Toyota Yaris Cross е со нас веќе неколку години, и во принцип е една многу добра идеја; кросовер варијанта на еден исклучително зрел, ефикасен и практичен мал автомобил, кој воедно е фаворит на многу глобални пазари повеќе од 25 години.
Сега дојде време за уште едно освежување на Yaris Cross, и за доста кратко време пристигна кај нас.
Да видиме.

Во салонот на Toyota во Скопје пристигна освежениот Yaris Cross, а конкретниов кој го гледате на сликите е со основното Light ниво на опрема, но ги имаше кровните носачи, еден од многуте достапни аксесоари од каталогот на Toyota.
Секако, најголемата новост е предницата; самата површина е поголема, и нов момент се шестоаголните форми, кои го доведуваат Yaris Cross во склад со своите поголеми браќа Corolla Cross и RAV4.

Инаку, другото е генерално исто. Yaris Cross отсекогаш ми бил симпатичен дизајн, особено поради изненадувачки големото растојание од тлото. На задниот дел е релативно исто како претходно, а истото важи и за внатрешноста. Дигиталната инструмент табла сега доаѓа стандардно, и имате неколку опции за инфозабавниот систем во зависност од опремата.

Кога сме кај тоа, Yaris Cross е достапен со пет нивоа на опрема и три различни погонски комбинации. Како и поголемиот дел од понудата на Toyota, достапни се исклучиво хибридни погони. Сите користат 1.5 бензинец со три цилиндри, со вкупен износ од 116 или пак 130 коњи, а варијантата со 130 коњи е достапна и со погон на сите четири тркала. Како што би очекувале, секој од нив доаѓа со CVT автоматик.
Наскоро би требало да дојде и на тест, па ќе видиме со што друго има да се пофали.
Почетната цена за Yaris Cross изнесува 25.999 евра.
Цената е точна од времето на објавување. За повеќе инфо, посетете ја официјалната веб страна на Toyota Македонија.
