Долго време се спремаше, видовме и концепт модел кој го најави неговото доаѓање, а сега конечно дојде време Skoda да влезе во рингот на електрични SUV модели со седум седишта.

После Epiq, Peaq е вториот модел во понудата на Skoda кој го носи долго најавуваниот Modern Solid дизајнерски јазик, и како што наведува и неговото име, ова е врвот на понудата на чешкиот бренд. Ќе се натпреварува во растечкиот, но сепак сеуште мал (барем во Европа) сегмент на големи електрични SUV модели со седум седишта.

Вака на прв поглед, дизајнов ми е доста поразличен, и би сакал да го видам во живо пред да донесувам понатамшни заклучоци. Сепак, вака на фотографииве изгледа добро, особено во сината боја на Sportline моделот. Само ми е малку криво што Sportline фотомоделот (синиот) не го опремиле со уникатни фелни.

Peaq е базиран на обновената МЕВ+ платформа, и достапни се три изведби; Peaq 60 и Peaq 90, како и Peaq 90x со погон на сите четири тркала – другите изведби се со заден погон. Како што би очекувале, батериите се доста големи; 59 kWh и 86 kWh нето капацитет. Со малата батерија имате 204 коњи и досег на струја до 450 километри, со големата батерија и заден погон има 285 коњи и до 640 километри досег, додека 90x со погон на сите четири тркала има 299 коњи и до 610 километри досег на струја.

Со DC полнење, Peaq 90 може да стигне од 10% до 80% за 28 минути, додека Peaq 60 стига до истиот процент една минута побрзо. Ќе се нуди и двонасочно полнење, конкретно vehicle-to-load и vehicle-to-home, што значи дека освен што ќе можете да снабдите со струја електрични и електронски уреди, ќе можете да го снабдите со струја и вашиот дом доколку има некаков проблем.

Во понудата ќе биде достапна и грејна пумпа, а со тоа и претподготовка за батериите. Како и сите други MEB електрични возила, задните кочници се барабани, бидејќи регенеративното кочење е сосема доволно за секојдневна употреба. Стандардно доаѓа и возење со една педала, а на Sportline ќе може да се подеси регенеративното кочење со лопатките кај воланот.

Кога сме кај воланот, ентериерот на Peaq има доста промени во однос на досегашните ентериери на Skoda. Самиот волан е многу сличен како досега, но можеби забележвате дека инфозабавниот систем е вертикално поставен – а и не мора да биде. Skoda позајмија финта од кинеските производители; екранот може да се ротира да биде вертикален или хоризонтален. Освен тоа, има неколку физички контроли, меѓу кои и најважните за климата.
Малку ми е криво дека нема Smart Dials за тие контроли, и сѐ повеќе мислам дека тоа ќе остане ексклузивна финта за Superb и Kodiaq, но сепак, Skoda не заборавиле на ергономијата. Малиот екран кој досега го гледавме кај MEB возила за инструментите е заменет со поголем и попрегледен екран. Има многу USB-C приклучоци за полнење сѐ што треба, а ќе има опција и за 230V приклучок за струја (штекер, како што викаме) во багажникот, каде што би можеле да си приклучите фрижидерче или нешто слично.

Ќе има и неколку интересни опции, меѓу кои Sonos озвучување со 16 звучници и 755W моќност, како и Lounge пакет за релаксација. Освен багажникот кој нуди 935 литри капацитет (со спуштање на третиот ред), најголемата бројка кај Skoda модел досега, има и мал багажник под капакот напред со 37 литри капацитет, каде што можете да ги чувате каблите за полнење.

Од безбедносна опрема има сѐ што ви текнува и не ви текнува, како Travel Assist 3.0, надградена верзија на адаптивен темпомат кој може да препознава и семафори.
Засега нема инфо колку би чинел Skoda Peaq и кога би пристигнал кај нас, но вака на прв поглед се чини многу импресивно, и мислам дека ќе биде добра зделка за оние кои бараат ваков тип на возило. Сепак, Skoda отсекогаш биле вешти во таа работа.