Прилично долго време се шушкаше дека брендот SEAT ќе се пензионира, и на негово место во портфолиото ќе дојде Cupra. Сепак, од Volkswagen групацијата афирмираа дека тоа не е случајот, и штотуку ги претставија доказите за тоа.
Да видиме…

SEAT ги претставија освежените Ibiza и Arona, двата најмали модели на брендот. Како потсетување, Ibiza е типичен мал хечбек од B-сегментот, додека Arona е во истиот сегмент и е отприлика иста големина, само што е кросовер.

Одма се забележуваат промените на предницата. Маската е малку поразлична, а имаме и сосем нов дизајн на светла со сосем нов потпис. Од страна главните промени се новите дизајни на фелни, и иако не сум обично по двобојните фелни, морам да признаам дизајнов на црвенава Ibiza ми се допаѓа. Задниот дел е речиси ист, со исклучок на малку поразличните задни светла, а имаме и неколку нови бои.

Ентериерите немаат огромни промени, и луѓе, тоа е добро. Физички контроли колку сакаш, мал но стокмен инфозабавен систем, а ветуваат и подобрување на материјалите. Сега е достапен безжичен полнач за мобилен со ладење (за да не ви прегрее телефонот), како и SEAT Sound озвучување со шест звучници.

Понудата на мотори е генерално иста како до сега. 1.0 TSI со 95 коњи и 5-степен рачен, 1.0 TSI со 115 коњи со 6-степен рачен или 7-степен DSG, и на крај, 1.5 TSI (единствениот со четири цилиндри) со 150 коњи и исклучиво 7-степен DSG. Kaj Ibiza ќе има и 1.0 MPI со 80 коњи и 5-степен рачен, мотор кој сум сигурен дека ќе биде верен пријател на флотните клиенти.

Освежените Ibiza и Arona официјално почнуваат со продажба во јануари 2026. Засега нема инфо кога би стигнале кај нас или кои би биле цените. Од SEAT исто ветуваат лајт хибрид верзии од овие два модели во 2027, како и самополнечки хибрид (веројатно оној што прво ќе го видиме кај VW T-Roc) кај Leon во 2028.

Ако мене ме прашувате, овие два модели доаѓаат во право време. Некако многу се искомплицираа работите со тоа каде оди индустријата и какви модели се појавуваат, ни прифалија на сите вакви мали, достапни и поедноставни модели. Искрено, едвај чекам да ги возам.