Новитети

Lamborghini се откажа од првиот електричен модел

Марко Соколовски2 мин.

Додаваме уште една ваква приказна на списокот. Како што испеа еднаш славниот Фреди Меркјури, „another one bites the dust…“

Електричниот Lamborghini Lanzador си замина во историјата

Lamborghini

За оние кои не сте во тек, Lamborghini Lanzador, кој беше најавен со концепт автомобилот кој го гледате на сликиве, требаше да биде првиот електричен модел на Lamborghini, и првичниот план беше да се појави околу 2028 година. Сега, според најновите информации, проектот Lanzador е откажан.

Стефан Винкелман, извршниот директор на Lamborghini, вели:

Голема инвестиција во развивање на ЕВ кога пазарот и клиентите не се подготвени би било скапо хоби, и финансиски неодговорно кон акционерите, клиентите и кон нашите вработени и нивните семејства.
Lamborghini

Заедно со ова, Винкелман потврди дека нема да видиме ни електричен Urus во скоро време, иако планот првично беше Urus постепено да еволуира во целосно електричен модел, а тоа започна со Urus SE, кој е плаг-ин хибрид.

Сепак, не е се лоши вести. Само целосно електричната изведба на Lanzador e откажана, но сега посериозно се разгледува плаг-ин хибридна верзија. Винкелман исто додаде дека на електричните возила им недостасува таа емоционална конекција што возачите ја имаат, на пример, со моделите со мотори на внатрешно согорување. 

За тоа делумно се согласувам, и иако електричните возила си имаат свој карактер (да, имаат карактер, и покрај тоа што сте го чуле), не е исто гласен V12 и нечуен електромотор.

Lamborghini

Што се однесува до откажувањето на електричниот Lanzador, комплетно ја разбирам одлуката и мислам дека е паметна, со оглед на моменталната неизвесност околу интересот и купувањето на електрични возила, а по готово луксузни и скапи. Сепак, трн во око е моментот што ова не е целосно конзистентно со другите брендови под чадорот на Volkswagen AG, и не е конзистентно ни со конкуренцијата на Lambo. 

Lamborghini

Ferrari го спрема дебито на Luce за во мај и веќе го претстави ентериерот (се отвора во нов таб), и иако Porsche се откажа од електричните замени за 718 (се отвора во нов таб), Bentley се подготвува да го претстави своето прво ЕВ годинава, и Audi не отстапува од електричен спортски автомобил, веројатно базиран на Concept C, и покрај одлуката на Porsche. Сепак, ќе почекаме уште малку подолго пред да видиме Lamborghini кое работи исклучиво на батерии.

Ти се допадна?

Повеќе новитети

Сите објави