Изминативе неколку години кинеските производители мереа температура на нашиов пазар, генерално со работи кои ни се познати; кросовери од разни големини со турбо бензинци под хауба, а знаеше и по некој дизел да се појави тука и таму. Сега веќе дојде време да искусиме и што имаат да понудат кинеските производители кога електрификација станува дел од приказната.
Chery исто се придружува на оваа авантура. На крајот на 2025 година хибридните модели на Chery конечно почнаа да пристигаат кај нас, и Korrmotive помина неколку дена со еден од нив. Ајде да видиме…

На тест кај Korrmotive пристигна Chery Tiggo 7 Plug-in Hybrid, односно PHEV, со Noble пакетот на опрема и модерна Technology Grey сива боја на каросерија. Оваа година портфолиото на Chery се прошири со хибридни верзии од сите модели во понудата — сите SUV модели од Tiggo 4 до Tiggo 8, седанот Arrizo 8, а неоддамна пристигна и импресивниот знаменосец Tiggo 9 кој и онака се нуди исклучиво како плаг-ин хибрид.
Од надвор, нема многу разлики помеѓу обичниот Tiggo 7 и плаг-ин варијантата; PHEV нема изразени издуви на браникот, го додава знакчето на петтата врата и приклучок за полнење од десната страна. Другото сѐ си е исто, но бидејќи ова е секако фејслифтот на Tiggo 7, да видиме што има ново.

Предницата е освежена со нова маска и редизајнирани светла. Интересни ми се деталите во маската, малку личат на дијамантите од играта The Sims. Кој играл, ќе знае. Од страна нема некои големи промени со исклучок на новите дизајни на фелни, а од позади имаме веќе опипиливи промени.
Задните светла се сега целосен light bar со многу интересен и интрикатен дизајн, Chery натписот стои над светлата, и секако има Plug-in Hybrid знакче во десниот агол. Тука исто вреди да се спомне дека со фејслифтот Tiggo 7 ја губи Pro ознаката, сега е само Tiggo 7. Како човек што мисли дека Pro ознаката немаше потреба да биде таму, ова е океј.

Сѐ на сѐ, добар дизајн. Не е драматичен, ама сепак е истакнат и препознатлив, и ми се свиѓа дека заддржува автентична SUV форма, а и високото растојание од тлото е интересен момент.
Должина: 4.55м
Ширина: 1.86м
Висина: 1.69м
Тежина: 1.870 kg (празно)
А што го движи Tiggo 7 PHEV?

Многу од кинеските плаг-ин хибриди ја користат истата комбинација, што се однесува до самите елементи кои го сочинуваат системот, и тоа е случајот и со Tiggo 7 PHEV. Под хауба имаме 1.5 турбо бензинец со директно вбризгување, спарен со електромотор и батерија од 18.3 kWh со LFP (литиум-железо-фосфат) хемија. Комбинираниот износ од 278 коњи и 365 Nm вртежен момент оди до предните тркала преку едностепен DHT автоматик. Со полна батерија и полн резервоар, според Chery, може да поминете дури и 1.200 километри. Многу импресивна бројка, и според бројките кои ги видов на дисплејот, таа бројка е сосема достижна.

Океј, едно по едно, почнувајќи од градското возење.
Во зависност од тоа во кој режим го имате ставено хибридниот систем, ако батеријата е полна, многу се мали шансите дека ќе се вклучи моторот на внатрешно согорување. Речиси цело време ќе бидете на струја, дури и ако во екранот за инструментите пишува HEV (хибриден режим). Доколку батеријата е при крај, секако, можете преку инфозабавниот систем да се префрлите во генераторски режим – моторот се вклучува и ја полни батеријата. Да се разбереме, ова не е EREV, бензинскиот мотор ги движи тркалата, но може да биде и генератор. Во таа ситуација, ќе слушате само една мала вибрација од моторот, не одат вртежите нешто многу горе-долу.

Освен тоа, искуството е пријатно и тивко, дури и кога моторот работи. Седиштата се доста удобни, и стандардно доаѓаат со кожа и вентилација, што беше многу корисно во горештините. Има многу простор и подесување во возачката позиција, а паркирање и маневрирање беше изненадувачки лесно и покрај димензиите и тоа што има 360-степенски камери стандардно.

Единствено нешто што го забележав е што суспензијата беше за нијанса потврда. Ова можеби веќе го знаете; автомобили за кинескиот пазар обично се штелувани да бидат што е можно помеки, и обично изведбите за европскиот пазар малку ги стегнуваат. Освен тоа, Tiggo 7 PHEV има доста тежина. Малку се чувствуваат најситните дупчиња и нерамнини во патиштата, но освен тоа, сосема океј и доста удобно.

Што се однесува до потрошувачката, тука математиката беше малку комплицирана. Инструментите на Tiggo 7 PHEV прикажуваат просечна потрошувачка на енергија (и гориво и струја) само во изминатите 50 км возење, и покрај тоа што и двете се водат по стандардизирани мерки (литри и kWh на 100 км). Малку е потешко да ви дадам точна бројка, бидејќи бројките се менуваат и ажурираат на поразличен начин од тоа што ни е познато, но можам да кажам дека во точните услови, бројката 0.4 литри на 100 км објавена од Chery е сосем достижна, а ако моторот е вклучен, потрошувачката е пак околу 5 литри на 100 км.

За да го вклучите ограничувачот на брзина во Tiggo 7, заддржете го LIM копчето на левата страна на воланот, и после тоа можете да ги користите RES+ и SET- копчињата на воланот за да го подесите.
Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.

Имав прилика да го испробам Tiggo 7 PHEV на малку подолга релација, т.е околу 230 км пат во двата правци. Всушност, автопатот е местото каде што Tiggo 7 PHEV навистина си доаѓа на своето. Има повеќе од доволно сила, нема речиси никакви звуци, што е особено импресивно со оглед на обликот на Tiggo 7, и општо стабилноста и комфорот беа на високо ниво.

Некогаш гумите знаеја да бидат малку погласни, за што е виновен генерално неквалитетниот асфалт на некои патишта, и системите за безбедност имаа тенденција да се збунат во одредени ситуации. Асистираното возење си работеше одлично, и добро го следеше патот, само треба да внимавате навистина многу нежно да го држите воланот – во спротивно, прекинува.

Добро се покажа и при динамично возење. Секако, фокусот е ставен на комфор и на поправи патишта, но Tiggo 7 PHEV се снаоѓа и во кривините. Тука има и еден бенефит од потврдата суспензија – минимално навалување во свиоци. Фидбекот од воланот беше на добро ниво, и генерално, сѐ додека ги адаптирате очекувањата (и десната нога), Tiggo 7 PHEV нема проблем со кривини.

Иако Tiggo 7 PHEV не се позиционира директно како луксузен автомобил, а цената не му е ни приближно како луксузен автомобил, ентериеров е многу подобар што би очекувале. Кожата на седиштата е стандардна опрема на сите пакети, и генерално имате чувство дека некој навистина се погрижил да биде пријатно искуството зад волан, а и за сопатниците.
Централната конзола е покриена во материјал налик на нелакирано дрво, малите звучници на вратите имаат метални решетки, и грото од копчињата кои редовно ги користите имаат убав клик и квалитет. Навистина се потрудиле, и тоа е за пофалба.

Распоредот на ентериерот е класичен; 12.3" екран за инструментите и 12" екран за инфозабавниот систем. Самиот инфозабавен систем е добар, би сакал анимациите да беа малку помазни, но ги има сите најважни функции, и Apple CarPlay и Android Auto работат безжично (јеј!). Под инфозабавниот екран имаме многу бонус поени – не само што има физички контроли за климата, Chery исто така за многу кратко време одговориле на фидбекот; претходно овие контроли беа на допир без многу фидбек, а сега се вистински копчиња. Ова е супер, ама би додал и копчиња за греењето и вентилацијата на седиштата.

Во централната конзола гордо седи кристалниот менувач. Не сум некој огромен фан на ваквите моменти, ама можам да кажам дека придонесува на луксузното чувство во Tiggo 7 PHEV. Тука е добар момент да се спомне дека Tiggo 7 PHEV е во склад со трендовите; нема копче за палење, само влегувате, ставате во D и можете да тргнете.

Инструментите имаат пријатна и читлива графика, и имате два режими на приказ, а десната страна може во секое време да прикажува одредени информации по ваш избор; потрошувачка, притисок во гумите итн. Би сакал да имаше уште по некоја опција тука, или и левата страна да може да се конфигурира со прикази по избор, ама тоа е лесно да се вметне во некој software update во блиска иднина.

Квалитетот на изработка многу пријатно ме изненади; готово и да нема тврди материјали, барем не директно во видик или на лесен дофат, и сѐ е цврсто и склопено како што треба. Гаранцијата од 7 години мислам дека ќе ги смири скептиците.
Од друга опрема, како што викаме често, нема што нема, ама лично морам да го истакнам парфем системот – преку клима уредот излегува пријатен мирис по ваш избор – фантастичното Sony озвучување со многу бас, а и амбиенталното осветлување кое може да трепка во ритамот на песната која ја слушате е исто добра финта. „Пази сеа“ финта, како што ги викам. И на крај, нешто што не го гледаме многу често на плаг-ин хибриди, двонасочно полнење! Со помош на адаптер, можете да наполните лаптоп, електричен тротинет, или каков и да е електронски уред што ќе ви се најде во багажник.

Мислам дека воопшто нема да се изненадите дека просторот на задната клупа е одличен, и комотно можете да сместите тројца позади и да одите на долг пат, без проблем. Има и USB приклучок, како и централна конзола со држачи за чаши.
Багажникот нуди 484 литри капацитет во стандардна конфигурација, и има и мали прегради под тепихот. Секако, се спуштаат и задните седишта, и со тоа добивате 1.305 литри.

Требаше доста време да стигнат електрифицираните Chery модели да стигнат кај нас, и сега верувам дека се прашувате „дали вредеше?“ Настрана некои од минималните софтверски забелешки, времето поминато со Chery Tiggo 7 PHEV покажа дека Chery сериозно си ја сфаќа работава, и дека овој погонски систем многу му одговара на Tiggo 7. Дефинитивно примамлива опција.
Почетната цена на Chery Tiggo 7 PHEV, а воедно и цената на тестираниот модел (Noble) изнесува 33.500 евра.
Цената е акциска и е точна од времето на објавување.
За повеќе инфо посетете ја официјалната веб страна на Chery Македонија.
