Повторно се враќаме на автомобили на кој не им треба никаков вовед. Субјектот на денешниот тест на Korrmotive во овие простори повеќе не е автомобил, туку е една цела институција. Убедливо еден од најпопуларните модели на еден од најпопуларните брендови не само во Македонија, туку и во регионот. Конечно имав шанса да видам што е тоа што влече толку многу купувачи кон овој модел, и сега ми е комплетно и апсолутно јасно.
Ајде да видиме заедно!
Korrmotive ја тестира новата Skoda Octavia
Korrmotive
Четвртата генерација на Skoda Octavia пристигна на нашиот пазар во 2020 година, а во 2024 пристигна и освежената верзија. На тест кај Korrmotive пристигна освежената Octavia со Selection пакетот на опременост, металик црна боја, и речиси целиот каталог на опрема.
Octavia е со нас од крајот на 90те години, и во тоа време стана еден од најпопуларните модели на нашиве простори. Најдоброто од Volkswagen групацијата стокмено во практичен liftback пакет, кој е фокусиран да понуди многу за не многу пари.
Korrmotive
Тоа е сѐуште филозофијата на Octavia, но има претрпено многу промени во споредба со првата генерација од 1996. Ајде да видиме што има да каже Octavia, почнувајќи од дизајнот секако.
Модерен дизајн кој не ја заборава сржта
Korrmotive
Четвртата генерација на Octavia е впечатлива по тоа што прилично многу се истенчи во споредба со претходната генерација. Иако е целосно испочитуван тековниот дизајнерски јазик на Skoda, лифтбек дизајнот на Octavia е позната приказна. Како што викаат на англиски, ако не е расипано, не го поправај.
Korrmotive
Фејслифтот воведува неколку нови детали, како што се предните светла кои сега делумно се простираат надолу по маската, нешто слично како фејслифтот на претходната генерација. Самата маска е сега во склад со новиот јазик на Skoda, а дизајнот на браникот е исто така минимално освежен.
Korrmotive
Од страна сѐ си останува исто, а овој модел беше опремен и со нов дизајн на алуминиумски тркала кои прв пат ги гледаме на фејслифтот. Иако може да се нарачаат во двобојно издание, вака сребрени изгледаат многу подобро според мене.
Korrmotive
На задниот дел имаме малку освежени светлосни групи, како и SKODA испишано на петтата врата со новиот фонт кој се појавува полека и во другите модели. Ова се најзабележливите промени на надворешноста на Octavia, а другото ни е веќе познато. Отсекогаш ми се допаѓал дизајнот на Octavia, навистина атрактивен и ненаметлив дизајн кој нѐ потсетува дека лимузините имаат еден посебен квалитет од естетична гледна точка. Има авторитет, особено со Selection пакетот и 18 инчните тркала (наречени Lerna), и одма се знае за која кола се работи.
Што ја движи Octavia? Навистина многу ќе бидете изненадени…
Докажан дизелски мотор
Korrmotive
Океј, можеби и не. Под поклопецот на оваа Octavia се наоѓа миленикот на цела Македонија и речиси цел Балкан: 2.0-литарски турбодизел со 150 коњски сили, испорачани до предните тркала преку 7-степен DSG автоматик со двојна спојка.
Освежително ми беше да возам нешто со класичен дизел мотор, баш добра дигресија од сите електрифицирани бензинци и слично што вообичаено го гледам. Многу ми е мило дека и покрај колективното откажување од дизелските мотори на ниво на индустрија, Skoda и други брендови од VAG ги заддржуваат во понудата.
Korrmotive
Секако, има и други мотори во понудата, меѓу кои и истиот дизел со 116 коњски сили, како и 1.5-литарски турбо бензинец со 150 коњски сили, а достапен е и мануелен менувач. Ако мене ме прашувате, посилниот дизел и автоматскиот менувач е апсолутно идеалната комбинација за Octavia, само повеќе не се нуди со погон на сите четири тркала. :(
Korrmotive
Како се однесуваше Octavia? Да започнеме, како и вообичаено, со градски услови. Уште одма ќе се чудите дали е ова навистина дизел мотор, бидејќи е речиси нечуен. Секако, во рамките на дизел мотори, но навистина е импресивно како имаат еволуирано дизел моторите да бидат речиси нечујни и толку рафинирани. Како поранешен сопственик на Mk5 Golf со славниот 1.9 TDI, можам со сигурност да ви потврдам. :)
Автоматскиот менувач си ја врши работата беспрекорно, и само еднаш или два пати имаше мало двоумење, инаку си цепа и не се чувствува самото менување на брзините воопшто. Секако, можете да превземете контрола преку лопатките на воланот, а има и Sport режим кој ги држи вртежите повисоко.
Динамика на ниво
Korrmotive
Секако, има и повеќе режими на возење, односно Eco, Normal, Sport и Individual. Во град си стоев претежно на Eco, додека самите услови на возење повикаа на другите. И покрај тоа што овој модел беше на 18-инчни тркала, одма се гледа дека суспензијата е штелувана за комфор. Octavia ги апсорбира тумбите кои ги среќаваме редовно без никаков проблем, и немаше некој особено голем предизвик. Едноставно, си лебди. :)
Korrmotive
На автопат нема многу за коментирање, Octavia си тера одлично и на автопат и речиси никакви звуци од патот или ветерот не влегуваат во кабината, и повторно ќе кажам, речиси и не се познава дека се работи за дизел мотор. Имав и прилика да го испробам адаптивниот темпомат, што ретко се случува, и тој исто така одлично си ја заврши работата.
Исто така, иако можеби 150 коњски сили се чини како релативно малку, Octavia има сосем доволно снага да развие автопатски брзини на приклучување, како и сосем доволно доколку треба да нагазите за да претекнете.
А да, да не заборавиме уште една силна страна на дизелски мотор: ненормално добра потрошувачка. Во комбинирани услови, потрошувачката изнесува околу 5 до 6 литри дизел на 100 км, што е фантастично. Ако сте ептен внимателни со педалата за гас, а особено и на отворен пат, тоа може да падне на уште пониска бројка.
Korrmotive
Иако не е спортски автомобил, динамичните способности на Octavia прилично многу ме изненадија. Знаеме дека MQB платформата е подлога за многу забавни возила, и тоа се познава многу во Octavia. Класичен пример за што всушност значи блискост до тлото и пониска, аеродинамична каросерија. Многу стабилност, речиси никакво навалување, директен и прецизен влез во кривини, и одличен фидбек од сите контроли во сите режими на возење.
Korrmotive
Стварно немам многу што друго да кажам, луѓе. Без разлика што ќе побарате од Octavia, феноменално си ја завршува работата, и дури може ќе ве изненади со динамичките способности. Не успеав да најдам ниедна ситуација што беше истакнат предизвик, едноставно сѐ си вршеше вредно и способно. Секоја чест!
Освежен, но познат ентериер
Korrmotive
Знам, овој поднаслов многу пати го употребив, но навистина е така. Ентериерот на Octavia претрпи одредени промени како дел од фејслифтот, меѓу кои и новиот 13-инчен инфозабавен екран во средината кој сега е поддржан од најновиот софтвер на Skoda. Тестерот ја имаше и опционалната Cognac Suite светло кафена кожа на седиштата и на инструмент таблата, и беше едно вистински луксузно искуство.
Korrmotive
Другите делови од ентериерот ќе им бидат познати на сите што поминале време со поновите модели на Skoda. Познатиот волан со два краци, односно во овој случај три, дигиталната инструмент табла, shortcut копчињата под екранот, и нископрофилниот прекинувач за автоматикот. Сѐ е поставено конвеционално, логично, и не треба некое особено големо привикнување.
Korrmotive
Има и доста места за одлагање на вашите предмети, и квалитетот на изработка е фантастичен. Меки пластики ги покриваат речиси сите површини, а седиштава се многу удобни и во живо навистина изгледаат феноменално. Единствено нешто забележливо беше централната конзола, која е обвиена со потврда пластика. Ако, како мене, го потпирате коленото на централната конзола додека возите, можеби ќе дојде малку тврдо, но се навикнува со тек на време.
Би сакал и малку помека кожа за воланот, и нормално, физички контроли за климата или пак новите Smart Dials од Kodiaq и Superb би биле многу добредојдени.
Освен овие ситници, немам лош збор за ентериерот на Octavia. Сѐ е на место, сѐ има логика, и сѐ е многу квалитетно. Инфозабавниот систем е далеку пореспонзивен од претходната генерација систем на VAG, и пристапување кон сите команди е лесно и едноставно. Поголем дел од контролите за клима уредот се трајно на долниот дел од екранот, што е плус.
Korrmotive
Екранот зад инструмент таблата е доста подесив, и може да ви ја покажува и мапата како и разноразни стандардни прикази за мултимедија и просечна потрошувачка, како и други податоци за возењето.
Од опрема, можеби и очекувавте, нема што нема. Ова е прв пат на автомобил од овој сегмент да видам вентилација на предните седишта, нормално има и греење на седиштата како и греење на воланот, безжични CarPlay и Android Auto, безжичен полнач за мобилен, електрично подесување на возачкото седиште, matrix LED светла, амбиентално осветлување, паркинг сензори, и уште многу многу други добротии.
Korrmotive
Од безбедносна опрема, нормално, речиси сѐ од адаптивен темпомат до предупредување за и спречување на судар, предупредување за движење на сообраќај позади возилото, предупредување од и спречување на бегање од коловозната лента итн. итн., да не ве бомбардирам со текст.
Простор има повеќе од доволно, а има многу подесување на предните седишта. Просторот на задната клупа, со оглед на релативно закосениот покрив, е фантастичен, но можеби не е за тројца на задната клупа за долги патишта поради тунелот во средина. Има место за петорица вкупно, да се разбереме, но ова повеќе се однесува на комфорот.
Багажникот нуди масивни 600 литри простор, кои стануваат 1.555 литри со задните седишта преклопени. Фантастични бројки не само за овој сегмент, туку и за поголемиот над Octavia.
Нема грешка со Octavia
Korrmotive
Иако ова беше моето прво продолжено искуство со Skoda Octavia, отсекогаш можев да претпоставам зашто многу голем дел од популацијата го бира баш овој модел. Сега ми е сосем јасно. Новата Octavia, без сомнеж, е еден од најдобрите автомобили кои ги возев годината од секој можен аспект. Ако воопшто ви паднало на памет (простете ако звучам како родител) Octavia, немате за што многу да се мислите.
ОЦЕНА: 9.5/10
Цената на тестираниот модел изнесува 45.480 евра. За повеќе информации, посетете ја официјалната веб страна на Skoda Македонија или пак еден од продажните салони. Цените се точни од времето на објавување.