Ренесансата на Peugeot сеуште трае. Францускиот бренд макотрпно работи на нови технологии, нови дизајни, и нови погонски системи, и веќе подолго време го гледаме резултатот на тој труд. Новата трета генерација Peugeot 3008 е уште една нова интерпретација на познатиот кросовер модел на брендот, и освен тоа што воведува сосем нов дизајнерски стил и надвор и внатре, има и нов интересен погон за кој што вреди да се зборува во детали. Ајде да видиме за што се работи!
Korrmotive го тестира Peugeot 3008 Hybrid
Korrmotive
Неоддамна на тест ми пристигна новиот Peugeot 3008 Hybrid, со GT пакетот на опременост и прекрасната (и бесплатната!) Obsession Blue металик сина каросериска боја. Со третата генерација на 3008, Peugeot уште еднаш нуди нова интерпретација на моделот.
Освен новиот дизајнерски јазик на Peugeot на кој ќе се навратиме за брзо, 3008 е доказ дека Peugeot многу сериозно си ја сфаќа работата со електрификацијата. Ова е 3008 Hybrid, а во понудата е исто така е-3008 со целосно електричен погон. Чист бензински или дизелски мотор веќе нема, само хибрид и електричен.
Korrmotive
Но, мора да разграничиме нешто. Peugeot нуди плаг-ин хибриди веќе подолго време, но 3008 не е плаг-ин, туку е самополнечки хибрид, или како што тие го нарекуваат, mild hybrid (MHEV). Stellantis неоддамна почна да го нуди овој многу занимлив mild hybrid погонски систем на повеќе модели, а јас го пробав за прв пат токму тука на 3008. Но, за тоа малку подоцна. Прво да зборуваме малку за дизајнот.
Многу храбар нов идентитет
Korrmotive
Со третата генерација на 3008, како што кажав Peugeot уште еднаш ја менува дефиницијата за што значи 3008 во однос на дизајн и позиционирање на пазарот. Првата генерација беше SUV со по некои црти од моноволумен, втората беше класичен SUV, и сега повторно имаме нешто ново: сега 3008 стана coupe SUV, додека 5008 ја зазема позицијата на класичен SUV во понудата.
Korrmotive
Искрено, лично не сум голем фан на coupe SUV возила, но морам да симнам капа за Peugeot бидејќи овој дизајн е навистина многу храбар и впечатлив, особено во Obsession Blue. 3008 е првиот сосема нов модел на брендот кој црпи инспирација од Inception концептот претставен на почетокот на 2023 година.
Korrmotive
Нова еволуција на предната маска, како и нова еволуција на вертикалните дневни светла кои личат на лавовски заби. Значително закосен покрив од страна, како и сосем нов дизајн на заден дел, со познати, но сепак нови елементи. Еден од највпечатливите е името PEUGEOT сега испишано на петтата врата, наместо само знак како што беше претходно. Нема друг начин како да се опише, дизајнот на 3008 е многу храбар.
Korrmotive
Кога сме кај значките на петтата врата, токму таму има еден интересен знак: Hybrid. Знаете за што дојде време, нели?
Самополнечки хибриден погон
Korrmotive
Прво да ви кажам дека една од главните новости кај новиот 3008 е платформата. Новиот 3008 е првиот модел на Peugeot поставен на сосем новата STLA Medium платформа, која наскоро ќе се појави, односно веќе почна да се појавува и во други модели на Stellantis.
Меѓу другото, еден од главните новитети е тоа што електричните возила на оваа платформа ќе можат да поминат дури 700 километри на струја, и Peugeot неоддамна ги најави електричните изведби на 3008 и 5008 кои се способни токму за тој опсег.
Korrmotive
3008 со кој се дружеше Korrmotive користи малку попознат, но сепак многу интересен погонски систем кој сметам дека ќе биде попопуларен избор на нашиот пазар. Се работи за 3008 Hybrid, кој спарува 1.2-литарски турбо бензинец со електромотор поставен во менувачот, кој инаку е 6-степен автоматик со двојна спојка за прв пат на Peugeot модел (барем што не е концепт). Вкупниот системски износ е 136 коњски сили, кои моментално се пренесуваат исклучиво до предните тркала.
Korrmotive
Хибридниот погон кај 3008 се покажа како доста контроверзен. Откако поминав добро време со него, не ми беше баш јасно зошто. Би го опишал погонскиот систем како сосем адекватен. 136 коњски сили можеби звучи како малку за релативно големо возило, но е сосем доволно и перформансите се навистина добри за таа моќност, дури и во подинамични услови.
Korrmotive
И покрај тоа што Peugeot го нарекува овој погонски систем лајт хибрид или MHEV, тој повеќе се однесува како класичен самополнечки хибрид. Тоа во превод значи дека кога ќе се стабилизирате, пример, на 50 км/ч, бензинскиот мотор сосема се гаси и електромоторот ја превзема неговата работа, доколку условите дозволуваат. Во инструмент таблата имате опција да видите кој дел од погонскиот систем функционира во даден момент со една многу пријатна и интересна графика.
Ова значи речиси нечујно возење во градски услови, но исто така врши многу работа за потрошувачката.
Korrmotive
Исто пријатно ме изненади и звукот од моторот. Звуци од мотори со три цилиндри се една моја слабост, и 3008 навистина извади еден пријатен звук при подинамично возење. А кога сме кај тоа, однесувањето во свиоци беше сосем задоволително за SUV возило. Секако, не е спортски автомобил, но сепак се однесува безбедно при подинамично возење, како и на автопат. Звуците и вибрациите беа на минимално ниво.
Каква е потрошувачката? Кога започна моето дружење со 3008, потрошувачката прво беше десетина литри на 100 километри, но тоа беше во градски метеж и со подинамично возење, како и постојано вклучена клима и вентилација на седиштата (да, има и тоа). Во вечерните часови, кога немаше потреба од клима, и со внимателно користење на педалата за гас, успеав да извадам околу 6-7 литри на 100 километри.
Korrmotive
Со оглед на големината и тежината на 3008, тоа е одлична бројка. Очекувајте речиси исти бројки на отворен пат. Фидбекот од сите контроли е одличен во сите три режими на возење, и посебни пофалби имам и за автоматскиот менувач. Како за прв обид за автоматик со двојна спојка, инженерите одлично си ја имаат завршено работата.
Комфорот е исто така солиден, и покрај тоа што тестерот беше на 19“ тркала. Дури и на прилично лоши дупки и тумби, комфорот кој го нуди 3008 е одличен. Сепак, французите ги бива во таа работа, како што знаеме.
Луѓе, ентериеров!
Korrmotive
Сум имал повеќе искуство со Peugeot моделите, и имав чуено претходно дека ентериерот на новиот 3008 e неспоредлив со било што кое сме го виделе од Peugeot досега. Уште на првото седнување тоа стана јасно. Ова е еден од најдобрите автомобилски ентериери во кои седнав годинава.
Korrmotive
Од квалитетот на изработка, до дизајнот, до прекрасните анимации на екраните за инфозабавните соддржини и инструментите, до подобрената ергономија, нема што да се каже. Peugeot имаат направено царска работа со овој ентериер.
Korrmotive
Тука веќе се гледа дека Peugeot се сериозни со нивното позиционирање како премиум бренд. Веќе го спомнав квалитетот на изработка, но потоа ја имаме технологијата и функциите. Не знам дали досега во оваа класа имало адаптивни странични перничиња на седиштата, но ги има тука, а да не ги спомунвам функциите за масажа и вентилацијата.
Генерално ми се допаѓаат ергономските решенија во ентериерот, како преместувањето на менувачот на инструмент таблата веднаш до старт копчето. Ќе треба малку навикнување за тоа, но лесниот пристап е за пофалба.
Korrmotive
Имав некои ситни забелешки, како недостатокот на физички контроли за клима уредот и покрај тоа што екранот е многу респонзивен и брз, како и чудниот момент дека амбиенталното осветлување свети исклучиво кога сте во Normal режимот на возење; во Eco и Sport режимите го нема. Исто така, што е до мене, нема потреба командите на воланот да бидат сјајно црни, но тие се сепак претежно вистински копчиња. Исто така би додал панорамски сончев кров тука.
Освен опциите за седиштата, тука има сѐ што би очекувале. Безжично поврзување на телефон, автоматски светла и бришачи, сите видови на безбедносни системи, кои инаку се многу културни и љубезни кога ве предупредуваат. Материјалот на седиштата е фантастичен, и истото морам да го кажам и за материјалот на контролната табла и на вратите.
Korrmotive
Просторот на задната клупа е солиден и покрај закривениот покрив, но просторот за нозете е за нијанса намален бидејќи предните седишта се доста габаритни. Сепак, има повеќе од доволно простор. Багажникот, во меѓувреме, нуди масивни 520 литри простор, кои стануваат 1.500 литри кога ќе ги преклопите задните седишта (кои инаку стандардно се делат 40/20/40). Огромен простор за сѐ што ќе ви затреба и повеќе, и не ми изгледаше како закосениот покрив и закосената петта врата да ускратува на просторот, што само по себе е големо постигнување.
Иднината на Peugeot е многу светла
Korrmotive
Втората генерација на 3008 беше еден од бестселерите на Peugeot, и со добра причина. Третата генерација е уште едно ново замислување на добропознатиот модел, но финалниот производ ги надмина моите очекувања. Во секој поглед, Peugeot мајсторски ја има завршено работата со новиот 3008, и ако ова можеме да го очекуваме од идните модели на брендот, иднината се чини многу светла. Peugeot има зацртано да ни докаже на сите дека цели кон премиум класата, и тоа јасно се гледа со новиот 3008.
ОЦЕНА: 8.5/10
Цената на тестираниот модел изнесува 44.000 евра. За повеќе информации посетете ја официјалната веб страна на Peugeot Македонија, или пак еден од продажните салони. Цените се точни од времето на објавување.