Да, имаше едно време кога MG беше целосно британска марка и своите модели ги произведуваше во Европа. Знаеме дека сѐ повеќе од кинеските производители се подготвуваат да ги склопуваат своите модели во Европа од еден куп различни причини. MG е најновиот бренд кој се приклучува во оваа офанзива, па да видиме.

Шпанија навистина се покажа како одличен играч во целава работа; ги отвора своите врати за странски инвестиции за повеќе кинески производители (без разлика дали тие фабрики се на некоја друга компанија), а најновиот од нив е MG.

Брендот подготвува фабрика во Галисија, која ќе започне со работа во 2028 година. Ќе отвори 2.000 нови работни места, а инвестицијата се проценува на околу 200 милиони евра. Тука би сакал да напоменам дека ова не е договор помеѓу MG и европски производител; оваа фабрика ќе биде целосно на MG.
Погонот ќе има капацитет од 120.000 возила годишно, а како што наведуваат од MG:
Комплексот ќе ги обедини истражувањето и развојот на возила, напредното производство, снабдувањето со клучни компоненти и интелигентните логистички операции, создавајќи целосно поврзан индустриски екосистем.
Инаку, MG неоддамна го обележа своето милионито испорачано возило во Европа, а во подготовка се доста новитети. Освен S5 EV електричниот кросовер, кој е веќе достапен кај нас, во Европа веќе пристигна големиот S9 плаг-ин хибрид со седум седишта.

Наскоро би требало да ги видиме и освежениот MG 4, како и (неповрзаниот) MG 4 Urban, со кој MG ќе се придружи на новиот бран на мали, ултра достапни електрични возила како Renault Twingo E-Tech, Dongfeng BOX и, наскоро, оживеаниот Citroen 2CV и засега неименуваниот модел од Fiat.

Што се однесува до електрификацијата, MG е еден од првите брендови кој стави полуцврста батерија во производство, наречена SolidCore.
Вилијам Ванг, генералниот директор на MG за Европа и Велика Британија изјави:
Од технолошки иновации до локализација на производството и истражувањето и развојот низ Европа, поддржани од вистинско глобално портфолио на производи, MG продолжува да ги поместува границите на можното – правејќи ја напредната технологија и одржливата мобилност подостапни за повеќе луѓе од кога било досега.

Ги поздравувам MG за иновациите и за овој голем потфат за европскиот пазар, и ги честитам јубилејите! Верувам дека во скоро време на Korrmotive ќе можеме да ги испробаме сите овие електрифицирани новитети кои ги спомнав погоре, но до тогаш, повелете тестовите за HS и ZS Hybrid+.