Една неизбежна реалност кај B-SUV сегментот е што некои модели се со нас прилично долго време. Некои се сосем нови, а некои си тераат веќе неколку години. Особено во овој сегмент, клучно е да се остане релевантен, макар тоа значело еден од најекстензивните фејслифти годинава, а можеби и изминативе неколку години.
За што станува збор?

На тест кај Korrmotive пристигна освежениот Kia Stonic, со речиси фул опрема т.е Ultimate, како и 1.0 Т-GDI бензинецот со автоматски менувач. Освежениот Kia Stonic пристигна кај нас при крајот на 2025 година, и конечно го доведе (моментално) најмалиот кросовер на Kia во новата деценија. Ако не сте знаеле, Kia Stonic е со нас од 2017 година, и ја користи истата платформа како Rio. За жал, Rio си замина од понудата, со што Stonic останува единствената офанзива на Kia во B (Б) сегментот.

Спомнав погоре дека ова е еден од најголемите фејслифти годинава, а можеби во изминативе неколку години. Да не беше страничниот профил многу сличен како кај претходниот Stonic, многумина ќе помислеа дека се работи за нова генерација, иако тоа не е случајот.

Како што верувам знаете, Kia го промени својот дизајнерски идентитет добри два пати откако прв пат се појави Stonic на пазарот, но фејслифтов дефинитивно го донесе во линија со остатокот од понудата, особено новите електрични модели како EV6 или EV9.
Од напред имаме сосем нов дизајн, со целосно LED светла кои потсеќаат на гореспоменатиот EV9, а и голем дел од маската е каросерија, наместо отвори за ладење, па и така потсеќа на електричните модели на Kia. Инаку тестеров ја носи Astro Grey металик сивата боја.

Не е мој личен фаворит, ама добро изгледа. Задниот дел е исто така многу променет, со нов дизајн на стоп светла (исто така LED), и сосема променета форма на петта врата. Вакви in-depth промени оддамна не сум видел на фејслифт. Тестеров носеше и 17-инчни алу фелни кои се многу слични како оние кај Sportage.

Сѐ на сѐ, симпатичен и харизматичен дизајн. Навистина дава ефект дека е сосема нова генерација, а всушност не е. Дали може ова да го наречеме успешен фејслифт? Јас би рекол да.
А што го движи Stonic?

Понудата на мотори кај Kia Stonic е значително намалена. Кога викам значително намалена, тоа значи има само една опција; 1.0 турбо бензинец со три цилиндри и директно вбризгување, со 100 коњи и 172 Nm вртежен момент. Достапен е исклучиво со преден погон, и со 6-степен мануелен или пак 7-степен DCT автоматик, кој го имаме во тестеров. GT-Line пакетот доаѓа исклучиво со автоматикот.
0-100 со автоматикот е околу 12 секунди, додека максималната брзина е 179 км/ч. Очекувани цифри за овој калибар на кола со ваков мотор, ама не е тоа целата приказна. Да почнеме со градско возење.

Како што верувам очекувате, ова му е силна страна на Stonic. Управувањето е многу лесно, димензиите овозможуваат собирање во потесни места и многу лесно паркирање, а и лесно е за маневрирање. Единствено нешто што приметив е дека DCT менувачот малку се мислеше кога додавав малку повеќе гас, но си ја вршеше работата како што треба инаку. Градско возило со автоматски менувач е полн погодок, и тоа важи и тука. Прегледноста исто беше солидна, вклучувајќи и позади, и покрај помалата задна шофершајбна.
Други забелешки немам. На Stonic навистина му лежи градска вожња во скоро секој поглед.

За да го вклучите ограничувачот на брзина во Stonic, го заддржувате заокруженото копче на воланот 2-3 секунди. Не е поврзано со системот за препознавање знаци, сами си го подесувате ограничувањето. Лесно и едноставно, и си работи ефективно.
Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.

Stonic одлично се покажа во овие две средини, изненадувачки одлично. На автопат најголемото изненадување дефинитивно беше звучната изолација. Иако ова е мал автомобил, и е сосема во ред да очекуваме не-премногу звучна изолација, за тоа што е, одлично е.
Моторот има сосем доволно снага да постигне брзини, и немаше момент каде што осетив дека се мачи да оддржува 120 км/ч, или било која брзина во тој регион.

Убедливо најголемото изненадување беа динамичките способности. Океј, немаше којзнае колку фидбек преку воланот, но ставете го Stonic во Sport режим, и мислам дека ќе бидете пријатно изненадени од сопствената насмевка на лице.

Скоро никакво навалување, прецизно управување, и многу самоуверен и доста интересен пристап во кривините. Верувам дека GT Line со поспортската амортизација е уште поинтересен, но и вака без тие додатоци, Stonic пријатно изненади. Дефинитивно се истакнува во класата во однос на динамичките способности, и мислам дека ако тоа ви е битно, треба да го испробате.
Браво!

Ентериерот на освежениот Stonic е многу добар пример за народскиот феномен „Го наследив од постариот брат/сестра.” Додека претходниот го делеше ентериерот со Rio, новиот Stonic го наследува ентериерот од Sportage на многу места.

Истиот распоред со екраните за инструментите и infotainment, како и истите контроли за аудио системот и климата под екранот. Централната конзола е малку по old school, со механички селектор за трансмисијата, но е сепак во тон на Kia. Исто ми се допадна дизајнот налик на прскање со четка, што го имаше на неколку места.
Stonic го добива и истиот волан како новиот Sportage, но малку ми беше голем во однос на просторот во кабината. Инструментите и инфозабавниот систем се од пред фејслифтот на Sportage, но пак си работат одлично. Респонзивно, лесно за читање, лесно за разбирање, и со повеќе од доволно функции.

За Apple CarPlay/Android Auto ќе ви треба USB-A кабел (во превод обичен USB), а таков немав додека Stonic ми беше на тест и не успеав да испробам, но го имам испробано претходно со овој infotainment и си работеше одлично, така да, не се секирајте.
Исто така, морам да ги пофалам Kia што издвоиле ресурси да го опремат Stonic со електронска рачна и auto hold, нешто што други B-SUV модели го немаат.
Ultimate пакетот има одлична опрема; греење на седишта и на волан, паркинг сензори напред и позади, автоматска клима, целосно LED осветлување напред и позади, и една обемна количина на ADAS системи кои супер си работеа и не беа воопшто интрузивни. Има многу подесување во возачката позиција, и општо Stonic е многу просторен внатре, така да, верувам дека лесно ќе најдете позиција која ви одговара.

Материјалите се малку потврди, но тоа е очекувано за B-SUV во оваа ценовна група. Иако се потврди, пак се квалитетни, а и квалитетот на изработка си е на место. Секако, за раат во глава, тука е на Kia гаранцијата од 7 години, а и верувам многумина од вас знаете дека Kia редовно покажува добри резултати на анкети за издржливост.
И на задната клупа имаше сосем доволно простор како за еден B-SUV, дури и ако сте во средина има доволно за кратки релации. Багажникот има 332 литри капацитет, а со спуштање на задните седишта добивате 1.135 литри.

Иако релевантноста во овој сегмент може да значи многу работи, генерално, изоштрување на дизајнот и додавање повеќе опрема е повеќе од доволно. Kia многу сериозно си ја има сфатено задачата, и тоа се гледа во секој поглед со Stonic. Значи, да резимираме; дали му дојде добро фејслифтот на Stonic? Дефинитивно.
Промотивната почетна цена на Kia Stonic е 21.200 евра.
Промотивната цена на тестираниот модел е 24.600 евра.
Цените се точни од времето на објавување. За повеќе инфо, посетете ја официјалната веб страна на Kia Македонија.