top of page

KORRMOTIVE ТЕСТ: Lynk & Co 01

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Apr 4
  • 7 min read

Да ве прашам нешто. Што би се случило на пола пат од Шведска до Кина? Сигурно сега ги будите знаењата по географија од школо, ама што се случува во автомобилски контекст? Сега ќе ви кажам.


Пред неколку години, Geely и Volvo решија да креираат еден заеднички автомобилски бренд, Lynk & Co. Првично овој бренд беше достапен во одбрани европски земји со еден поразличен бизнис модел.


Сега почна да се проширува и на Балканот, каде што Geely почна да напаѓа минатата година. Дали има иднина за овој многу млад бренд на овие простори познати по својата одбивност кон новото и непознатото? Да видиме…


Korrmotive го тестира Lynk & Co 01

Lynk & Co 01 1

Korrmotive


Пред некое време на тест кај Korrmotive пристигна Lynk & Co 01, во многу симпатична темносина боја. Не го заборавив нивото на опременост, моментално има само едно кое има многу опрема.


Знам дека сега многу од вас ќе избрзате и ќе кажете дека ова е кинеска кола, но тоа не е баш така. Да, Lynk & Co 01 се произведува во Кина, но компанијата е со седиште во Гетеборг во Шведска, во истиот град каде што е стациониран Volvo. 


Lynk & Co 01 2

Korrmotive


Со оглед на тоа дека Volvo модели со години се прават во Кина, мислам дека е во ред да кажеме дека ова е шведски автомобил. Сепак, симболиката пола пат од Кина до Шведска и понатаму важи.


Уште на прв поглед се гледа дека Lynk & Co 01 се труди да се истакне во однос на дизајн. Успешна работа, да ви кажам право. Мислам дека одма ги забележавте сините детали на кровните шини, на предницата, и особено на краците на фелните. Многу интересен детаљ кој совршено одговара со темносината каросериска боја. 


Lynk & Co 01 3

Korrmotive


Од напред гледаме дека се испочитувал трендот на светла наопаку, но многу ми се допадна како е целата работа смислена тука. Дневните светла на хаубата се нарекуваат Aurora светла, и многу се прегледни од возачкото седиште. Освен што се корисни, изгледаат многу интересно. 


Lynk & Co 01 4

Korrmotive


Многу ми се допаднаа фелните, и не само светлосините детали. Иако се 20-инчни, што можеби вака на збор се чини големо, сосема добро му одговараат. Задните светла се исто многу уникатни, и иако не е целосен light bar, пак се лесно препознатливи, не би ги помешале со нешто друго. 


Lynk & Co 01 5

Korrmotive


Сѐ на сѐ, дизајнот на Lynk & Co 01 е ептен на место. Апсолутно се истакнува во овој сегмент преполн со конкуренција, и иако е тешко да се погоди дизајн на кросовер, дизајнерите на Lynk & Co дефинитивно успеале. Достапни се и други монохроматски бои, ама според мене би било грешка ако не е сина.


Океј, први впечатоци вака на изглед супер. Што е тоа што го движи Lynk & Co 01?



Ефикасен и балансиран плаг-ин хибрид


Lynk & Co 01 6

Korrmotive


Иако на други пазари 01 беше достапен и во други варијанти, во овој дел од светот е исклучиво плаг-ин хибрид, односно PHEV. Бензинскиот мотор е 1.5 со три цилиндри и турбо, познат под името TD.


Lynk & Co 01 7

Korrmotive


Моторот сам по себе има 180 коњи, но е спарен со електромотор со 81 коњи и батериски ансамбл од 17.6 kWh. Според WLTP, може да помине 75 километри исклучиво на струја, додека потрошувачката е само 1.2 литри бензин на 100 км. Ова се доста импресивни бројки, а како е сето тоа во пракса?


Lynk & Co 01 8

Korrmotive


Зависи од тоа како го возите 01. Има три режими на возење, Pure, Hybrid и Power. Во Pure возите исклучиво на струја, во Hybrid двата делови од погонот работат наизменично на најефикасен начин, додека Power го вклучува бензинскиот мотор на стално за да извлечете сѐ од вкупните 261 коњи.


Интересно дека електромоторот нема peak моќност а испорачува само дел од тоа, туку математиката е поедноставна: 180 коњи од бензинецот и 81 коњи од е-моторот даваат 261.


Lynk & Co 01 9

Korrmotive


Ајде да почнеме со Pure режимот, а со тоа и со градската вожња. Одма приметив дека Lynk & Co 01 не се однесува како типичен електричен автомобил во овој режим. Да, возите на струја и имате добра респонзивност, но не е инстантна, лепење-во-седиште како што би било вообичаено. 


Системот е калибриран за луѓе навикнати на класични бензински и дизелски мотори, и се однесува речиси исто како класичен бензинец или дизел, само нема звук. Сепак, забрзувањето е полинеарно, како што и е на електрични возила во секој случај. 


Lynk & Co 01 10

Korrmotive


Hybrid режимот е тоа што го викаме златна средина. Бензинскиот мотор влегува во игра доколку е потребно, но ако возите внимателно и користите регенеративно кочење, кое што секако го има тука, нема да има многу возење на бензин. Претпоставувам дека сега си викате „Нема шанси ова да троши 1.2 литри.“ Всушност, апсолутно има шанси. Со штедливо возење, можете да ја постигнете таа бројка.


Ако сте заборавиле да го наполните 01 преку ноќ или по пат, не е проблем. Во инфозабавниот систем може да се активираат опции за штедење на батеријата, како и бензинецот да биде генератор за да ја полни. Го испробав ова, и многу е ефективно, иако потрошувачката на бензин се качува малку.


Lynk & Co 01 11

Korrmotive


Тоа е нормално, бидејќи во генераторски режим бензинецот работи цело време. Дури и да не возите како да е плаг-ин хибрид, потрошувачката е сепак околу 6 литри на 100 км, што е супер. 


Да не заборавам, Lynk & Co 01 ги вози исклучиво предните тркала. На други пазари е достапен 4х4, но тука не. Единствената опција за трансмисија е 7-степен DCT автоматик.


Lynk & Co 01 12

Korrmotive


На отворен пат приказната е исто така супер. 261 коњи не е мала бројка, и иако Lynk & Co 01 не е баш пердув во однос на тежината, немаше никаков проблем да качи брзина и да се стабилизира на 120 км/ч.


Има сосема доволно сила за претекнување, и бучавата од ветер и останати надворешни сили скоро и да ја немаше. Звучната изолација е навистина супер, и немаше до толку бучава од патот, и покрај тоа што нашите патишта се за никаде.


Lynk & Co 01 13

Korrmotive


Морам многу да ја пофалам удобноста. Седиштата се одлични, со многу поддршка и сѐ што треба, но амортизацијата особено пријатно ме изненади. Да ве потсетам дека овој модел има 20-инчни тркала. Исто како да ги нема, лежечки полицајци нема да ви го упропастат денот тука.


Што се случува при динамично возење? Искрено, за возило од оваа тежина, висина, и калибрација, сосема во ред. Не е спортски автомобил, и покрај тоа што има опција за ESC да биде во Sport режим. 


Има малку навалување, но не се чувствува небезбедно. Има доста моќ за да ве извади од кривини, што беше многу интересно. Да ви кажам искрено, кога имаше многу кривини, мене ми беше поинтересно да го возам исклучиво на струја поради таа линеарна респонзивност. Како и да е, сѐ додека очекувањата ви се ускладени, Lynk & Co 01 добро си вршеше работа и при динамично возење.



Некој стварно се потрудил со ентериеров


Lynk & Co 01 14

Korrmotive


Нема врска кинески или шведски, ова е еден од најдобрите ентериери во кои имам седнато оваа година. Се гледа одма дека Lynk & Co се позиционира како премиум бренд, и во однос на квалитет, и во однос на технологија и опрема. 


Прво што многу ми се допадна се дефинитивно седиштата. Иако не се кожни, синиот рециклиран полиестер во комбинација со сини шевови изгледа супер. Седиштава се и многу удобни, а секако, имаат и греење и возачкото има електрично подесување со меморија.


Lynk & Co 01 15

Korrmotive


Каде и да допрете или видите тука, има чувство на квалитет и внимание кон деталите. Скоро сѐ што видов и фатив беше мек на допир материјал, а и квалитетот на изработка е многу солиден и на многу висок стандард.


Што би бил еден модерен премиум кросовер без еден куп технологија? Голем екран за инструментите и инфозабавниот систем, сѐ што ќе ви текне од безбедносни системи и повеќе, и некои пријатни изненадувања како Harman Infinity озвучувањето кое гарантира дека сите ќе ви ја чујат музиката, а вие ќе уживате во неа уште толку.


Lynk & Co 01 16

Korrmotive


Ако сакате повеќе да ја слушаат музиката од надвор, панорамскиот сончев кров е тука. Тука е добро време да спомнам дека сето ова доаѓа стандардно на 01.


Како стои ергономијата? Солидно. Подесувањето на возачката позиција е супер, а инфозабавниот екран е доста респонзивен, има пријатна графика и висока резолуција, и има еден куп функции кои што можеби ќе ве изненадат (интернет browser, на пример).



Lynk & Co 01 17

Korrmotive


Бидејќи Lynk & Co 01 е во старт наменет и за европските пазари, Apple CarPlay и Android Auto доаѓаат стандардно и можат да функционираат без разноразни апликации, само би препорачал кабел за најстабилна конекција.


Ми се допадна и вклучувањето на по некоја физичка контрола за клима уредот под екранот, а исто паметна идеја е home копче за враќање на почетокот доколку сте во некое мени, како на смартфони од пред неколку години. А да, и бонус поени за амбиенталното осветлување, кое може да свети во буквално која било боја сакате. (до графичките дизајнери, тука настапува вашето знаење за hex вредности на бои)


Lynk & Co 01 18

Korrmotive


Екранот позади воланот е исто така многу подесив, има неколку различни теми и изгледи, и покажува и повеќе од доволно информации. Контролите на воланот имаат многу смисла, и ми се допаѓа што имате избор помеѓу touch команди или пак класични копчиња. Има и доста места за одлагање на вашите предмети.


Lynk & Co 01 19

Korrmotive


Сѐ на сѐ, ентериер навистина на место, без никакви огромни забелешки. Едино би сакал барем уште две-три копчиња за климата, но ми се допадна што тркалцето за температура свети во разни бои во зависност од каде го вртите, и можете да видите во инструмент таблата на која температура е подесено.


На задната клупа има сосем доволно простор за возрасни, иако седиштата се доста ниско поставени. Ова го приметив само бидејќи седам доста високо кога возам, но не е нешто што смета. Багажникот нуди 466 литри капацитет, и си има посебен дел под тепихот за кабелот за полнење. Отворот на петтата врата не е некоја чудна форма, што значи дека нема да е проблем да внесете и повисоки предмети, а нормално, задната клупа се спушта доколку ви треба повеќе простор.



Lynk & Co 01 е многу силен почеток за нов бренд


Lynk & Co 01 20

Korrmotive


Кога се работи за нов автомобилски бренд на било кој пазар, првите впечатоци се клучни. Ова сум сигурен дека го знаете, но вистина е. Ако првиот производ или првата тура производи не остават добар впечаток, тоа може да доведе до лош крај.


Во овој случај, можам да кажам дека тоа апсолутно не е случајот со Lynk & Co 01. Баш напротив. Ова е добра лекција за сите како се пробива во нов пазар: со изузетно силен производ. Досега најпријатното изненадување оваа година. Секоја чест!



ОЦЕНА: 9 / 10


Промотивната цена на Lynk & Co 01 изнесува 39.990 евра. За повеќе информации, посетете ја официјалната веб страна на Lynk & Co, или пак продажниот салон кај Скопскиот стадион. Цените се точни од времето на објавување.








© 2024 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page