top of page

KORRMOTIVE ТЕСТ: Geely Starray

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Mar 14
  • 5 min read

Како што имаше во книгите од основно, да се потсетиме: на почетокот на минатата година во Македонија ни пристигна Geely, еден од водечките кинески брендови кој за многу кратко време доживеа импресивен успех кај нас. Минатото лето на официјалната промоција го видовме Starray, кој е засега знаменосецот на Geely.


Сега, конечно дојде време да се испроба Starray да видиме за што точно се работи. Дали ги има правите состојки да го раздрма изузетно популарниот C-SUV сегмент? Ајде да видиме!


Korrmotive го тестира Geely Starray


Geely Starray 1

Korrmotive


Неоддамна кај Korrmotive на тест пристигна Geely Starray, во т.н титан сребрена боја и GK пакетот на опременост, односно скоро фул опрема. Можеби се сеќавате, минатата пролет го тестирав Geely Atlas Pro, кој ме бендиса ептен. Starray е де факто замена за Atlas Pro во понудата на Geely, и моментално ова е знаменосецот во понудата.


Ќе почнеме со дизајнот. Starray е доста голем контраст од Atlas Pro уште на прв поглед. Додека Atlas Pro беше доста резервиран и покласичен, Starray ја појачува храброста и наметливоста на макс. Многу остри линии, и многу впечатливи детали кои јасно кажуваат дека ова е Geely.


Geely Starray 2

Korrmotive


Напред, дизајнот е сосема нов. Претходно Geely не практикуваа трендовски превртени фарови, и кај Coolray тие се сеуште во, да кажам, правиот редослед. Кај Starray веќе имаме превртени фарови, а дневните светла започнуваат од линијата на хаубата и одат надолу вертикално низ скоро целата предна маска. Самата предна маска е исто многу остра и многу впечатлива.


Од страна, украсната пластика над тркалата е малку поостра, а има карактерни линии колку сакаш. Позади, имаме вертикални штопови кои одат од врвот на петта врата па сѐ до средина. Mалку и потсеќа на првата генерација на Ford Focus, што воопшто не е лоша работа.


Geely Starray 3

Korrmotive


Според мене, најдобрата комбинација за Starray е виолетовата боја и 20-инчните фелни, која ја гледаме по некои од промотивните материјали. Дури и вака во посуптилно издание, Starray е еден навистина интересен и невообичаен дизајн. Рецимо ако го видите во темница навечер и не можете одма да приметите за што се работи, како што мене ми се случи пред пар дена, ќе се запрашате „Еј, што е ова, бе?“ во позитивна смисла. И денски, богами, нема да го промашите. 


А што го движи Starray?


Проверено добар бензинец


Geely Starray 4

Korrmotive


Geely Starray во Македонија е достапен со само еден мотор (од време на објавување). Под хауба имаме 1.5 турбо бензинец со четири цилиндри и 174 коњи.


Овој мотор може да се комбинира исклучиво со преден погон, а силата стига до тркалата преку 7-степен DCT автоматик. Во текот на годината ќе се придружи и 2.0 бензинец со 238 коњи и регуларен 8-степен автоматик, како и погон на сите четири.


Овој мотор веќе го имам испробано во Coolray, каде што ми се допадна ептен. Истото важи и за Starray, овој мотор ептен си ја врши работата и тука. Ајде да видиме што тоа точно значи.


Geely Starray 5

Korrmotive


Во град, Starray си брка работа. Моторот е тивок, мирен, и нема проблеми со развивање брзина. Имаше многу минимално двоумење од менувачот и auto hold системот при тргање од семафори, но ништо интрусивно или страшно. Бензинец е права работа за во град, и Starray е еден од многуте примери за тоа.


Пријатно ме изненади и амортизацијата, со оглед на тоа дека е на 19“ фелни и дека гумите немаат баш највисок профил. Starray е доста големо и доста високо возило, но тука се камерите и сензорите да помогнат при паркирање и маневрирање. 


Geely Starray 6

Korrmotive



На автопат, моторот има сосем доволно снага да развие брзина, да ви даде можност за претекнување итн. На автопат исто го испробав G Pilot системот, кој сам ја следи лентата без разлика на тоа како се искривува патот.


Секако, во нормални граници, и треба по малку да се држи воланот за да се осигура системот дека не пишувате пораки или така нешто, но сепак, многу корисен и ефективен систем. 



Geely Starray 7

Korrmotive


Имаше малку бучава од патот, но тоа го окривувам главно на зимските гуми и на тоа што нашите патишта, како што знаете, се за никаде. Минимален звук и од ветерот, но Starray има доста големи прозори и надворешни ретровизори.


Освен тоа, искуството на автопат беше супер. Ако планирате да носите многу луѓе и многу багаж редовно, мислам дека можеби вреди да се почека за варијантата со 238 коњи и 4х4. 


Geely Starray 8

Korrmotive


Во кривини, Starray се покажа добро за еден висок SUV наменет за удобност првенствено. Имаше малку навалување, но тоа е нормално, сепак е голем SUV. Управувањето беше доста директно и прецизно, и седиштата имаат доста поддршка. Ако си ги наштелувате очекувањата, Starray ќе заврши работа и во кривини.


Сѐ на сѐ? Искуството зад воланот на Starray беше сосем добро.



Минимализмот и дизајнот владеат во внатрешноста


Geely Starray 9

Korrmotive


Претходниот Atlas Pro имаше доста конвенционален ентериер, цврсто во нормалните стандарди за дизајн и ергономија на ентериер. Во Starray, приказната е сосема различна. 


Средината на ентериерот е скоро целосно зафатена од вертикалниот екран за 13.2-инчниот инфозабавен систем, и има еден приметлив недостаток на физички копчиња. Ќе се вратиме на тоа. Самата централно конзола е лебдечка, нормално, а богами и многу ме бендиса амбиенталното осветлување.


Geely Starray 10

Korrmotive


Обично е цела една непрекината линија, но тука беа неколку индивидуални вертикални линии, од возачка врата па сѐ до совозачка преку контролната табла. Добра финта. 


Квалитетот на изработка беше доста добар. Имаше за нијанса потврди пластики на некои недофатни места, но сѐ што ви е во непосредна близина е квалитетно, цврсто, и користи квалитетни материјали.


Седиштата многу ме бендисаа, со двобоен тапацир и со доста добра латерална поддршка. Секако, имаат и греење. Воланот е убава големина и неговиот тапацир е доста мек, така да околу ергономиајта немам лош збор да кажам.


Geely Starray 11

Korrmotive


Една ситна забелешка е дека ретровизорите се подесуваат преку копчињата на десниот крак на воланот, со тоа што мора прво да пристапите до опцијата преку инфозабавниот систем. На вратите има сосем доволно простор за еден класичен џојстик, ова малку чудно ми беше. 


Исто можеби треба уште две-три физички контроли, како и Apple CarPlay да не го зафаќа целиот екран за да може брзо да пристапиме до фабричкиот систем за подесување на клима и слични работи.


Geely Starray 12

Korrmotive


Генерално, сѐ друго си беше на место. Многу ме бендиса и панорамскиот сончев кров кој доаѓа стандардно на овој пакет на опременост. Ентериерот изобилува и со USB приклучоци, ниту вие ниту вашите патници ќе останат без батерија.

 

Задната клупа има повеќе од доволно простор, со тоа што патниците ќе седат за нијанса пониско. Гепекот нуди одлични 650 литри простор, кои стануваат 1.610 литри со преклопување на задната клупа. Подот на гепекот со спуштени седишта е скоро целосно рамен, значи нема проблем да бутнете некој поголем предмет малку поназад. Овој модел, за жал, немаше автоматско отварање на гепекот.


Geely Starray добро ја носи титулата знаменосец

Geely Starray 13

Korrmotive


Да резимираме народе. Моето време со Geely Starray беше доста пријатно. Во однос на тоа што добивате за сумата која ја плаќате, ова е еден стварно солиден SUV пакет. Geely веќе има голем успех на нашиов пазар, и воопшто не се сомневам дека тоа ќе се продолжи и понатаму со Starray. Само сега изузетно ме интересира каков ќе биде моделот со 238 коњи и 4х4…


Well done!



ОЦЕНА: 8 / 10


Редовната цена на Geely Starray изнесува 35.990 евра, но со акцискиот попуст од 1.000 евра се симнува на 34.990 евра. Вклучувајќи ја сребрената боја и акцискиот попуст, цената на тестираниот модел е 35.690 евра. За повеќе информации, посетете ја официјалната веб страна на Geely Македонија или пак продажниот салон во Скопје.


Цените се точни од времето на објавуање.










© 2024 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page