Се сеќавате на Volkswagen XL1? Ултра ефикасниот суперавтомобил на Volkswagen направен од карбон со исклучително аеродинамична силуета? Неговата мисија продолжува со најновиот концепт автомобил на VW.
Да видиме…

И покрај тоа што сега додава задни седишта, јасно е дека Mission Efficiency е тука за да го продолжи наследството на XL1. Генетика си е генетика. Додека XL1 беше плаг-ин хибрид со мал дизел мотор со два цилиндри, Mission Efficiency е, секако, целосно електричен концепт. Силуетата во вид на солза, покриените задни тркала, мазната предница, сето тоа придонесува коефициентот на отпор на воздух на Mission Efficiency да изнесува Cd 0.158. Како за споредба, коефициентот на отпор на XL1 беше 0.189.

Иако Mission Efficiency е концепт, сепак е базиран на технологија и архитектура која веќе ја има во сериско производство, т.е MEB+ платформата која ја дели со ID.Polo и ID.Cross. Всушност, според Volkswagen, ID.Polo бил темелот за овој концепт. Други интересни моменти се фотоволтаикот на кровот и на гепекот со максимална моќност од 370W, и ги снабдува сите електронски системи во Mission Efficiency. Задната осовина е потесна од онаа на ID.Polo, за да се оствари формата на солза полесно.

Инаку, електромоторот има 135 коњи и батеријата има 54.9 kWh. 0-100 е за 9 секунди, максималната брзина е 160 км/ч, а за време на рекордното возење, Mission Efficiency постигна ефикасност од 6.89 kWh/100km (без загуби од полнење). Како за споредба, Skoda Enyaq, последното нешто што го возев на MEB платформата, постигна околу 13.5 kWh/100km.

За разлика од XL1, кој беше стриктно двосед, Mission Efficiency e 2+2, со две помали седишта позади. Ентериерот ми е исто многу интересен; освен шарените бои, контролната табла е како комбинација од таа на ID.Polo и таа на оригиналниот XL1. Засега не знаеме дали Mission Efficiency се планира за сериско производство, иако самиот концепт е хомологиран за на пат и рекордите ги постави во реални услови. Во секој случај, некои од овие идеи сигурно ќе ги видиме на други модели базирани на MEB. Ако влезе во сериско производство, тоа би било многу интересно.
