Наскоро ќе започне Саемот за автомобили во Париз, и полека, но сигурно, брендовите ги подготвуваат премиерите. Сега дознаваме што подготвува Opel за овогодинешниот саем, и има некои занимливости.
Да видиме?

Opel излегува на саемот оваа година со една важна премиера, а ќе ги изложи и електричните модели од портфолиото. Главниот фокус ќе биде концепт автомобилот наречен STX, кратенка од Sports Tourer eXperimental. Како што наведува името, иако не знаеме точно како изгледа моделот, ќе биде караван. Бонус поени уште во старт!
Со овој концепт, Opel ќе ја најави иднината на својот дизајнерски идентитет, и иако STX можеби(!) нема да влезе во сериско производство директно, некои од дизајнерските елементи кои ќе ги видиме на него ќе се појават на други Opel модели со тек на време. Воедно, има шанси овој концепт најдиректно да ни ја покаже иднината на Astra – се шират гласини дека следната генерација на Astra ќе се тргне од хечбек дизајнот и ќе биде малку поекспериментален кросовер караван. Не би рекол дека тоа е правата насока, комбинирањето многу сегменти во еден автомобил не проаѓа секогаш, но сепак, ќе биде интересно да се види.

Понатаму, Opel ќе ја претстави финалната верзија на својот Formula E болид, GSE 27FE. Ако не знаевте, на почетокот на оваа година, Opel го најави своето влегување во Formula E шампионатот. Видовме прототип верзија од болидот пред неколку месеци, но на саемот ќе биде претставена финалната верзија која ќе се натпреварува.

Третиот новитет е GSE Line верзијата на Astra. Не е Astra GSE во права смисла, повеќе е дизајнерски пакет кој влече од другите GSE модели, но сепак нуди широка лепеза на погонски системи – дизел, самополнечки хибрид, плаг-ин хибрид, и целосно електричен погон. Кога сме кај GSE, на саемот ќе биде претставена и Corsa GSE, целосно електричната хот хеч варијанта на Corsa со 280 коњи.

SUV делегацијата на брендот брои три членови оваа година, и тоа брзата Mokka GSE, Grandland Electric AWD, како и Frontera Electric со поголемата батерија.
Искрено, заинтересиран сум најмногу за STX концептот. Opel дефинитивно има истакнат дизајнерски идентитет во моментов, и ме интересира во кој правец ќе оди, а ако тие гласини се вистина, ме интересира и како ќе изгледа иднината на Astra.
Саемот за автомобили во Париз ќе се оддржи од 12.10.2026 до 18.10.2026 во Пор де Версај, Париз.
