Citroen го претстави C5 Aircross Concept
- Марко Соколовски
- Oct 14, 2024
- 2 min read
Знаменосецот на SUV гамата на Citroen, C5 Aircross, е со нас веќе од 2018 година. Со оглед на тоа дека во последно време Citroen поминува низ една голема револуција, очигледно е дека му дојде ред и на C5 Aircross да се измени до темел.
Сега отприлика знаеме и како тоа всушност ќе изгледа кога ќе дојде време.
Ова е Citroen C5 Aircross Concept

Citroen
Погледнете го дизајнов, луѓе! Освен што се присутни новите дизајнерски елементи кои полека ги гледаме во другите модели на Citroen, како што е предницата со светла во форма на C, острите агли и наметливите детали на новиот C5 Aircross Concept придонесуваат за еден SUV со многу авторитет. Само пофалби и за зеленава боја!

Citroen
На задниот дел се забележува и другиот препознатлив знак од новата дизајнерска насока, задните светла со три посебни сегменти. На концептов виреат надвор од каросериските панели, што изгледа многу јако, но не верувам дека тоа ќе стигне до серискиот модел. Од оваа фотографија можеме да ги видиме кваките кои се сега скриени во вратите, нешто што почнаа сѐ повеќе регуларни автомобили да го практикуваат. Новиот C5 Aircross добива 15cm во должината во однос на тековниот модел, за вкупна должина од 4.65m.
Кога сме кај тоа, да, ова е технички концепт автомобил, но е речиси спремен за сериско производство. Со исклучок на некои ситници, претпоставувам дека ова е многу блиску до серискиот C5 Aircross кој ќе го видиме наскоро. Само се надевам дека зелената боја и фелните без краци ќе преживеат во преодот до сериски модел.

Citroen
Headline податок за новиот C5 Aircross е тоа што е поставен на новата STLA Medium платформа на која веќе се поставени одбрани модели на Stellantis како што е Peugeot 3008.
Ова ќе овозможи, меѓу другото, мултиенергетска понуда на агрегати. Електричен погон е сигурно една од нив, но има големи шанси да видиме и плаг-ин хибрид како и лајт хибрид систем на C5 Aircross. Постои шанса да има и чист мотор на внатрешно согорување, барем според соопштението на Citroen:
Новиот C5 Aircross го обележува првиот пат Citroen да ја користи STLA Medium платформата, што овозможува мултиенергетски автомобил (внатрешно согорување, хибрид, и електричен) што се адаптира на широк спектар од потреби и барања на купувачот.
-Извадок од соопштението за C5 Aircross Concept

Citroen
Моментално нема фотографии од ентериерот на C5 Aircross, но Citroen ветува дека е дизајниран да биде како дневна соба, односно lounge, со посебен акцент ставен на комфор и простор.
Повеќе информации, како и серискиот модел, ќе бидат откриени во 2025 година. Засега, ова изгледа одлично.
Извор: Stellantis Media