивало за вакви bucket седишта, и тоа дефинитивно беше случајот тука. Многу удобни и со многу латерална поддршка, и греење секако, но сепак без да биде тоа многу напорно или да стиска премногу.

Како човек со малку поголеми латерални димензии, ова ми се допадна. Прегледноста исто така беше сосем добра, дури и од задното стакло. Палење/гасење на безбедносните системи е релативно лесно, но и тие самите не се многу напорни, не се излишно реактивни, но си функционираат кога треба.

Што се случува со возењето на отворено? Исто немам лош збор, има многу снага да развие брзина и за претекнување возила, изолацијата беше сосема океј, малку повеќе звуци од патот, но сепак беше солидно. Адаптивниот темпомат исто си ја вршеше работата одлично, имав прилика да го испробам кратко.
Сега за сега, супер. Моментот каде што Terramar се издвојува е со неговите динамички способности. Cupra не дозволува нивните модели да не стават насмевка на лицето на возачот, без разлика колку се големи или што ги движи, и тоа е апсолутно случајот и со Terramar.

Мене ако ме прашувате, не ви треба посилниот бензинец. Овој има многу сила, но и навистина е сѐ штелувано како што треба. Сервото отежнува сосем доволно при динамично возење, немаше чувство како да е вештачко, лопатките зад волан имаат многу добро чувство кога ги користите за менување, и кога враќате брзини има фантастични blips, односно вртежите скокнуваат и моторот звучи фантастично во таа ситуација.
Тестеров дојде и со адаптивна амортизација, каде што шоферот може да подеси дали да биде помеко или потврдо, но како и да е наместено, немаше скоро никакво навалување во кривини. Тој момент ме изненади и кај понискиот Formentor, но многу ме изненади кај Terramar, со оглед на тоа дека е малку повисок и погломазен.

Доколку наидете на убав пат со кривини со Terramar, препорачувам да си префрлите во Performance режимот и малку да уживате; ќе ви стави насмевка на лицето. Иако јас долго време тврдам дека динамичките способности кај SUV не треба секогаш да се приоритетни, ме интересира како изгледа кога им е посветено повеќе внимание, и во овој случај, изгледа одлично.

Што се однесува до потрошувачката, можете да очекувате околу 9 до 10 литри на 100 км градска потрошувачка, додека на отворено бројките се поблиску до 6 литри. „Абе ова многу троши, друже“ ве слушам како викате, но со оглед на тоа дека е поголем SUV со бензинец со 200 коњски сили и погон на сите четири тркала, мислам дека тие бројки се сосема во ред.
Во глобала, одлично си поминав со Terramar, и немаше нешто што беше значајно за забелешка. Океј, суспензијата е малку потврда, ама со оглед на тоа дека е поспортски модел во старт, ова е очекувано, а достапни се и подесиви амортизери кои овој модел ги имаше. Освен тоа, навистина за мерак.

Ентериерите на Cupra отсекогаш ми биле интересни, бидејќи имаат многу добар баланс на стил, квалитет, и спортски детали. Тоа е апсолутно случајот и со Terramar.
И понатаму си ги има сите карактеристични Cupra елементи, како бакарните акценти, големите bucket седишта, карбонскиот акцент на централниот дел од воланот, и во овој случај има и централна конзола малку повеќе насочена кон возачот.

Освен што ентериеров изгледа одлично и е полн со технологија, морам да го пофалам квалитетот на изработка. Без никакви релативизми, Cupra Terramar е навистина премиум производ, и тоа се чувствува во сите директно видливи површини. Богами, се чувствува и со опремата; освен фантастичните алкантара седишта, имаме Sennheiser озвучување. Ретко среќавам аудиофил компании да снабдуваат возила со аудио системи, но системов беше одличен. Малку појак бас од што би сакал лично, но супер си беше.

Секако, имаме дигитална инструмент табла со многу опции за конфигурација, како и инфозабавен екран од 12.9 инчи. Нема физички контроли за климата, освен touch панелите под екранот кои се исклучиво за темепература. Обично ова би го издвоил како минимална негативна страна, но две работи го извадија; прво, нели, дел од контролите се цело време на долниот дел од екранот, и второ и поважно, инфозабавниов систем буквално леташе.
Се потсетив на чувството кога видов Windows како работи на современ монитор за прв пат; немаше никаков лаг, и никогаш досега не сум видел Apple CarPlay да работи толку брзо. Кога сме кај тоа, освен што е брзо, CarPlay си работеше супер без кабел.

Тука го имаше и препознатливото Cupra амбиентално осветлување, непрекината линија која се простира од возачката врата, преку контролната табла, па сѐ до совозачката врата. Многу добро изгледа, и е воедно безбедносна карактеристика; вратите трепкаат црвено доколку ви доаѓа некој а се спремате врата да отворите, рецимо.

Од опрема имаше од се по нешто, вградена навигација, електрично подесување на возачко седиште со меморија, автоматско отварање на петта врата, адаптивен темпомат, matrix LED светла, и многу друго. Имаше и доста места за одлагање предмети, повеќе од доволно простор, а и многу подесивост за возачката позиција. Бонус пофалба; држачите за чаши во централната конзола собраа литарско шише!
На задните седишта имаше многу простор, и покрај тоа што тестеров имаше панорамски сончев покрив, додека багажникот нуди 508 литри капацитет. Самата форма е доста практична, а со склопување на задната клупа имате 1.544 литри капацитет.

Да ви кажам искрено, Terramar ми беше интригирачки модел уште кога излегоа првите фотографии пред пар години. Навистина ме интересираше како Cupra би настапиле во жешкиот C-SUV сегмент.
После времево што го поминав со Terramar, можам со сигурност да кажам дека ова е еден од најдобрите модели во класата. Спортските карактеристики се тука, но не одвлекуваат од тоа што Terramar е практичен, просторен, и исклучително добро опремен SUV. Би му било паметно на C-SUV сегментот да се припази од Cupra Terramar. Секоја чест.
Почетната цена на Cupra Terramar изнесува 38.900 евра.
Цената на тестираниот модел изнесува 47.424 евра.
Цените се точни од времето на објавување. За повеќе инфо. посетете ја официјалната веб страна на Cupra Македонија, или пак продажниот салон.