Новитети

Renault 4 Savane е спремен за терени и сериско производство

Марко Соколовски2 мин.

Минатата година беше претставен третиот член од семејството на ретро ЕВ на Renault, Renault 4 E-Tech (се отвора во нов таб). Освен фантастичниот ретро дизајн, интересен момент кај Renault 4 E-Tech е тоа што е кросовер, наместо класичен хечбек. Renault сега реши да го искористи тоа максимално, и искрено да ви кажам, на најдобар можен начин.

Ова е Renault 4 Savane

Renault

Како што гледате, Renault 4 E-Tech е почетна точка за Savane концептот, но на тоа се додава оваа интересна зелена боја и овие фелни кои личат на нешто што би виделе на озбилен офроудер. На тоа додава зголемениот клиренс, 15мм во однос на обичниот Renault 4, како и Goodyear теренските гуми. 

Кога сме кај озбилен офроудер, има едно знакче позади што дава сигнал што е најважната работа кај Savane: 4x4. Savane има уште еден електромотор на задната оска, што значи траен погон на сите четири тркала. 

Renault

Обичниот 4 E-Tech е достапен само со еден електромотор на предната оска, во две изведби. Максималниот износ на регуларниот модел е 150 коњи, што значи дека постојат големи можности дека Savane има преку 300 коњи. 

Renault

Освен овие детали, другото е сѐ во глобала исто како серискиот Renault 4 E-Tech, што во превод значи дека изгледа како да е спремен за сериско производство. Иако од Renault не потврдиле ништо конкретно, во секој случај, со тек на време брендот планира да извади модел на AmpR Small платформата (5 E-Tech, 4 E-Tech, Alpine A290, Twingo E-Tech) со два електромотори и погон на сите четири тркала.

Renault

Кога ќе размислиме, најмногу има смисла тој модел да биде 4 E-Tech. Освен тоа што тој е кросовер во секој случај, концепт моделот кој го најави серискиот 4 беше баш спремен за офроудање. 

Renault

Savane најмногу служи да ни покаже дека два електромотори и 4х4 е возможно со оваа платформа, но останува да се види кога и дали ќе се произведува сериски. Мене ако ме прашувате, ако овој модел не стигне до сериско производство, навистина би било грев. Ајде Renault, не се мислете многу. 

Ти се допадна?

Повеќе новитети

Сите објави