Мислам дека многумина ќе се сложиме дека Renault игра многу паметно со електрификацијата. Немаат огромни електрични SUV со не-баш-идеална ефикасност, туку веднаш распознаа дека пазарот бара мали, практични, но и просторни електрични возила со многу харизматични дизајни.
Фокусот досега беше на триото ретро ЕВ, 5 E-Tech, 4 E-Tech и Twingo E-Tech, а сега дојде време за освежување за еден постар, но познат електричен модел на Renault.

Добро изгледа, нели? Отсекогаш ми се допаѓал дизајнот на Megane E-Tech, од пропорциите до конкретните дизајнерски елементи, и можам да кажам дека Renault одлично си ја завршиле работата со фејслифтов.
Дијамантите (или баклавите, како сакате) доминираат во некои од деталите, како сосем новата предна маска. Имаме нов дизајн на светла, и наместо непрекинатите дневни светла кои се спуштаат надолу во браникот, имаме дизајн инспириран од тркачко знаме за дневните светла, барем на Esprit Alpine моделот кој го гледате на сликиве.

И да, секако, Megane E-Tech добива Esprit Alpine пакет на опрема со фејслифтот, што вклучува поагресивна предна маска, како и 20-инчните фелни кои се многу слични на оние на Scenic E-Tech. Ова е всушност првото мало ЕВ на Renault со Esprit Alpine опрема; Twingo и 4 сѐуште не го добиле овој пакет, а 5 има близнак со Alpine знакче, Alpine A290, наместо само пакет на опрема. Инаку, пакетите на опрема се сега поедноставени; слично како Rafale, само Techno и Esprit Alpine ќе бидат достапни, и Renault ветува дека и двата имаат многу опрема.

Позади имаме мало освежување кај светлата, кои и понатаму се споени во light bar. Еден интересен момент е што новиот Megane E-Tech, иако не се работи за нова генерација, е околу 20мм повисок од претходниот. Тоа се должи на новата батерија; поголемата батерија на Megane E-Tech досега беше 60 kWh, а сега е 67 kWh, и е со литиум-железо-фосфат хемија.
Како што сум спомнал претходно, LFP хемијата е најстабилна и најмногу трпи редовно полнење до 100%, но не е толку енергетски ефикасна како никел-манган-кобалт хемијата која Megane E-Tech досега ја користеше.
Renault нашле решение и за тоа; за прв пат имаме LFP батерија каде што дури 232 ќелии се стокмени блиску една до друга, што значи дека 53% од батеријата се користи за складирање на енергијата. Сепак, бидејќи LFP батериите се малку погломазни од NMC, новиот Megane E-Tech е малку повисок.

Од друга страна, префрлањето на LFP хемија носи друга придобивка – овие батерии се поефтини, што би требало да значи намалување на цената. Renault ветува опсег на струја до 500 км според WLTP, што е огромно подобрување во однос на досегашниот Megane E-Tech. Електромоторот е непроменет, барем појакиот; сеуште е поставен на предната оска и сеуште има 220 коњи. Освежениот Megane E-Tech исто вклучува двонасочно полнење.

Внатрешноста исто има некои новитети. Освен уникатниот дизајн и тапацир на Esprit Alpine верзијата, имаме надградби во инфозабавниот систем и дисплејот за инструментите. Инфозабавниот систем работи на најновиот OpenR Link систем, кој е базиран на Android Automotive и ветува поддршка за многу класични Android апликации. Навигацијата се одвива исклучиво преку Google Maps, а друг новитет е интернет хотспотот; сите клиенти ќе добијат три години интернет поврзување во својот Megane, со 2GB месечно. Ова претпоставувам дека ќе биде различно во зависност од пазарот, но сепак, вреди да се спомне. Секако, ќе имате опција и за Apple CarPlay и Android Auto доколку сакате.

Сензорот кај воланот кој мониторира дали сте будни додека возите е исто така еден вид систем за идентификација; може да препознае до пет возачи, и да подесува различни параметри соодветно. Исто така, индукцискиот полнач за мобилен е префрлен на Qi2 стандардот, што значи дека сега има магнет за да ви го држи телефонот стабилно.

Megane E-Tech исто го наследува режимот за возење со една педала од 5 E-Tech, а нивото на регенеративно кочење ќе се подесува преку лопатки на воланот, како да менувате брзини. Како што гледам, Renault го примениле и фидбекот за рачката за менувачот; забележав кога го тестирав Megane дека е лесно да стиснете на некоја од другите контроли кои се на таа страна, но сега менувачот е подолг од другите контроли, што би значело дека е полесно да го погодите.
Секако, има и цела лепеза на активни и пасивни безбедносни системи, како и одличната употреба на димензиите; и покрај должината од 4.2 метри, Megane E-Tech пак има одлични 440 литри багажен простор.
Засега нема инфо за тоа колку ќе чини новиот Megane E-Tech и кога би пристигнал кај нас, но ако искуството зад воланот е барем слично со досегашниот, едвај чекам да го пробам.