За прв пат ви пренесувам ваква информација. Сепак Korrmotive е за сѐ на четири тркала, а мислам дека сите ќе се сложиме дека ова е интересна и добра вест која дефинитивно нѐ засега. Унгарските медиуми веќе го потврдија ова, а наскоро и другиве наши медиуми ќе потврдат сигурно.

На почетокот на годинава Министерството за транспорт го распиша тендерот за набавка на 150 електрични автобуси, како и за 75 полначи кои ќе ги снабдуваат тие автобуси со енергија. Конкретно, Electrobus Europe Zrt., кој е член на Ikarus групацијата, го освои тендерот.

100 од овие автобуси се предвидени за главниот град, додека 50 се резервирани за другите општини со развиен јавен превоз. Според договорот, првите 30 треба да бидат испорачани во наредните 6 месеци, па потоа 60 во рок од 12 месеци, и последните 60 во рок од 18 месеци по потпишувањето на договорот.

Тендерот распишан од нашето Министерство наведе дека возилата треба да имаат минимум опсег на струја од 325 километри, минимум капацитет на батеријата од 360 kWh, четири години гаранција на самите возила и на батериите, како и доволна количина на резервни делови за 10 години. Се чини дека им дојде памет за ова последново.

Според објави од унгарските медиуми, моделот на автобус кој ќе го гледаме по улициве до крајот на годинава е Ikarus 120e V4. Долг е 12 метри, и користи LFP (литиум-железо-фосфат) батерии, што би нуделе до 580 км опсег на струја.

LFP хемијата, иако нема голема моќност по ќелија, е сепак најстабилна и најдобро издржува редовно полнење од 0% до 100%. Стандардно доаѓа со три влезови, со опција за други конфигурации, и има вкупен капацитет 85 патници; 35 седишта и 50 стоечки места.

Конечно нешто конкретно, луѓе! Да се порадуваме на подобар јавен превоз и на локалнава сцена. Доколку има некаква можност, штом ги пуштат во сообраќај, Korrmotive може да појде од последна до последна станица на некоја линија да видиме како ќе се покажат. Само да се надеваме дека нема веднаш да бидат оштетени од страна на несовесни луѓе…
НОВОOpel ја претстави Corsa GSE, а работат и на електричен SUV со Leapmotor

Hyundai Ioniq 3 влегува во растечкиот сегмент на мали електрични возила.

Новиот Audi Q4 e-tron добива очекувани, но забележливи подобрувања