top of page
Writer's pictureМарко Соколовски

KORRMOTIVE ТЕСТ: Opel Corsa Hybrid



Многу од автомобилите со кои се среќавам на Korrmotive имаат многу грандиозни дизајни, електрични погони, и честопати треба малку објаснување и вовед за што се работи. Тоа не важи за денешниот тест, бидејќи возилото за кое се работи е нешто добро познато за сите нас во Македонија и на Балканот.



Korrmotive ја тестира новата Opel Corsa Hybrid

Opel Corsa Hybrid 1

Korrmotive


Opel Corsa е нешто што на сите нас ни е познато. Големи се шансите дека вие познавате некој кој е или бил сопственик на Corsa некогаш, а можеби и вие самите сте биле. Corsa е многу популарен автомобил како и на нашиот пазар, така и ширум светот. И покрај бумот на SUV и електрични возила, Corsa е и понатаму еден од најпродаваните модели во Европа.


Тековната генерација Corsa е со нас од 2019 година, а минатата 2023 година доби едно темелно освежување. Освен одбраните дизајнерски промени, понудата на погонски системи се збогати со уште еден мотор, односно со уште еден погонски систем: хибрид. 


Opel Corsa Hybrid 2

Korrmotive


Токму таа Corsa Hybrid, како што е и нејзиното официјално име, е субјектот на денешниот тест. Конкретниот тестер е со основниот Edition пакет на опременост, како и металик сребрена боја на каросерија, која промотивно е без доплата.


Ова ми е прв пат на Korrmotive да имам возило од B(Б)-сегментот на тест, и ми се зацврсти мислењето дека малите автомобили не треба да си заминат од европскиот пазар. Aјде да започнеме, како и вообичаено, од дизајнот.



Познат, но освежен дизајн

Opel Corsa Hybrid 4

Korrmotive


Да посветиме малку внимание на новите дизајнерски елементи прво. Се разбира, главната новост е предницата, која сега конечно ја има Vizor маската погоре, што ја доведува во склад со другите модели на брендот. Не очекував дека ќе стои Vizor на Corsa поради помалите димензии, но сепак одлично изгледа. Од страните ги имаме освежените предни светла, кои се стандардно целосно LED.


Opel Corsa Hybrid 20

Korrmotive


Задниот дел трпи посуптилни, но сепак забележливи промени. Задните светла се за нијанса потемни, додека името на моделот е сега испишан на средината на петтата врата, наместо во аголот како што беше претходно. Повисоките пакети на опременост нудат и нови дизајни на фелни, како и нови бои, но ова е Corsa во својата најелементарна форма.



Opel Corsa Hybrid 12

Korrmotive


Да ви кажам искрено? Тоа е убава работа. Многу ми беше освежително да поминам време со автомобил кој изгледа толку нормално и е толку лесно препознатлив. Ми се допаѓаат промените на каросеријата кои се појавија во фејслифтот, и генерално, Corsa можеби не е концепт автомобил, но изгледа сосем пристојно и дизајнот е препознатлив и ефективен.


Преминуваме на она што е најинтересно за конкретнава Corsa.



Хибридниот погон е headline агрегат кај новата Corsa


Opel Corsa Hybrid 22

Korrmotive


Во понудата на мотори кај новата Corsa го има сето она на кое што сме навикнати. Електричната сега има повеќе коњи (156) и може повеќе километри да помине, а што се однесува до бензинските мотори, имаме неколку различни комбинации кај кои почетна точка е истиот 1.2-литарски бензинец. Кај другите изведби на Corsa, овој мотор испорачува од 75 коњски сили па сѐ до 130, и достапни се и рачни и автоматски менувачи.


Сепак, најголем headline кај освежената Corsa е новиот хибриден погонски систем, и погодете што! Токму тој погон го има овој тестер.


Opel Corsa Hybrid 8

Korrmotive


Хибридниот систем започнува со истиот 1.2-литарски бензинец со три цилиндри како и другите изведби, во овој случај и со турбо. Засилување пристигнува во вид на мал електромотор поставен внатре во менувачот, кој е инаку 6-степен автоматик со двојна спојка, и мала батериска кутија од 48V и капацитет нешто помал од 1 kWh.


Вкупниот системски износ е точно 100 коњски сили, и секако, сите тие одат до предните тркала. 


Opel Corsa Hybrid 9

Korrmotive


Ако сето ова звучи познато, ова е верзија од истиот погонски систем кој се појави во Peugeot 3008 кој неоддамна го возев. Единствената разлика е што кај Corsa има 100 коњски сили, а таму има 136 коњски сили. Веќе почнавме да го гледаме овој погонски систем кај други модели на Stellantis, а ова беше моето второ искуство со него.


Кај 3008, овој систем го опишав како адекватен за грото од возачки ситуации. Кај Corsa Hybrid, приказната беше сосема различна. Овој погонски систем не е адекватен… туку е одличен! 100 коњски сили за автомобил од ваков габарит е многу силна бројка, и тоа се чувствува.


Opel Corsa Hybrid 10

Korrmotive


Како се однесуваше Corsa Hybrid? Да започнеме со градски услови, што мислам дека сите ќе се согласиме е домашна територија на вакво возило. Иако овој погонски систем се нарекува mild hybrid официјално, повеќе се однесува како самополнечки хибрид.


Opel Corsa Hybrid 11

Korrmotive


Накратко, откако ќе се стабилизирате на одредена брзина во градски услови, и ако ја држите гаста стабилно, бензинскиот мотор се исклучува и електромоторот ја довршува неговата работа. Доколку дигиталниот приказ на брзината во инструмент таблата се префрли од бела во сина боја, тоа значи дека возите на струја.


Преодот е речиси нечуен, и ова значи дека Corsa Hybrid генерално ќе вози само на струја во градски услови. Секако, доколку сте внимателни со гаста. 


Opel Corsa Hybrid 12

Korrmotive


Што значи сето ова? Веројатно и очекувавте: потрошувачката на гориво растура! Првиот ден кога беше Corsa Hybrid кај мене, со внимателно возење во град и заддржување претежно во Eco режимот на возење, успеав да стигнам до 5.5 и 5.6 литри бензин на 100 км. Ова беше на подолг период, за некои пократки возења системот тврдеше дека просечната потрошувачка ми е дури 4.7 литри. 


Ова значи дека посетите до бензински станици ќе бидат многу ретки со Corsa.


Opel Corsa Hybrid 13

Korrmotive


Но не е само економичноста јака страна на хибридниот систем. Кажав и погоре, 100 коњи во релативно мал автомобил не е мала работа. Во подинамични услови, Corsa Hybrid ме изненади со нејзините способности. Навистина беше забавно возењето, а поради тоа што не е SUV и е понизок и поблиску до тлото, однесувањето во свиоци беше многу безбедно и изненадувачки забавно, а сепак успева да биде удобна кога патот не е баш рамен.


Ентериер од старата гарда

Opel Corsa Hybrid 13

Korrmotive


Ентериерот на Corsa Hybrid е исто така нешто што ретко го гледаме денес. Кога последен пат сте виделе нов автомобил со аналогна инструмент табла? Сепак има мал дисплеј во средината на инструмент таблата на кој можете да ги менувате приказите по ваша желба.


Tука го имате и дигиталниот приказ на брзината, како и приказот за што прави хибридниот систем во даден момент. Екранот за инфозабавниот систем е стандардно 10 инчи, но во случајов се работи поточно за екран за мултимедија. Стандардно добивате и безжично поврзување за смартфон, но ја имате опцијата и за кабел.


Opel Corsa Hybrid 15

Korrmotive


Физички контроли за клима уредот стојат под екранот, и тоа е тоа. Дизајнот, исто како екстериерот, е ненаметлив и едноставен, и многу е лесен за користење, првенствено бидејќи е нешто на кое што сите ние сме навикнати. Сѐ е едноставно, и сѐ е кај што би очекувале. Нема никакви финти или нешто што треба да се научи и да се навикне, и тоа е одлично.


Opel Corsa Hybrid 16

Korrmotive


Ако имам една забелешка, според мене нема потреба околу менувачот и прекинувачот за рачната да има сјајно црна пластика. Би било и супер ако Corsa ги нудеше AGR седиштата кои се достапни во другите модели, но и овие со кои дојде тестерот беа удобни и имаа добра поддршка. Просторот за возачот и совозачот е одличен, и има сосем добро подесување во возачката позиција и за повисоки возачи. 


Opel Corsa Hybrid 17

Korrmotive


Квалитетот на изработка е солиден, германски, и на високо ниво за класата, а има и доста остави за вашите предмети. Оваа пофалба може ќе звучи чудно, но надворешните ретровизори се апсолутно перфектна големина за прегледност и за паркирање, до степен кај што дури би рекол дека не ви треба никаква камера. Сепак, задни паркинг сензори доаѓаат стандардно на Edition пакетот.


Тоа ме потсети; да, ова е основниот пакет на опременост за Corsa, ама богами е доста богато опремен како за основен пакет. Автоматски LED светла, автоматски брисачи, асистенција за заддржување и бегање од коловозната лента, задни паркинг сензори, систем за предупредување и спречување на судар од напред, темпомат, и многу други. Дури има и автоматско затемнување на внатрешниот ретровизор!


Opel Corsa Hybrid 19

Korrmotive


Просторот на задната клупа е задоволителен за класата, иако би сакал да имаше малку повеќе простор за нозете. Багажникот ви нуди 309 литри простор, што е одлично, а секако можете и да ги преклопите задните седишта за да го зголемите просторот.



Corsa Hybrid беше најголемото изненадување годинава

Opel Corsa Hybrid 17

Korrmotive


Како што често кажувам, порано не бев некој голем фан на Opel возила. Досега немав искуство со Corsa, но можам да кажам дека Corsa Hybrid беше најголемото изненадување кое го возев оваа година. Ненормално добра потрошувачка, забавно но и удобно искуство зад воланот, и дизајн од старата гарда што нѐ потсетува дека ваквите автомобили некогаш нудат сѐ што треба на еден купувач, а некогаш и повеќе, без тоа да биде SUV. Да позајмам малку од англиски, Corsa Hybrid е автомобил that just makes sense.


ОЦЕНА: 8.5/10


Opel Corsa Hybrid промотивно започнува од 23.500 евра, додека регуларната започнува од 17.890 евра. За повеќе информации посетете ја официјалната веб страна на Opel Македонија, или пак еден од продажните салони. Цените се точни од времето на објавување.











bottom of page