top of page

KORRMOTIVE ТЕСТ: Opel Astra

Writer's picture: Марко СоколовскиМарко Соколовски

Веќе имаме зборувано за автомобили кои може да се сметаат за цели институции. Автомобили кои одма будат некакви чувства кај луѓето, и кога ќе им се каже името, одма се знае за што станува збор. Токму субјектот на денешниот тест спаѓа во таа категорија, а ова е всушност втор пат да се појави на било што поврзано со Korrmotive.


Ајде да видиме за што се работи.


Korrmotive ја тестира Opel Astra


Opel Astra 1

Korrmotive


Ова е всушност мојата втора средба со Astra. Првиот пат беше пред пар години кога сѐ уште бев познат по моминското Korr и се обидував нешто да правам на YouTube. Квалитетот на тоа видео е за никаде, и не ви препорачувам да го барате.


Astra со која се дружев овој пат беше прилично различна од другата. Претходниот тестер беше со Ultimate опрема, фантастична жолта боја на каросерија, автоматски менувач и дизелски мотор.


Opel Astra 2

Korrmotive


Оваа Astra е со основното Edition ниво на опрема, металик црвена боја на каросерија, мануелен менувач, и основниот бензински мотор. Единственото нешто од дополнителна опрема се греените и делумно електрично подесивите AGR (Германската кампања за здрав грб) седишта, како и греењето на волан.


Opel Astra 3

Korrmotive


Ептен се погоди што добив шанса да ја тестирам оваа изведба на Astra, бидејќи освен горенаведената причина, од тоа што сум видел по скопските улици, ова е токму изведбата на Astra која поголемиот дел од купувачите ја бираат. Ајде да видиме зошто.



Препознатлив и многу впечатлив дизајн


Opel Astra 3

Korrmotive


Уште кога се појавија првите фотографии од Astra L пред неколку години, веднаш ми се допадна дизајнот. Ова беше еден од првите модели на Opel со сосема нов стил и дизајнерски јазик, и беше прилично голем отскок во однос на претходната Astra K. Додека таа беше позаоблена и со понежни линии, тековната е многу поостра и покоцкаста, и тоа ѝ оди во прилог.


Дури и вака со 16-инчните сребрени фелни, и понатаму тврдам дека ова е одличен дизајн. Храбро, препознатливо, но и воздржан до степен каде што не се губи сржта: ова е сепак, на крајот на денот, компактен автомобил од C-сегментот, и еден од најпознатите во светот. 


Opel Astra 5

Korrmotive


Од омилените детали на каросеријата морам да го издвојам вертикалното трето стоп светло, украсните линии на Ц-столбот до задните врати, како и веднаш препознатливите светлосни групи. Кога сме кај тоа, и покрај тоа што ова е основниот модел, тие се сепак целосно LED!


Секоја чест до Риселсхајм, дизајнов е фантастичен.



Докажан трицилиндарски мотор

Opel Astra 6

Korrmotive


Под хаубата на оваа Astra беше миленикот на Stellantis: познатиот и докажаниот 1.2-литарски турбо бензинец со три цилиндри, кој испорачува 110 коњски сили до предните тркала преку 6-степен мануелен менувач.


Достапна е и верзија од истиот мотор со 130 коњски сили, како и автоматски менувач со 8 брзини. Врвот на понудата за Astra, со исклучок на Astra Electric, ја комплетираат двете плаг-ин хибрид изведби. 


Opel Astra 7

Korrmotive


1.6-литарски турбо бензинец со четири цилиндри работи во тандем со електромотор и батериска кутија од 11.3 kWh (нето). Достапна е со 180 или пак 225 коњски сили, и тој со 225 коњски сили е стандардниот погон на performance ориентираната Astra GSe. 


1.2-литарскиот бензинец кој го имаше тестерот сум го возел многу пати, и морам да кажам дека многу ѝ прилега на Astra. 110 коњски сили не е некоја огромна бројка, но за потребите на повеќето купувачи, особено тие што поголемиот дел од возењето го вршат во град, би рекол дека е повеќе од доволно.


Во зависност од степенот на пренос, над 2,000 вртежи во минута настапува турбото и, народски кажано, полетува. Навистина се чувствува побрзо отколку што бројките би навеле да мислите.

Opel Astra 8

Korrmotive


Стотка се случува за сосема доволни 10.5 секунди, додека максималната брзина е 199 км/ч.


Значи, перформансите се топ. Што се случува со потрошувачката? Мал трицилиндрец со 110 коњски сили значи одлични бројки. Во нормални градски услови можете да очекувате нешто измеѓу 6.5 и 7 литри на 100 километри. Слични бројки се постигнуваат и на отворен пат. За малку поголем автомобил и особено за бензинец, тоа е супер!


Ајде доста ве тормозам со бројки, какво е чувството зад воланот на Astra во сите возачки ситуации? Да ви кажам искрено, одлично е. Во градски услови, моторот е многу тивок и рафиниран, седиштата се удобни, и прегледноста е супер. Бидејќи оддамна не сум тестирал автомобил со мануелен менувач, треба и за тоа некој збор: менувачот е многу прецизен, но и лесен за користење, а куплунгот е уште полесен и створен за градско возење. 


Opel Astra 10

Korrmotive


На отворен пат, Astra беше едно пријатно изненадување. Може ќе си кажете дека 110 коњи не е доволно за отворен пат, но би се лажеле. Astra немаше проблем да постигне автопатски брзини во сосем прифатливо време, и не се чувствува како да се мачи на тие брзини. Ниту за оддржување на брзината, ниту пак за зголемување доколку треба да претекнете некој. Освен тоа, звуците и шумовите беа сведени на минимум. Уште еднаш ќе кажам, колку всушност значи кога еден автомобил не е толку висок и е поблиску до земја отколку SUV. 


Динамичното возење исто така ѝ оди на Astra. Стабилно, самоуверено, и прилично интересно не само како за основен модел, туку и општо. Сѐ на сѐ, што и да ѝ побарате на Astra во однос на возењето, нема да ве разочара.



Ентериер со интересна мешавина од познато и ново


Opel Astra 10

Korrmotive


Кога прв пат се појави оваа генерација на Astra, се зборуваше дека ентериерот е прв важен чекор кон иднината за Opel. Pure Panel распоредот на екрани на инструмент таблата доби малку поразличен изглед, нов управувач кој дотогаш го немавме видено на Opel модел, како и сосем нова централна конзола и севкупен изглед.


Opel Astra 12

Korrmotive


Од ергономска гледна точка, нема лоша карактеристика тука. Германците се познати по нивното многу сериозно сфаќање на ергономијата и трудот сѐ да биде стокмено и на лесен дофат, и токму тоа е случајот тука. Сите контроли се лесно достапни и логички распоредени, и ова е можеби тешко да се долови со фотографии и зборови, но воланот е совршена димензија. Нит преголем, нит премал.


Кога сме кај воланот, тој е многу лесен за управување. Бидејќи оваа Astra има мануелен менувач, пофалби имам и за куплунгот и за чувството на самиот менувач кога ги менувате брзините. Одлично средено.


Екраните се многу јасни и лесни за читање, со конфигурабилни прикази и детали, а ми се допаѓа и тоа што Opel инсистира на физички контроли за клима уредот под екранот. Овој модел ги имаше и AGR седиштата (Германската кампања за здрав грб) и јасно е зошто таа кампања ги одобрила овие седишта: многу удобни, многу добар облик кој е добар за грбот, и имаат сосем доволно поддршка.


Opel Astra 13

Korrmotive


Од забелешки имам само некоја ситница. Ентериеров има доста многу сјајно црни површини кои обожуваат прашина и отисоци. Како што гледаме од новиот Grandland, Opel речиси целосно ја исфрла пијано пластиката, така да тоа сигурно можеме да го очекуваме и во Astra во скоро време.


Друга мала забелешка е дека јасно се гледа дека овој ентериер е примарно замислен и дизајниран околу нископрофилен автоматски менувач. Мануелниот зафаќа доста простор во средината, бидете внимателни што ќе ставите во оставата веднаш позади него.


Opel Astra 15

Korrmotive


Кога сме кај тие остави, ги има многу во ентериеров, така да нема да ви биде проблем да најдете место за сите ваши предмети. Задната клупа е доста просторна и за повисоки луѓе, а гепекот е меѓу најпросторните во класата со 422 литри, односно 1.339 литри со задната клупа преклопена. Ако тоа сѐуште не е доволно, Astra е достапна и во Sports Tourer караван изведба.




Astra е доказ дека хечбекот не треба да го заборавиме


Opel Astra 19

Korrmotive


Знаеме сите дека доминираат SUV моделите во денешницава. За среќа, Европа сѐуште не ги запоставила компактните хечбек автомобили, и покрај тоа што SUV е на врвот на популарноста, понекогаш хечбек од C(Ц)-сегментот е сѐ што треба и повеќе. Уште првиот пат кога ја возев Astra знаев дека е еден од најсилните конкуренти во сегментов, и тоа се докажа уште еднаш, но сега и со дополнителниот шарм на основен модел со мануелен менувач.


ОЦЕНА: 8.5/10


Промотивната цена на тестираниот модел изнесува 23.900 евра, а инаку почетната е 25.370 евра. За повеќе информации посетете ја официјалната страна на Opel Македонија или пак продажниот салон на Еуроимпекс. Цените се точни од времето на објавување.



 








© 2024 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page