Многу автомобилски брендови едно време ветуваа „Уште овој модел, и после сѐ ќе биде електрично,“ а тоа го вклучува и Lotus. Британскиот бренд, кој е веќе подолго време под чадорот на Geely, ни кажа пред неколку години дека Emira ќе биде последниот модел со Lotus знак и мотор на внатрешно согорување.
Ама работите се сменија од тогаш, и замислете, Lotus исто така се пишмани. Освен тоа што наскоро стига Eletre со плаг-ин хибриден (т.е EREV*) погон, сега знаеме и што ќе биде со следниот суперавтомобил на Lotus, и мислам дека ова за сите е добра вест.

Па зошто да не. Знаеме дека Lotus сериозно си ја сфаќа работата и со целосно електричните суперавтомобили, и Evija е доказ за тоа, но Type 135 ќе користи нешто што повеќе ќе им се допадне на мераклиите, а и нешто што е веќе испробано; V8 бензинец со плаг-ин елемент.
Преку објава на социјалните мрежи, Lotus официјално потврди дека Type 135 ќе користи ваков погон, а имаме и многу темна фотографија од задниот дел, каде што се гледаат двата огромни издуви кои малку потсеќаат на оние на Porsche Carrera GT. Инаку, претходната идеја беше Type 135 да биде целосно електрична замена за Emira, која во моментов е достапна исклучиво со бензински мотори добавени од Mercedes-AMG и Toyota.

Засега немаме нешто многу информации за Type 135, но знаеме дека ќе има преку 1.000 коњи. Според тоа, можеме да заклучиме е дека Lotus ги таргетира Lamborghini Temerario и Ferrari 849 Testarossa, кои исто така користат плаг-ин хибриден V8 погон. Мислам дека поконкретно во случајов главниот конкурент на Type 135 ќе биде Testarossa, бидејќи и таа има преку 1.000 коњи, а Temerario има 819. Сепак, тоа не значи дека не оди никаква споредба со двете.

Што се однесува до името, Type 135 е само прототипско име – уште немаме потврда како ќе се вика, но сите знаци покажуваат кон Esprit. Би имало смисла, не само бидејќи тоа беше последниот Lotus модел со V8 мотор, но и Lotus ја обнови трговската марка Esprit во 2023. Можеби ќе има и сосем ново име, но за вакво нешто мислам дека ќе се сложиме сите дека одговара Esprit, и таквите како мене кои уште тагуваат по целата гама концепт модели на Lotus од 2010 година (кој знае, знае) ќе бидат среќни.
Ќе дознаеме повеќе инфо за Type 135 подоцна во 2026, а инаку моделот официјално ќе почне со продажба во 2028 година, и ќе се склопува во Европа, претпоставувам во фабриката на Lotus во Хетел, Англија.
*Extended range electric vehicle / електрично возило со продолжен опсег, каде што бензинскиот мотор служи како генератор за батериите.