top of page

KORRMOTIVE ТЕСТ: Renault Megane E-Tech 100% Electric

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Mar 2, 2024
  • 6 min read

Во денешната автомобилска клима, може да се каже дека доминираат SUV моделите, а тоа важи и за електричните автомобили. Иако бројките сами говорат, понекогаш, на просечниот купувач му треба поедноставен и попознат тип на електричен автомобил: хечбек.


Што се случува кога формулата на електричен автомобил ќе се спакува во хечбек каросерија? И дали тој автомобил, кој го носи името на еден од најуспешните Ц-сегмент модели на европскиот континент, вреди да го носи тоа име? Ајде да погледнеме.


Korrmotive го тестира Renault Megane E-Tech 100% Electric


Renault Megane E-Tech 1
Korrmotive


Ова е всушност моето второ среќавање со електричниот хечбек на францускиот бренд. Минатата година (2023) во септември, имав шанса да испробам неколку најнови модели на Auto Mobil Expo во Базел, Швајцарија


Renault Megane E-Tech 2
Korrmotive

Примерокот на Megane E-Tech кој го возев во Швајцарија.


Првиот модел кој го возев беше токму Megane E-Tech, и првите впечатоци беа одлични. Сега, откако поминав неколку дена со овој модел на домашно тло, можам да кажам со сигурност дека тие први впечатоци не беа површни.


Renault Megane E-Tech 3
Korrmotive

Што е всушност Megane E-Tech? Иако регуларниот Megane и понатаму се произведува за пазарите со волан од лева страна (и Австралија), Renault се реши за електричен пандан модел како алтернатива на регуларниот, кој со тек на време целосно ќе го замени во понудата.


Логично е да се електрифицира Ц-сегмент модел како Megane, бидејќи со помал модел автоматски може да се анулираат некои од послабите страни на електричните автомобили.


Освежително компактен електромобил


Renault Megane E-Tech 4
Korrmotive


Можеби делува поголем на фотографии од што навистина е, но Megane E-Tech е цврсто Ц-сегмент автомобил, со должина од 4.2 метри и ширина од 1.76 метри (без ретровизори).


Поради електричната платформа (CMF-EV), Renault имаа можност да го максимизираат меѓуоскиното растојание (на скоро 2.7 метри) што овозможува повеќе простор во внатрешноста.


Renault Megane E-Tech 5
Korrmotive


Компактните димензии во комбинација со ултра тенката батерија исто овозможуваат првокласна тежина од 1.6 тони. Во време кога е речиси очекувано еден електричен автомобил да се доближи до или пак да надмине 2 тони, тоа е вистинско постигнување.


Дизајнот на екстериерот е убедливо една од моите омилени карактеристики кај Megane E-Tech. Храбар, модерен, футуристички, уникатен. Дури и во металик сивата боја на тестерот, дизајнерските елементи како скриените рачки на задните врати, наклонетиот покрив, и уникатните светлосни потписи доаѓаат до израз.


И покрај украсните црни елементи над тркалата, нека не ви прават илузија фотографиите: Megane E-Tech е Ц-сегмент хечбек во однос на димензиите како што наведов погоре, а тоа се однесува и за клиренсот (растојанието) од тлото.


Renault Megane E-Tech 6
Korrmotive

Голем удел во тоа имаат и 20-инчните тркала на овој модел. Нема да го помешате со друг модел на улиците, навистина се истакнува. Златните детали кои ги гледате се опционални, инаку доаѓаат во каросериската боја.


Брз и способен погонски систем за брз и многу способен Megane


Renault Megane E-Tech 7
Korrmotive


Да видиме што му дава сила на Megane E-Tech. Тестерот е опремен со единечен електромотор поставен на предната оска кој носи 220 коњски сили, односно 160 kW до предните тркала. Тој мотор добива струја од 60 kWh батерија.


Достапна е и 40 kWh батерија и електромотор со 94 kW, односно 127 коњски сили.


Забрзувањето до стотка e 7.4 секунди, сосем доволно а дури и брзо за грото од популацијата, а максималната брзина е 160 км/ч.


Renault Megane E-Tech 8
Korrmotive


Според WLTP циклусот, Megane E-Tech 100% Electric може да помине до 470 километри. Кога пристигна кај мене на тест со полна батерија, дисплејот тврдеше дека максималниот опсег е околу 315 километри.


20-инчните тркала играат удел во опсегот, како што е секогаш случајот со електрични автомобили. Сепак, помали тркала од 18 инчи се достапни во понудата, и доколку сте внимателни и штедливи со комфорт услугите и педалата за гас, ќе можете да стигнете блиску до WLTP бројката.


Renault Megane E-Tech 9
Korrmotive


Како стои Megane E-Tech со полнење? На 11 kW полнач (како тие на ЕВН) полнењето трае околу шест ипол часа. На 22 kW полнач трае малку повеќе од три часа, а на DC брз полнач Megane E-Tech може да повлече до 130 kW, што значи полнење од празно до 100% за околу 1 час.


Renault Megane E-Tech 10
Korrmotive

А како всушност се однесува Megane зад воланот? Со еден збор: одлично, но приказната е малку покомплицирана.


Една карактеристика на електрични автомобили за која се многу познати е инстантниот одговор од педалата за гас, без разлика од околностите. Megane E-Tech го може тоа, секако, ама малку е посложено.


Renault Megane E-Tech 10
Korrmotive


Ако го ставите режимот за возење во Eco преку Multi Sense копчето на воланот, одговорот од педалата за гас е малку одложен, и се однесува повеќе како класичен автомобил со ICE. Ова овозможува подобар опсег, секако, но е исто така корисно за купувачите кои се префрлаат од бензински или дизелски мотор на електричен, за да не се извадат од памет.


Секако, со Normal и Sport режимите приказната е друга, и во Sport особено одговорот е инстантен и Megane E-Tech полетува, и се чувствува како да е побрз од што бројките би ве натерале да мислите. Понатаму, кога возите динамично, навистина е забавно.


Renault Megane E-Tech 21
Korrmotive


Освен тие два режими, Multi Sense нуди и Perso режим, кои можете сами да го прилагодите за вашиот стил на возење. Со промената на режимот се менува и бојата на амбиенталното осветлување, како и тематиката на инструмент таблата.


Управувањето е лесно и сигурно, но има и доволно комуникација од управувачот на повисоки брзини.


Renault Megane E-Tech 12
Korrmotive

Навалувањето во свиоци е речиси непостоечко поради, меѓу другото, ниското тежиште. Кога дозволуваат вишите сили, Megane E-Tech е навистина забавен за возење, но и смирен и комфорен кога треба да биде. Компактните димензии го прават и многу лесен за паркирање и маневрирање, а тука помагаат и системите за асистенција при паркирање.


Дури и со 20-инчните тркала, удобноста изненади, како што изненади рафинираноста на отворен пат, со мал исклучок на минималните звуци од ветерот.


Сѐ на сѐ, искуството зад воланот на Megane E-Tech беше навистина пријатно, а во тука имаше удел и удобната возачка позиција, која овзможува многу подесување, а предните седишта дури можат да ве масираат.


Ентериер на место


Кога сме кај таа возачка позиција, ајде да влеземе внатре.


Renault Megane E-Tech 13
Korrmotive

Во ентериерот на Megane E-Tech, не се чувствувате како функцијата да страда поради формата. Иако ентериерот има одлични стилски решенија каде и да погледнете, практичноста е на солидно ниво.


Секако, има два големи екрани кои ја доминираат контролната табла, еден за инструментите и еден за инфозабавниот систем. Но, под инфозабавниот систем има физички контроли за клима уредот. Греењето на седиштата и воланот сепак се вклучува преку екранот, но барем се секогаш фиксирани на долниот дел без разлика на кое мени сте.



Renault Megane E-Tech 14
Korrmotive


Инаку, подлогата на инфозабавниот систем е Android Automotive. Ако сте користеле или користите Android телефон, ќе ви биде познато. Освен тоа што системот е стабилен и брз, имате опција да симнувате дополнителни апликации преку Play Store.


Секако, тука се и редовните гости Apple CarPlay и Android Auto, до кои може да пристапите без кабел. Друга ептен силна страна на Android Automotive е тоа што вградената навигација по default користи Google Maps.



Renault Megane E-Tech 15
Korrmotive

Екранот зад воланот има повеќе опции за приказ, вклучувајќи ги и класичните тркалезни „часовници“ како што би виделе во конвенционален автомобил. Има опција и за fullscreen навигација, и за чист екран без обемен број на информации.


Renault Megane E-Tech 16
Korrmotive


Дизајнот на воланот е дефинитивно еден од моите омилени моментално, и има солидни решенија во однос на функциите. Единствено што забележав е дека може да се случи по грешка да ги вклучите бришачите пробувајќи да го смените преносот на трансмисијата. Камерата за возење на назад исто така треба да е малку повисока резолуција.


Renault Megane E-Tech 16
Korrmotive

За квалитетот на изработка имам само пофалби, а истото се однесува на луксузните додатоци. Предните седишта, освен за греење, имаат и функција за масажа. Тука е и секогаш добредојдениот греен волан, адаптивните LED светла, Harman/Kardon озвучувањето, како и дрвените украсни елементи.


Renault Megane E-Tech 18
Korrmotive


Како што би очекувале, безбедносната опрема е исто така многу обемна. Автоматско сопирање со препознавање на пешаци, предупредување за замор, систем за заддржување во коловозната лента и за предупредување доколку се излезе од неа, и звучно предупредување за детектирани пешаци. Големи бонус поени што сите овие системи се нудат на основниот модел.


Возачката позиција има солидни опции за подесување, и напред е сосем просторно за возачот и совозачот. На задната клупа имаше солиден простор за нозете, а подот е целосно рамен, што значи ќе може да собере и петто лице кога тоа е потребно. Понатаму, сосема доволно места за одлагање и криење на вашите предмети, како и логички поставен индукциски полнач за смартфон под инфозабавниот екран.


Доколку сте повисоки од мене (1.80м), ќе мора малку пониско да седнете во седиштето позади. Поради наклонетиот покрив, просторот за глава е малку намален.


Renault Megane E-Tech 19
Korrmotive

Што се случува со багажниот простор? Megane E-Tech нуди 440 литри простор во багажникот, првокласна бројка овозможена од големото меѓуоскино растојание. Има и опции за закачување кеси и дополнителен простор под тепихот. Кога ќе ја преклопите задната клупа, просторот се зголемува на 1.332 литри.


Заклучок


Renault Megane E-Tech 20
Korrmotive

Renault Group експериментира со електрични автомобили повеќе од една деценија. Тоа значи десет години подобрување на формулата и истражување што е тоа што го прави електричниот автомобил компетентен.


Можам со сигурност да кажам дека Renault Megane E-Tech 100% Electric е одличен електричен хеч. Но, клучниот момент е дека е и одличен автомобил, независно од тоа што е електричен. Гордо го носи името Megane, кое брои скоро 30 години успеси.


ОЦЕНА: 8/10


Цена на тестираниот модел: 59.450


За повеќе информации околу моделот, посетете ја официјалната веб страна на Renault Македонија или продажниот салон на Automotive Group во Скопје. Цената на возилото е актуелна од времето на објавување на оваа статија.







© 2024 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page